г. Стево Пендаровски – претседател на Македонија: Илјада години како еден ден
Денешниов свечен ден е прекраток, за да ги опише, барем, главните настани од илјадагодишната историја на Бигорски. Но, кога, за момент, на овие илјада години би гледале како на еден ден, тогаш би можеле да го видиме првиот Охридски архиепископ Јован Дебранин како го основа и осветува манастирот. Би биле сведоци на генерации верници, монаси и мирјани, како ја надградуваат и оддржуваат жива, бигорската обител. Би ги виделе македонските неимари како од варовник ги ѕидаат овие прекрасни градби, легендарните Мијаци – копаничари како трпеливо го резбаат бигорскиот иконостас, прочуените зографи како ги сликаат познатите фрески и икони.