На прашањето во врска вонтелесното оплодување, Ви го пренесуваме соопштението од Православниот богословски факултет
Православен богословски факултет: Сите методи на медицинско оплодување не се во согласност со Божјите закони
--------------------------------------------------------------------------------
Скопје, 17 март (МИА) - Деканот на Православниот богословски факултет во Скопје Ратомир Грозданоски во денешното соопштение го објави православниот богословски став за новите репродуктивни технологии со цел, како што се наведува, православните христијани да изградат правилен однос кон прашањето за вонтелесно оплодување ин витро и отворање на банка за сперма.
Наставно научниот совет на Факултетот смета дека сите методи на медицинско оплодување не се во согласност со Божјите закони. Новите репродуктивни технологии како што се вонтелесно оплодување, лекувањето на неплодноста, вештачката инсеминација, ин витрото и банката на сперма, според нив, ја разградува природата на семејната заедница.
Стерилноста на брачните заедници, како што соопштуваат, не е последица на онтолошкиот статус на човекот, туку е предизвикана од трансформација на природната средина чиј краен резултат е еколошката катастрофа.
Православниот богословски факултет смета дека за зголемување на процентот на неплодност придонесуваат абортусите и ширењето на инфекциите кои се пренесуваат по пат на половите односи. Христијанското семејство се создава така што за критериум на неговото создавање се земаат вечните и природните и нормалните за човечката онтологија закони Божји. Проблемите на болеста односно неплодноста или на раѓањето деца се осознаваат како волја на Творецот. Затоа терминот „планирање“ му е туѓ на духот на христијанското семејство, се вели во соопштението на Православниот богословски факултет. рп/сп/19:41
Друго:
НОВИОТ МЕТОД ГИ РАЗБРАНУВА ДУХОВИТЕ
МПЦ не благословува бебе од епрувета
Раѓање деца со методот на вештачко оплодување претставува грев и не е во согласност со Божјите закони, вели Ратомир Гроздановски, декан на Богословскиот факултет
Раѓање деца со методот на вештачко оплодување претставува грев и не е во согласност со Божјите закони, предупредува Македонската православна црква, како реакција на неодамна донесениот закон во земјава. Советот на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ со соопштение укажува дека тоа може да доведе до манипулација со човекот. Стерилните брачни заедници, чија бројност е се' поголема, не се последица на биолошката еволуција на човекот. Тие се предизвикани од трансформацијата на природната средина чиј краен резултат е еколошката катастрофа. За ширењето на неплодноста придонесуваат абортусите и ширењето на инфекциите - потенцираат професорите од Богословскиот факултет на МПЦ.
Пациентите и лекарите ја разбираат реакцијата на МПЦ, но изјавуваат дека во вештачкото оплодување гледаат спас за проблемите околу добивањето потомството. Знам дека Црквата се раководи од своето учење кое забранува и абортуси. Но, јас не можев да добијам дете по природен пат. Има надворешни причини зошто не можев да останам бремена, но требаше ли да чекам да се средат сите тие проблеми за да добијам дете. Тогаш ќе беше веќе доцна - вели 38-годишна скопјанка. Д-р Глигор Димитров од Клиниката за гинекологија смета дека лекарите мора да им помагаат на пациентите што имаат здравствени проблеми:
- Кога се врши вештачко оплодување, ние не навлегуваме во верските убедувања на луѓето. Би биле најсреќни кога кај никого не би постоеле проблемите да добие потомство. Но кога проблемот е тука, треба да се помогне. Јас учествував во пишувањето на нашиот закон и тој е правен според практиката на многу европски земји во кои и покрај силната позиција на Црквата, е дозволено вештачкото оплодување. Во земјава, секоја година се вршат значителен број вештачки оплодувања. Скопската болница „Мала Богородица“ неодамна се пофали дека во изминатите седум години помогнала во раѓањето на 650 бебиња преку ин-витро постапката. Осветувањето по повод почнувањето со работа на оваа болница го изврши лично поглаварот на МПЦ, архиепископот г.г. Стефан. Ратомир Гроздановски, декан на Факултетот, објаснува дека вештачкото оплодување е поврзано и со други гревови: Да се создаде тоа дете, машкото семе се добива со мастурбација, која е исто така грев. Потоа се оплодуваат повеќе ембриони за од нив да се изврши селекција кои ќе продолжат да живеат. Вишокот на оплодените ембриони, во кои е зачнат животот, едноставно се убиваат. До потомството треба да се дојде преку телесна и духовна чистота, со покајание и обраќање кон Бога - вели Гроздановски.Тој додава дека Црквата нема да презема посебни мерки спрема верниците што извршиле вештачко оплодување бидејќи „сите сме грешни и гревовите треба да се одбегнуваат“.
(Б.Ѓ.) - Дневник
Посети:{moshits}