Неспособноста да се радуваме…
Религија на стравот; религија на лажното смирение; религија на вина: сето тоа се искушенија и стапици - многу моќни, кои се не само во светот, туку и во Црквата. „Религиозните“ луѓе се сомничави за радоста. Луѓето постојано доаѓаат и бараат совет. Ги исповедам и зборувам, зборувам, зборувам; а слабоста и лажниот срам некако ме спречуваат да им кажам: „Немам совет за вас. Имам само слаба, разнишана, но, за мене, непрестајна радост. Го сакате ли тоа?“ Не, не го сакаат!!!
Изворот на лажната религија е неспособноста да се радуваме или, можеби, попрво одбивањето да се радуваме, додека радоста е апсолутна суштина... Стравот од Бога и смирението се здрави само кога се поврзани со таа радост, и само тогаш се вистинити и плодоносни! Надвор од таа радост тие добиваат демонски карактер и стануваат најдлабока изопаченост на секое религиозно искуство.
Религија на стравот; религија на лажното смирение; религија на вина: сето тоа се искушенија и стапици - многу моќни, кои се не само во светот, туку и во Црквата. „Религиозните“ луѓе се сомничави за радоста.
Првиот и основен извор на се е „мојата душа се радува во Господа...“ Стравот од гревот не нè спасува од гревот! Радоста во Господ спасува! Вината или морализмот не го ослободуваат човекот од светот и неговите искушенија. Радоста е темелот на слободата на која сме повикани да застанеме. Каде, како и кога ова станало искривено и монотоно во христијанството? Или, всушност, каде, кога и зошто христијаните станале глуви за радоста? Како, кога и зошто Црквата, наместо да ги ослободува луѓето кои страдаат, почнала садистички да ги заплашува?
Луѓето постојано доаѓаат и бараат совет. Ги исповедам и зборувам, зборувам, зборувам; а слабоста и лажниот срам некако ме спречуваат да им кажам: „Немам совет за вас. Имам само слаба, разнишана, но, за мене, непрестајна радост. Го сакате ли тоа?“ Не, не го сакаат!!! Сакаат да зборуваат за „проблеми“ и да разговараат за „решенија“.
Не, нема поголема победа за ѓаволот во светот од оваа „психологизирана“ религија. Во психологијата има се и сешто. Едно нешто што е незамисливо и невозможно кај неа е радоста.
Моќта на гревот не е во тоа што човекот е искушуван од очигледното зло, туку во тоа што неговото срце е заробено од разни видови ситни страсти и што не може да дише и да живее нормално. Во борбата против овој затвор не е доволно само да се залагаме за побожност и молитва. Побожноста може да биде, и често е, ситна; а молитвата може да биде насочена само кон себе. Истото прашање се поставува и за богатството на нашето срце, за радоста.
Без радоста, побожноста и молитвата се без благодат, бидејќи нивната сила е во радоста. Религијата стана синоним за сериозност која не се восогласува со радоста. Затоа е и слаба. Луѓето сакаат одговори, мир, смисла од религијата, а смислата лежи во радоста. Тоа е одговорот што ги содржи сите одговори!
„Затоа што Ти си вистинска желба и неискажлива радост на оние што Те љубат, Христе Боже наш, и целото создание навек Ти пее...”
протоереј Александар Шмеман / prijateljboziji.com
За Преминпортал Симеон Стефковски
2ри февруари 2023 лето Господово