Владимир Мартиновски: ВО ВИСОЧИНИТЕ НА ПОЕТСКАТА САМОТИЈА
Веројатно самотијата е една од клучните невидливи алки и нишки што ги поврзуваат аскетите, уметниците и научниците од различни времиња и простори. Рајнер Марија Рилке, еден од најголемите поети на модерните времиња, има кажано дека поетот се раѓа во самотија. За да се долови осаменоста, луѓето од памтивек посочуваат на анималните симболи, па така, во еден од знаменитите романи на Херман Хесе, степскиот волк прераснува во метафора на осаменоста.