Јас чеда ќе заминам од овој живот. Познато ви е дека својот живот го поминав непорочно (без лукавство). И како од сите бев возљубен. И не заради високиот ми чин (достоинство, звание), туку поради добриот карактер. Никого не укорив, ниту некого навредив, ниту некого наклеветив, ниту некому му завидував. На никој не се разгневив ниту на голем ниту на мал. Црквата Божја не ја оставав уште од рано утро. Бедните не ги презирав, не ги оставив странците и страдалните, не ги презрев затворениците, давајќи им го она што им е потребно. Заробениците ги ослободував. Не помислував на туѓата убавина. Не познав друга жена освен вашата мајка, и тоа се додека да ве роди вас. Оттогаш повеќе не ја познав, но во чистота телесна се осветувавме. Стапките мудро ги чував по православната вера во сѐ. Така правев се до овој смртен ден. И вие да живеете така чеда мои, за Бог да ве прослави, и долговечни да ве направи. Бедните посетувајте ги, вдовиците застапувајте ги, неправедно осудените ослободувајте ги. Со сите да живеете во мир и чистота. Најмногу на оние кои живеат во пустините, во пештерите и во земните бездни добро да им правите.
Спомнувајте си за манастирите. Црноризците достојно почитувајте ги, покажувајќи им милост, и мајчинска почит воздавајте им. Сето ова правете го за Бога да го видете. И во Него да се зарадувате во веки веков. Се ќе имате (од ништо нема да бидете лишени). И злато, и сребро и облеки. Работниците (робовите) присилете се да ги сакате како свои чеда. Старите, пак, меѓу нив ослободете ги, хранејќи ги сѐ до смртта нивна. Просто речено, тоа што го видовте јас да го правам, и вие правете го, за да се спасите, и да се удостоите да се приопштите кон славата на Светиите. Мајката ваша не ја заборавајте, и нејзината волја да ја творете. Слушете ја со страв Божји. Така делото Господово ќе го извршите. Ако овие заповеди ги чувате, Бог на мирот ќе биде со вас. Амин.
Извадок од Слепченски Патерик (Старечник) XIV век,
Превод од старословенски Сестринството на Слепченскиот Манастир
Извор:
https://www.manastirslepche.mk/novost/pouka-na-ksenofont-do-sinovite-svoi/