ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ
Тропар на преносот на моштите на
светиот Никифор Цариградски
13 март / 26 март
Велики Никифоре, пастиру на стадото Христово,
денес црквата глас кон Бога за тебе подигнува,
денес Господ благоизволи чест на
твоите свети мошти да подари,
од рацете на твојот ученик Методиј патријархот,
со радосно срце на Теодора света,
телото твое во слава Божја на верните се предава,
за сведоштво на животот вечен,
за спасение, од гревовите простување
на оние кои го празнуваат твојот чесен спомен.
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче
Тропар на светиот Христов
маченик Александар од Пидна
13 март / 26 март
Дрскоста на загубените беше исмеана о Александаре,
од благодатта која целовито тебе те сочува –
храбар исповедниче Христов.
Сегашноста за тебе, а за нас иднината
вечност ни доловија преку светите мошти,
при кои припаѓаме и ги просиме
за спасение твоите свети молитви.
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче
Тропар на светата Христова
маченичка Христина Персијанка
13 март / 26 март
Името Негово блажена Христино не само во срцето,
туку и во самата појава твоја се огледуваше,
кога како исповедник силата Божја
во мачеништвото се покажа.
Непоколеблива девственичке,
за нас спомни си во твоите свети,
за човечкиот род, молитви.
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче
Од Верскиот календар на МПЦ (26.03.2024)
ТРОПАР
Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на аполитикион (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.
Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.
Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.
Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.
ПреминПортал
2024 лето Господово
Од Верскиот календар:
Пренос на моштите на Свети Никифор, патријарх Цариградски
Управуваше мудро и ревносно со Светата Црква како најголем цариградски архипастир. Кога Лав Ерменин стана против иконите, тој му се спротивстави на царот и прво го советуваше, но потоа го изобличи. За ова нечестивиот цар го протера на островот Проконис. На тој остров имаше манастир којшто самиот Никифор го беше изградил во чест на Св. Теодор. Таму овој исповедник на православната вера помина тринаесет години, а потоа се упокои во Господ во 827 година. Кога изгинаа сите цареви иконоборци и на царскиот престол седна Михаил со мајка му Теодора, а на патријаршискиот беше вратен патријархот Методиј, тогаш (846 година) моштите на Свети Никифор ги пренесоа од Проконис во Цариград и прво ги положија во црквата Света Софија од која беше прогонет за време на животот, а потоа во црквата на Светите апостоли. Главното празнување на овој јерарх е на 2 јуни, а на 13 март се празнува откривањето и преносот на неговите нетлени мошти. Свети Никифор е прогонет од Цариград на 13 март, а по деветнаесет години на истиот датум во престолнината ги донесоа неговите Свети мошти.