Митрополит Јеротеј Влахос
Во оваа статија, публикувана во грчкиот весник “Вима тис кириакис“, познатиот грчки богослов Јеротеј Влахос, митрополит на Навпакт, зазема став за моментално актуелната дебата во грчкото општество за методите на мисијата на Грчката Црква. Дали “добриот имиџ“ го проповеда Христос? Не паѓа ли грчката Црква во плен на PR религијата, во обид да го поправи својот разрушен авторитет во последните години? Каква е суштината на христијанската мисија? На овие и на други прашања, одговара Јеротеј Влахос, директно критикувајќи го “црковниот курс“ на Атинскиот архиепископ Христодул.
Во нашево време црковните луѓе се подложени на искушението да се насочат кон општествени фактори, да ги ползуваат начините и методите на едно антропоцентрично општество, за да се здобијат со слава, пари, публичност, признание. Во својата суштина, тоа е третото искушение на кое бил подложен Христос во пустината, кога ѓаволот Му ги предложил сите царства на земјата и целата човечка слава и посакал за возврат Христос да му се поклони. Христос го отфрлил тоа искушение со зборовите: “Бегај од Мене, сатано, зашто е напишано: ‘На Господа, Твојот Бог, да Му се поклонуваш и само Нему да Му служиш!’”, со што ни го покажа начинот, на којшто и ние треба да се справуваме со тоа трето искушение.
Науката за масовната комуникација
Третото искушение на Христос и Неговата Црква се пројавува и во современата наука за масовна комуникација. Денес кога живееме во општество и време на комуникација, логично е да се развие и таквата наука – наука за масовна комуникација. Можам да додадам, дека општеството на анти – општењето, го постави почетокот на масовната комуникација.
Направени се многу проучувања и анализи за науката на комуникацијата. Најопшто кажано со овој термин се означува механизмот по кој се развиваат човечките врски, комуникацијата како форма на “взаемодразнение“, “взаемодејствие“ со цел потреба за власт и исползување на другиот за исполнување на некоја цел. За успехот на масовната комуникација се користат многу начини како што се зборови, гестови, символи, цртежи итн. Освен тоа специјалистите говорат за таканаречениот “двофазен проток на комуникација“, кога информацијата стигнува најпрво до оние кои го формираат мислењето (opinion leaders), а потоа до оние, кои се под влијание на првите. Специјалистите исто така говорат и за “псевдособитија“, кои се “создаваат“ и се “режирани“ и затоа ниту се вистински, ниту лажни во полна смисла на зборот“ и последователно, се опасни. Всушност постои разлика помеѓу општењето и комуникацијата. Општењето е тесна, суштествена и битијна врска помеѓу луѓето, битијно соучество во болката на другиот. И обратно, комуникацијата е надворешна врска, која останува далеку од присутноста (суштината) на другата личност. Општењето гледа во човекот – личност, комуникацијата во човекот – маса. Парк говори дека комуникација може да има и меѓу животните, кучињата на пример, кога ќе се сретнат взаемно се распознаваат. “Тоа всушност не е разговор, туку комуникација“. Основниот принцип на масовната комуникација се состои во привлекување на интересот на другиот со цел запознавање со него, највеќе заради распространување на некој продукт. Главното средство за успешно постигнување на целта е “лозинката“, мотото.
Црквата и масовната комуникација
Со погоре кажаното не си поставувам за цел да ги опишувам принципите на науката за комуникацијата, што е работа на специјалистите во таа област. Она кое мене ме интересира, е да ја видам врската помеѓу Црквата и науката за масовна комуникација. Ова го велам, бидејќи многу од нејзините принципи навлегоа во нашиот црковен живот, под силното влијание на современиот општествен и политички живот. Некои велат, дека некое-нешто не треба да се прави на тој начин, бидејќи не е добро за масовната комуникација... А други, дека нешто треба да се прави, зашто добрата комуникација (со масите) тоа го изискува. Има и многу клирици, кои го сведуваат православното богословие на ниво на масовна комуникација и наместо да богословствуваат, тие “pasword“-уваат.
Јас мислам дека Православната Црква денес може да исползува некои од методите на масовната комуникација за пастирски цели, но не е добро да ја идентификува својата дејност со неа. Црковниот живот и православното богословие не се стремат кон привлекување на интересот или вниманието на другиот, не сакаат да имаат приврзаници, ниту се трговска целна група, не се интересираат како да ја ограничат слободата на избор на другиот преку разни итри потфати на одредено место и време, не го бараат надворешниот развој на човечките врски, туку се стремат кон преобразување на човекот. А тоа преобразување не може да се случи преку “лозинки“, ниту со убави илустрации, популарност, дополнителни посланија, убави мисли и поклонички патувања, туку со лична многуобразна борба на егзистенцијален план... Daniel Boorstin го користи следниов пример, за да ја покаже разликата помеѓу “реалното“ и “искуствено создаденото“, а јас би рекол: помеѓу лицето и идолот. И рекле на една мајка:“Ах, колку е убаво вашето бебе!“. “Тоа не е ништо“, одговорила мајката. “Чекајте да ја видите неговата фотографија!“
Не можам да ги разберам духовниците, коишто повеќе се занимаваат со образот, со сликата, со веста, со масовната комуникација, со надворешната активност, а го оставаат без помош болниот човек кој срада. Не можам да ги разберам духовниците, кои живеат во “треската“ на надворешната активност и растот или падот на нивната популарност, кое често станува на штета на црковната ѓаконија, само заради тоа да го зголемат процентот на општественото одобрение кон нив. Не можам да ги замислам Апостолите или Отците да се интересираат за поклонички патувања, за да ја зголемат својата популарност. Ако го вршеа тоа, немаше да Го исповедаат Христос и да го завршат својот живот како маченици.
За крај, како заклучок сакам да кажам, дека масовната комуникација е добра за парцијални цели или за целите на пазарот, за пораст на туризмот, но не и за богословието и Православната Црква. Исползувањето на принципите и методите на масовната комуникација за црковни и богословски прашања, со цел да се постигнат надворешни впечатоци, не му помага на современиот страдален човек. Тоа е исто, као да го поканиме болниот да оди во најмодерната болница и да го оставиме таму без лекување, во неговата болка и очај. Или да го поканиме во болница, но наместо таму да го однесеме во хотел со соодветен персонал... Тоа би изродило безмерен очај! подготви М.З.
Преземено од Двери.БГ
Посети: {moshits}
|