Ова прашинава околу децата за Коледе, родителите нивни ја креваат? Некој им ги зел со сила и ги однел на улица? Немале друг избор?
Пишува: Јасмин Реџепи
Знам дека некој ќе рече: “Кај си нашол ти од друга религија да зборуваш на оваа тема?”, ама штом нерелигиозните можат, зошто пак јас да не можам?
Зошто јас? Па, да речеме дека ова го гледам од 3 перспективи:
И кај муслиманите традиција е за Бајрам децата да одат наутро од куќа до куќа да честитаат и да добијат по некое бомбонче или паричка. Јас највеќе сум му се радувал на Бајрамот во лето, во Црна Гора, каде со децата од улицата на братучетка ми го поминувавме цело гратче и на крај гледавме кој колку собрал. Така било и од времето на мајка ми, и пред неа. Постарите не нè присилувале, туку таа традиција е пренесувана од постарите на помладите деца. Ова е чисто обичај за верски празник, кој не е пропишан во светата книга, но не е ни во спротивност на истата. Само еден начин како да им се приближи празникот до најмладите.
Во Скопје живеам во мешано маало. Со децата од соседството сме оделе во сите станови за Коледе, ни се отворале сите врати, па дури и мајка ми ни даваше десет-денарки (толку добивав за ѓеврек тогаш) на сите. Па и за Велигден истото сме го правеле. И помалите со нас сме ги шетале. Паметам дека ја прашав мајка ми зошто ни отвори пред да чукнеме, а не чукнавме зашто некои деца се двоумеа, таа ми рече: „Vi sste djeca. Ne valja da se odvajate. Uživajte zajedno u svim praznicima. Neka vas drugo ne interesuje.“ Лекцијата за добрососедство и слобода научена.
Кој и да ја покренал граѓанската иницијатива, без да им наметнува на децата или на родителите, а со цел да возобнови една убава традиција од минатото која во време на социјални мрежи и асоцијални деца се губи, не преставува проблем. Напротив, за пофалба е. Но, доколку иницијативата потекнува од јавни институции или лица носители на јавни функции, и доколку децата и родителите биле принудени да учествуваат, тогаш тоа е несериозен чин, кој е за осуда и кој не смее да се повтори.
Празниците се уживаат со разбирање и радост, како кулминација на претходни духовни прочистувања, а никако со наметнување, посебно не врз децата. Сепак, секуларна држава значи слобода на вероисповед, а не на давање предност на една религија врз друга или на нерелигиозноста врз религиозноста и обратно, па тие правила треба да ги следат институциите и нивните раководители.
За да не биде дека секој од нас знае најдобро што и како треба, постојат институции во државава кои се платени од наши пари за тоа, да се состанат и да донесат свое мислење, како на пример МОН и Комисијата за верски заедници.
До тогаш, кој слави нека му е радосно, а кој не слави нека не е лишен од радоста!
09.01.2018 год.
Извор: https://civilmedia.mk/ko-krva-praschina-okolu-dzata-za-kold/