ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ
Тропар на светиот
епископ Христов
Лав Катански чудотворец
20 февруари / 4 март
Угоднику Божји, ревнителу за верата Православна,
удостоен да бидеш носител на Христовата благодат
со Името Господово лекуваше,
губави очистуваше и против прелестите
на овој свет храбро истапуваше.
Моли се за нас Христов чудотворче
огнот на страстите во нас да изгасне
и пред Бога да се претставиме во одори на спасение.
Извор МПЦ – ОА
Манастир Свети Јован Претеча Слепче
Тропар на светиот
Христов свештеномаченик
Садок епископ Персиски
и со него 128 маченици
20 февруари / 4 март
Пламенот на името кое од Небесата беше дојавено,
го исполни животот твој до буква последна,
пред Господа исповедана,
о свети мачениче Садок, а ти закрепнат од благодатта Христова,
сто дваесет и осум ѕвезди живи, очистени во крвта на мачеништвото,
приведе кон небесните населби,
молејќи се нивниот спомен да биде залог за простување на гревовите,
и милост пред Бога за оние кои за нив си спомнуваат,
и Христа го прославуваат.
*Името Садок значи – пријател на Царот
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче
Од Верскиот календар на МПЦ (04.03.2024)
ТРОПАР
Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на аполитикион (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.
Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.
Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.
Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.
ПреминПортал
2024 лето Господово
Од Верскиот календар:
Свети Лав, епсикоп Катански
Свети Лав им беше добар пастир и милосрден наставник на луѓето во градот Катана под вулканската планина Етна. Многу се погрижи околу болните и сиромашните. Неговата ревност за верата беше исто толку голема како и неговото милосрдие кон неволните. Во тој град се појави еден маѓепсник Илиодор, кој го замајуваше народот со разни магиски вештини и ја развраќаше младежта во градот. Еднаш за време на литургија влезе во Божјиот храм и се зафати да волшебствува. Свети Лав му пристапи, го врза со едното крајче на својот омофор и го одведе на градскиот пазар. Овде нареди да се запали голем оган и кога огнот се разгоре, влезе самиот во него и го вовлече внатре и Илиодор. Илиодор сиот изгоре, а Свети Лав остана неначнат од огнот. Од ова сите што беа замајани од Илиодор и гледаа во него божество се засрамија. А милосрдниот и ревносен Лав се прочу по целото царство како голем чудотворец, којшто со своите пресветли чуда им помага на луѓето. По неговата смрт од неговите мошти потече исцелително миро. Се упокои во 8 век.
Светиот свештеномаченик Садок
Беше епископ во Персија после Св. Симеон. Еднаш во сон му се јави Св. Симеон и му рече: „Вчера јас, денес ти!“ Овие зборови Св. Садок му ги протолкува на своето стадо со значењето: „Лани пострадав јас, а оваа година ќе пострадаш ти!“ И навистина, таа година царот Сапор го уапси, заедно со многуборен клир и народ и ги изведе на суд. Прво им нареди да им се поклонат на огнот и на сонцето како на божества. Садок одговори: „Ние сме од сесрце подготвени да умреме за нашиот Бог, но на сонцето и на огнот нема да им се поклониме“. По ова беа мачени и осудени на смрт со меч. Пред смртта Св. Садок Му ја вознесе на Бога оваа молитва: „Измиј нѐ, Боже, во нашата крв од нашите гревови!“ Неговите свештеници и верни заедно со него си ги предадоа телата на смрт, а душите на Бога бесмртниот. Пострадаа во 342 или во 344 година.