Преподобен авва Исаија Отшелник
ЗА ДЕЈСТВУВАЊЕТО НА НОВИОТ ЧОВЕК
7. Погледни се и ти, кој си се крстил во името Господово, такви ли се твоите дела, како оние, во кои Он се објави Себеси? Или каков ќе се јавиш во денот на Славата Негова и со каква награда ќе се овенчаш, ако го немаш венецот на победата над страстите, победени од тебе, - оние (страсти) кои веќе ги има победено твојот Цар, покажувајќи ти пример во Себе? Зашто, кога ќе се јави во слава, Он, Царот на царевите, и Господ на господарите, ќе биде јасно видлив за сите народи и славата Негова ќе биде велика, имајќи го за знамен она, на што беше пострадал за нас (Крстот); а ти ќе застанеш пред Него, без да имаш ништо, во своето тело, од плодовите на неговите страданија. Тогаш Он ќе ти речеː Не те познавам! Таму ќе ги видиш сите светии, кои умреле за Него, кои ќе го имаат Неговиот знак, - и ќе се срамиш да се појавиш пред лицето Негово. Созерцувај го животот на сите светии, и ќе видиш дека тие претрпеле зло, но никому не му вратиле зло за злоː само крвта на сите нив викала кон Богаː „Побарај сметка за нас од оние, што живеат на земјата“. – Јас, пак, кој го засакав спокојот на земниот живот, што ќе кажам во оној ден, кога ќе ги видам Пророците, Апостолите, мачениците и останатите Светии, кои, откако претрпеле навреди, долго трпејќи, не возвраќале за злото, та дури и не се гневеле; зашто знаеле, дека тоа што им се случува не е по волјата човечка, туку – е неправда на ѓаволот, кој ги тера луѓето да ја извршуваат неговата волја; бивајќи убивани, или со камења отепувани, или со оган изгорувани, или потопувани, тие не се гневеле на своите мачители, туку се молеле за нив, да им биде простено, знаејќи, кој ги тера да го прават сето тоа.
8. Испитај се, возљубен брату, самиот себеси, какви се, пак, твоите дела, - разбери ги помислите свои, - какво е она, што го имаш во себе, пред лицето на Бога. Зашто, во тој час, ништо не ќе можеш да сокриеш, не ќе може човек - нешто да каже, а нешто да сокрие; туку кога ќе се изврши воскресението, тогаш секој ќе стане облечен во своите дела, како во облека, - во гревови ли, или во правда. Овие дела ќе зборуваат, - и секој самиот ќе разбере, каде му е местото. Блажен е оној, што се подвизувал и што го слекол од себе сето она, што може да го вовлече во геената, а се облекол во она, што ќе го вознесе во Царството Божјо. Апостолот вели: Знаеме, дека, кога земното живеалиште на нашето тело, кое е како шатор, ќе се разруши, тогаш имаме од Бога дом, куќа неракотворна, вечно живеалиште на небесата (2 Коринтјани. 5,1). Времето на нашиот живот е ништожно, и ние се мамиме кога мислиме поинаку; - ненадејно ќе не стигне смртниот час, - а тогаш ќе се оскрбиме со вечен плач.
Изворː ДОМОСТРОЈ, РОЖДЕСТВО ХРИСТОВО ’95 бр. 11/12
За Преминпортал
Подготви: Светланка Трајчева
6-ти септември 2018 лето Господово
Друго:
- Поуки од Светите Отци