Слово на Неговото Високопреподобие, Архимандритот Партениј изговорено на чинот на осветувањето на конаците Горни и Источен Палат во Бигорскиот манастир
Бигорскиот манастир е принос на нашиот народ за Бога, сведоштво за неговата пламена вера, ламбада која гори пред Престолот Божји за нашата многустрадална Татковина. Вековите сведочат дека секогаш кога Бигорското светилиште доживувало воскресение, тоа истовремено значело и духовно, интелектуално и морално издигнување на нашиот народ.