ПРИСУСТВО НА КРСТОТ
Лесно е да се види Крстот како настан. Тешко е да се живее како тајна. Во таа наша усилба потребна ни е помош, што можат да ни ја дадат само оние кои го прифатиле и почувствувале Крстот, оние кои го поставиле Крстот во секој аспект од својот живот. Знаете ли навистина дека Крстот е на иста возраст како и човекот? Крстот се крие зад можноста за растење, што Бог ја дава на Своето создание. Човекот се одрекува од Крстот. Ова одрекување станува почеток на падот на човекот.
Св. Григориј Палама нагласува дека Крстот Христов „претходно го проповедале и таинствено го предизобразиле старите родови“. Божјите зборови кон Авраам: „излези од својата земја, од својот род и од домот на татка си“ не се ништо друго освен наметнување на крст. Зад кренатата рака на Авраам, држејќи го ножот и подготвувајќи се да го жртвува Исак, стои прифаќањето на Крстот. Искачувањето на Исак кон местото на жртвувањето со дрво врзано на грбот е предвкус на Христовото искачување во Голгота носејќи го дрвото на Крстот. 40-годишното патување во пустината е крстоносно патување. Мојсеевиот стап, кој ја претвори горчливата вода во слатка, подигнатите раце во часот на битката, бакарната змија, внимателно го проповедаат појавувањето на Крстот, кој вкусот на смртта го претвора во Воскресение и вечност, ги победува демонските напади и ги исцелува поразените од отровот на гревот.
Присуството на Крстот е особено забележливо во пророштвата на Исаија, во покајанието на Давид, во верата на Илија, во плачот на Еремија, во фрлањето на Јона во морето. Крстот е присутен во трпението на Јов, во трпението на Јоаким и Ана, во молитвата на Захарија и Елисавета, во подвигот на свети Јован Крстител, во девственоста, смирението и послушноста на Пресвета Богородица. На Голгота, преку распнувањето на Христос се открива, дека Крстот е најсовршениот облик на изразување на Божјата љубов кон човекот. Прифаќајќи го Крстот што Адам го отфрли, Христос станува причина за нашето спасение.
Св. Јован Карпатски пишува дека преку Христовото распнување веќе го имаме Чесниот крст како гаранција за Божјото милосрдие и љубов.
Св. апостол Павле се фали со Крстот Христов. Тој не се фали со искуството што го доживеал на патот кон Дамаск и со тоа што самиот Христос го повикал. Тој не се фали со грабнувањето до третото небо. Тој се фали со Крстот, кој за некои е соблазна, а за други - безумство.
Крстот продолжува по својот пат. Го гледаме во страдањата на светителите, во солзите на богоносните подвижници, во исповедањето на верата на светите архиереи. Го гледаме како одраз во водата на купелот, во светата Литургија, во венците на младенците. Во животот на христијаните Крстот не е слика, туку живот. Основен предуслов за човековото пријателство со Христа е самоодрекувањето и носењето на Крстот. Толкувајќи го овој настан, отците тврдат дека Крстот во животот на секој човек не е само болест, испит, болка, искушение. Крст значи да се оддалечиш од гревот и свесно да одиш кон Него.
Отците ни го откриваат присуството на Крстот Христов. Св. Јован Златоуст ни говори за отсуството на крстот: „Крстот е прогонет таму каде што се навредува Бог, каде што Бог Отецот е запоставен, каде што се хули на Синот. Онаму каде што е прекршена благодатта на Духот“. Отсуството на Крстот е еднакво на отсуство на Христос. „Животот што не е во допир со Крстот е антихристов живот“.
Од Црквата, која не е ништо друго освен Телото на Распнатиот и на сораспнатите Негови пријатели, доаѓа молитвениот повик: „Радувај се, испразнување на адот! Радувај се, рајска насладо! Радувај се, дрво благословено!“.
Автор: о. Спиридон Василакос
Извор: bogonosci.bg
За Преминпортал: Симеон Стефковски
Друго: