Аскетски поуки од преподобниот отец Нил Синајски
5. Мисли и поуки, слични на претходните, од делата на преподобниот отец Нил Синајски
55. Како што на уплаканата вдовица синовите нејзини и служат за утеха, така и на паднатата душа, утеха ѝ се нејзините подвижничките трудови кои ги расејуваат помислите на нејзиното очајание, го утврдуваат нејзиното покајание со вера, ја повикуваат милосрдноста Христова и ги избришуваат направените гревови.
56. Како што младото куче се обидува да им го грабне лебот на децата, така и лукавите помисли настојуваат да му го одземат разбирањето на нашето срце. Затоа не треба на демонското лукавство да гледаме како деца, за да не им ја дадеме душата наша на разграбување.
57. Како што мноштвото сјајни ѕвезди го осветлува небото, така и вистината на Божјите зборови, како некој светилник внатре во нас ја осветлува нашата душа. Затоа сите да го имаме истиот образ на вистината, зашто „Бог им дава домови на осамените“ (Псал. 67, 6).
58. Како што сонцето со своите зраци ѝ се насмевнува на целата земја, така и љубовта со своите светозарни дела ја поздравува секоја душа. Ако ја придобиеме неа, тогаш ќе ги изгасиме страстите и ќе засјаеме до небесата. Секој труд лесно се извршува штом ќе ја придобиеме светата љубов; а кога неа ја немаме, во ништо успех немаме. Тогаш и гневот беснее и животот ни огрубува и во нашите трудови кон возвишената мудрост се примешува славољубието.
59. Најнапред треба да се бориме со нашите страсти и со голема трезвеност да си спомнуваме за сѐ што се случувало за време на духовната борба, а потоа, врз основа на она што сме го искусиле, и на другите да им ги кажуваме правилата на духовната борба и да им помагаме на тој начин, та победата да им ја направиме полесна, кажувајќи им однапред на каков начин да ја водат таа борба. Некои можеби ги победиле страстите во себе преку долговремен строг пост, но не го знаат начинот на водењето на борбата и победата, бидејќи, како во некоја ноќна борба, тие не можеле да го следат нејзиниот тек, и умот нивни не ги забележал и не ги познал демонските итри планови.
60. Оној што го вкусил безмолвието и почнал до некаде да се занимава со созерцанието нема да се согласи да го врзува својот ум со грижа за телесното и, оддалечувајќи го од духовното знаење, да го свртува кон земните работи, кога тој воглавно се издигнува високо.
61. Кога се победени страстите, демоните веќе од никаде нe нѐ вознемруваат; тогаш нема потреба од употребување на одбрамбените оружја; - тогаш можеме да пристапиме и со тоа да ги обработуваме душите. Но додека страстите во нас уште имаат сила, борбата со телесното мудрување продолжува. Тогаш не треба да ги испуштаме оружјата, туку непрестајно да ги имаме при рака, за да не им дадеме можност на нашите непријатели, гледајќи нѐ спокојни и немарни – да нѐ нападнат и да нѐ заробат без пролевање крв.
62. И светиот пророк Мојсеј, кога го водел израилскиот народ во ветената земја, за да ги уништи народите што живееле таму, на народот му дал ваква поука, велејќи: „Внимавај да не влезеш во стапица, кога ќе тргнеш по нив, откако ќе бидат истребени пред тебе, и да не ги бараш боговите нивни“ (5. Мој. 12, 30). Оваа поука е многу пригодна за оние, кои, по победата на страстите, не внимаваат сериозно на своето срце. Тогаш во нив почнуваат да се појавуваат некакви нејасни слики за она што било одамна. И оној што ќе им даде на тие слики слободно да влезат во неговиот ум, тој одново ќе им даде на страстите можност да се населат во него, откако еднаш ги победил, правејќи го на тој начин животот, не безопасен од демонските напади. Зашто на страстите, дури и кога се скротени – слично на волови, приучени да јадат сено – својствено им е, поради невниманието на скротувачот, одново да подивеат и да се оѕверат.
63. „Проклет да е оној човек, што ќе направи изрежан или излиен идол, одвратност пред Господа, работа на уметничките раце, па го става на скриено место! Целиот народ да биде известен и нека рече: амин! ( 5. Мој. 27, 15). Не е едно и исто: нешто засекогаш да се скрие во земја и привремено да се стави во скривница. Она што е скриено во земјата и за што веќе не си спомнуваме поради тоа што во него нема веќе никакви слики во сеќавањето, не е исто со она што е ставено настрана, во скривница и што често бива погледнувано и проверувано од оној што го ставил таму и што си спомнува за него. Таков идол ставен во скривница, е секоја срамна помисла, која била во нашата глава и која не е исфрлена од неа, која потајно била задржана во неа. Кој прави така, тој се изложува на законска казна; таквото пазење на помислите е срамно поклонување на идолот.
64. Не треба да им даваме пристап во нашето срце на претставите, кои им штетат на помислите, зашто ако срцето наше се помрачува од нечистите помисли, тоа бива насилно и против неговата волја во страсно дејствување.
Извор: ДОБРОТОЉУБИЕ – Том II
За Преминпортал
Подготви: Светланка Трајчева
20-ти март 2018 лето Господово
Друго:
- Поуки од Светите Отци
- Какo да гo пoбeдимe нeпријатeлствoтo на нашитe нeпријатeли? (17.02.2018)
- Св. Јован Лествичник - За земното небо и воскресението
- Свети Јован Лествичник - За борбата со осумте главни страсти
- Подвижнички поуки од светите преподобни оци Варсануфиј и Јован
preminportal.com
- Premin - Sajt Posveten Na Hristijanstvoto
- Premin Portal - Home | Facebook
- PreminPortal (@preminportal) | Twitter