Беседа на св. Григориј Палама, архиепископ Солунски на Вознесение на Господ и Бог и Спасителот наш Исус Христос, во која се говори и за тоа како се исполнува законската (старозаветна) Сабота Вознесение Христово
1. Јудејците ја празнуваа Пасха според Законот, односно преминот од Египет во Палестина. Ние ја празнуваме евангелската Пасха, т.е. преминот на нашата природа во Христа од смрт во живот, од пропадливост во непропадливост. Кои зборови би можеле да ја искажат таа внатрешна различност и да покажат колку се подобри предметите на нашите славења од празниците на старозаветниот Закон? Бидејќи човечките зборови не можат да ја искажат таквата различност на соодветен начин, ипостасираната Премудрост на највишниот Отец, предвечниот и надсуштествен Логос Божји, Кој човекољубиво се соедини со нас и се насели при нас, сега со дела го покажа предметот на нашиот празник, и точно одреди во која мера едното го надминува другото. Ние сега го празнуваме преминувањето на нашата природа во Него, не од подземјето во Него, туку од земјата на небесата, а потоа и до престолот на Оној кој владее над сите.
2. На денешниот ден Господ не само што, по Воскресението, застана меѓу своите ученици, туку од нив и замина. Пред нивните очи Тој се вознесе на небесата, влезе во самата Светиња над Светињите и седна оддесно Отца, над секое началство и власт, над секое име и чест која е позната како во овој, така и во идниот век. Како што и пред Воскресението Господово имаше многу воскреснати, така и пред Неговото Вознесение имаше многу вознесени. Светиот Дух го зел пророкот Еремиј, а ангел го зел Авакум. Над сè се пишува за огнената кочија со која бил вознесен Илија. Меѓутоа, тој не ги преминал границите на земјата, и тоа била само една промена на место, зашто со вознесението секој од нив бил земен од земјата, но не излегувал надвор од границите на земјата. На ист начин и оние кои биле воскреснати, одново се враќале во земјата и умирале. Кога пак, Христос воскресна од мртвите, смртта не можеше да завладее со Него, исто како што сега, кога се вознесе, сета висина се најде под нозете Негови, на сите сведочејќи им дека Тој е Бог кој е над сè.
3. Ова е таа „гора на домот Господов“, како што вели Исаија (Ис 2,2), а над (сите) духовни гори и планини е домот Божји – телото на Владиката Христос, зашто ниту ангел, ниту човек, туку Самиот Господ во тело дојде и нè спаси, постанувајќи заради нас сличен на нас, и истовремено неизменливо останувајќи Бог. Како што не го промени Своето пребивалиште кога се симна, така и сега, вознесувајќи се, Тој не се врати во Божествената природа, туку на горниот престол ја насади нашата природа која ја прими. Навистина, првородениот меѓу мртвите требаше таму, пред Бога, да ја постави нашата природа, како некаков зачеток на провородените пред сиот род.
4. Токму затоа ниту едно од претходните воскресенија и вознесенија не ги празнуваме така, како [што ги празнуваме] Воскресението и Вознесението Господово, зашто ниту сме, ниту пак ќе бидеме учесници на другите [воскресенија и вознесенија]. Од нив немаме некоја друга голема корист, освен тоа што тие нè приведуваат кон вера во Воскресението и Вознесението на Спасителот, а ние сме и ќе бидеме учесници на тоа Воскресение и Вознесение, затоа што тоа Воскресение и Вознесение е воскресение и вознесение на човечката природа (која нашиот Господ Исус Христос ја прими преку Овоплотувањето), но дури не само на човечката природа (како таква), туку на оние кои веруваат во Христа и таа вера ја покажуваат на дело. Сето она што Господ, нероден и нестворен по Својата Божествена природа, го направи – го направи заради нас. И тој земен живот кој го проживеа – Тој го проживеа заради нас, покажувајќи ни го патот кој води во вистинскиот живот; и тоа што по тело пострада – пострада заради нас, исцелувајќи ги нашите страсти; заради нас и воскресна и се вознесе, подготвувајќи ни го Воскресението во бескрајниот век, зашто сите кои го наследуваат овој живот го подражаваат, колку што е тоа возможно, совршувањето на Неговиот домострој на земјата.
Извор: http://pravoslavie.mk.