ВРЕМЕ ЗА МОЛИТВА
Литургиската и личната молитва е многу повеќе од тоа да изречеш неколку молитви или да ги броиш прозбите кои ги упатуваш во молитвата.
Можеби изгледа парадоксално, но во молитвата мора да научиме да зборуваме помалку и да слушаме повеќе. Од најголема важност е да застанеме пред Бога со скромна едноставност и искрено смирение за да станеме целосни - една златна рана извезена со Неговата љубов. Подготвени да прифатиме што и да ни носи Неговото слово или Неговата тишина. Таму, во најдлабокото срце, Бог не посетува и ни вели: Еве ме, Јас сум.
Свети Јован Лествичник вели дека кога ќе застанете пред Бога, облеката на вашата душа нека биде целосно исткаена од нишката на незлопамтивоста. Во спротивно, вашата молитва нема да има никаква корист. Без расположението да ги сакаме другите, нашата молитва ќе биде фарисејска замка и ќе не зароби во нашата себичност, гордост и индивидуализам.
Дури и да се гледаме себеси далечни од Бога, да не се колебаме да се молиме зашто и најочајното шепотење на најгрешниот човек е молитва. На крајот на краиштата, сфаќањето на нашата несоодветност е половината од патот назад. Кутрата душа ги знае своите рани, ја препознава нејзината темнина и постојано бара посета на добриот лекар. И така, ако повредената душа не се радува на своите рани и не се согласи на својот грев, Христос доаѓа и се грижи за неа и ја прави уште поздрава. Да не заборавиме дека во лицето на Богочовекот се обожува нашата сопствена природа. „И од Неговата полнота сите примивме благодат врз благодат“ (Јован 1:16).
Што можеме или треба да кажуваме во молитвата? Не постои протокол во разговорот со Бога. Доволно е да се соедини умот со срцето во молитвата. Како што вели свети Јован Златоуст: „Од дното на срцето доаѓа гласот“. Особено плодотворно е постојаното повторување на молитвата: Господи, Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме. Една молитва – молчание која не бара многу зборови или учење. Сè додека се изговара со соодветен став, таа полека ќе го учи срцето да се моли непрестајно, а човекот ќе ги применува зборовите на апостол Павле: „ јадете ли, пиете ли или нешто друго вршите, вршите се за слава на Бога“.
Но, кога нашата душа е врзана за светските работи, кога нашиот мир и радост зависат од светскиот успех, тешко можеме да се надеваме и да се потпреме на Бога. Материјалистот е затворен во себе и не може да мирува дури и ако го освои целиот свет. Тој не може вистински да се моли затоа што неговиот дух атрофирал, ниту може да љуби затоа што ги гледа другите како закана за неговата благосостојба.
Молитвата е дело на целата Црква, најблагородната пројава на љубовта во Христа, на двојна љубов, чија една страна гледа кон Бога и го одразува Неговиот лик, а другата кон браќата и сестрите, во кои ја препознава оваа слика.
Ние монасите работиме преку ден, избегнувајќи да излегуваме надвор од портите на манастирот. Но, преку ноќта, како во нашата ќелија така и во соборниот храм, ние патуваме по улиците на градовите, селата, пустините и морињата, од каде што ги собираме сите човечки страдања и му ги соопштуваме на Бога.
Молитвата е причина за секое добро. Тоа е неотуѓив дар и привилегија, право што ни е дадено од Бога, непрестајно да црпиме од животот, живот кој ги надминува и победува сите облици на зло, распадливост и смрт што ги познаваме и наидуваме на овој свет.
Денес, сега и секогаш е време за молитва.
Автор: архим. Христодул Кутлумушки
Подготвил Симеон Стефковски
Извор Богоносци.бг