1. Пасха – најсаканиот празник, но Пасха духовна – очистувањето од гревовите и страстите
Откако ја изминавме средината на постот, со Божја помош, ние веќе гледаме како се приближува Пасха. Но, зошто вака силно сакаме ние да дојдеме до Пасха, која доаѓа и поминува секоја година? Зар ова не го правиме веќе многу години? Ќе дојде и ќе помине и оваа Пасха, бидејќи во овој свет ништо не стои неподвижно, а нашите денови минуваат како сенка ( Јов 8, 9), „но дните мои беа побрзи од гласникот, - далеку побегнаа, не видоа никаде добро“ (Јов 9,25), додека најпосле не дојдеме до нашиот крај. Па што ќе речеш: зар Пасхата не е сакана? Се разбира, ја сакаме многу и копнееме по неа. И како поинаку може да биде? Но, онаа Пасха, која секојдневно може да се празнува, таа е уште попосакувана. А која е и каква е таа Пасха? Таа е: очистување на гревовите, скрушеност на срцето, солзи умилни, чистота на совеста, умртвување на земните членови на блудот, нечистотата, страстите, лошата похот и секој грев – со дело извршуван. Оние што се удостоиле да бидат во ваква прекрасна состојба, тие не еднаш во годината, туку секој ден ја празнуваат Пасхата Господова – многусаканиот празник.
2. Нечистиот не може да ја празнува Пасхата.
Оној што го нема спомнато, туку е под власта на страстите, како ќе може тој Пасхата да ја празнува? Кој може да ја празнува, ако стомакот му е бог? И кој се распалува со телесна похот, или зависта кого го гризе, или кој од среброљубието е заробен, или од суетата покорен или кој на другите страсти им робува? Може ли болниот што од оган гори да говори дека спокојно почива, а оној што претрпел бродолом – дека пловењето негово било успешно? Такво нешто никој не може да прифати. Како што оној кој е во темница – не е во светлина, така и оној што живее во гревовни дела – Пасхата не може да ја празнува.
3. Но, вие сте чисти; вашето живеење води кон Бога.
„Од вас, возљубени, ние очекуваме нешто подобро и спасително“ (Евр. 6, 9). Зашто нашиот живот не е ништо друго, освен подготвување за празнување. Зашто, гледај, што правиме ние? Пееме и пееме псалми, читаме и пак читаме, постојано слушаме поученија, постојано се молиме; тоа е како некој круг, кој нѐ води кон Бога и нѐ соединува со Него. Како е прекрасен ваквиот начин на живеење! Како е блажено и преблажено ваквото живеење!
4. Да бидеме ревносни Пасхата наша да биде чиста и духовна, за да се удостоиме со неа и во идниот живот. (4, 67)
И така, кон Пасхата, како ни се покажува, сакана и посакувана, кон неа да се стремиме и неа, таквата Пасха, да се трудиме секој ден да ја празнуваме, а ова значи: да ги умртвуваме страстите, да ги воскреснуваме добродетелите, да Му подражаваме на Господа, зашто „Христос пострада за нас, оставајќи ни пример, за да врвиме по Неговите стапки“ (1. Петр. 2, 21). Ова не го говорам како да им се правам судија на другите: „Оти секој ќе го понесе своето бреме“ (Гал. 6, 5), туку за да ја чувствуваме благодатта, која ни е дадена, и да Му благодариме на Бога и да Го прославуваме нашиот Добротвор, Кој не само што ни дава сѐ што ни е потребно во сегашниот живот, туку и на оние, кои Му работат до крајот – ќе им ги даде и сите ветени блага и на сите нас ќе ни даде да ја празнуваме оваа вечна Пасха, која да ја добиеме сите ние со благодатта и човекољубието на нашиот Господ Исуса Христа.
Свети Теодор Студит – Поученија за монаси (279.) - Добротољубие
Подготви: Т.С.
16.04.2017