Борете се за да станете Божји синови
Треба да знаете дека како што бебето, кога ќе излезе од мајчината утроба, несвесно го чувствува овој воздух и во истиот миг почнува да да плаче, така и оној што се родил од горе и што од овој свет излегол како од мрачна утроба и влегол во умна и небесна Светлина, и на некој начин на кратко ѕирнал во неа, веднаш се исполнува со неискажлива радост и пролева сози без болка, се разбира сфаќајќи, од каде излегол и во каква Светлина се удостоил да влезе. И тоа е условот за некој воопшто да биде вброен во христијаните.
А оние што не го спознале и виделе тоа добро, ниту го задржале со голема упорност, во плач и солзи, за со такви дела исчистени, да го достигнат и, совршено да се соединат со него, да имаат заедница со него, кажи ми, како воопшто ќе се наречат христијанин?
Затоа, ве молам, потрудете се додека е време и додека сме живи, борете се за да станете Божји синови, за да бидете деца на Светлината (зашто тоа ни го дава раѓањето од горе), замразете го светот и она што е во него, замразете го телото и страстите што се раѓаат од него, замразете ја секоја лоша желба и лакомост, дури и кон најмалите созданија. А тоа ќе можеме да го направиме ако ја сфатиме големината на славата и радоста и веселбата што треба да ги наследиме. Зашто, кажи ми, што е поголемо на набото или на земјата од тоа некој да стане Божји син и Негов наследник и Христов сонаследник? Навистина ништо!
Со тоа што им даваме предност на земните и опипливи работи и што не ги бараме добрата кои се подготвени на небото, ниту сме им приврзани, ние на оние што гледаат ми даваме јасен доказ дека сме, пред сѐ, совладани од болеста на неверието, како што е напишано: „Како може да верувате кога примате слава од луѓето, а славата што е од Бога не ја барате“, а потоа и, станувајќи робови на страстите и прилепувајќи се за земјата и она што е на неа, воопшто не сакаме да ги подигнеме главите кон небото и Бога, туку, во душевното безумие отфрлувајќи ги Божјите заповеди, отпаѓаме од посинувањето од Бога.
Не лажете се, без дела нема да ни е од полза самата вера. Таа е мртва, а не се мртви оние што се дел од животот преку исполнување на заповедите. Со нивното исполнување, со делата, во нас како плод се појавуваат љубовта, милосрдието, сострадањето со ближните, кроткоста, смирението, трпењето во искушенијата, непорочноста и чистото срце, со кои се удостојуваме да Го гладаме Бог и со помош на кои се јавува и просветлува Светиот Дух што нѐ раѓа од горе, нѐ прави Божји синови, нѐ облекува во Христос, пали Светлина, ги објавува децата на Светлината, ги ослободува душите од темината и уште тука нѐ прави деца на вечниот живот.
Свети Симеон Нов Богослов
За Преминпортал подготви
Дејан Блажески
Јануари 2021 лето Господово