НАВИКА
Голема е моќта на навиката. Поединечни луѓе и цели народи се навикнуваат да живеат на одреден начин, според одредени обичаи. За нив е многу тешко да се сменат, да прекршат нешто во нивниот живот, дури и ако тој живот води до уништување.
Честопати луѓето кои боледуваат од разни хронични болести и кои со своите навики и однесување ги влошуваат овие болести, реагираат лошо дури и кон лекарите. Доаѓа докторот и му вели на човекот: „Не смееш да пиеш и да пушиш, треба да одиш на време да се одмараш, не смееш да јадеш ова или она“. А човек, посебно кога е веќе во зрели, солидни години, често реагира на следниов начин: „Што сѐ не ми изнакажа докторе! Не само... не смеам ни една чашка вотка да се напијам? А соседот слави јубилеј“. И така натаму. Сите го знаеме тоа, често сме виделе слични сцени во животот.
Пред се, во секој таков човек треба да се видиме себеси. Цели народи, цели професии, во суштина живеат за да го негуваат гревот и да уживаат во него. Гревот за нив е извор на постоењето. Без разлика на тоа какви зборови ќе бидат кажани за тоа на каков начин треба да се живее и да се заработува за живот, тоа нема да го промени фактот дека целиот живот на овие луѓе е посветен во служба на гревот. И кога Црквата, свештениците и верниците одеднаш им велат на таквите: „Чекај, не се живее така! Пропаѓаш заедно со гревовите“, реакцијата често не е ни непријателска, туку следнава: „ Добро де, пушти ме, не ме замарај. Немам ништо против тоа што го правиш, но не треба мене да ме учиш како да живеам, оди си одовде, продолжи понатаму, не ми се мешај во животот“.
Слична приказна слушнавме од устата на евангелистот Матеј. Господ дојде во земјата Гадаринска и исцели двајца страшни, демоноопседнати луѓе, кои страдаа долги години, а нивните сонародници и соседи веќе се помириле со тоа. Свињите, во кои се вселија демоните, веднаш истрчале од урнатините во водата и целото стадо погинало на отворено море. Овчарите кои го виделе ова чудо истрчале во градот и раскажале како непознатиот Учител ги истерал демоните и како ги излекувал опседнатите од ѓаволот, но притоа стадото свињи се фрлило во отворена вода. А луѓето што живееле во овој град излегле и му рекле на Христа дека не можат да Го примат, и Го молеле да си замине од нивната земја.
И ние често се однесуваме така. Дури ни оние луѓе кои иако се нарекуваат христијани, отворено живеат во такви гревови кои дури и на овој свет смрдат, но и оние луѓе кои навидум живеат добар живот, за кои Црквата и зборовите Божји не се нешто туѓо, всушност често му велат на Христа: Господи, не можеме повеќе да го издржиме ова, ќе останеме со нашите гревови, страсти, со смислата на животот што ни ја всадуваат нашите најблиски, соседи и овој свет. Те сакаме, те почитуваме и разбираме колку си голем Учител, можеш да изгонуваш демони, но остави не, подобро е да го водиме животот на кој сме навикнати“. Светите отци и толкувачи на Евангелието овие свињи кои се фрлиле во морето ги нарекуваат човечки страсти. Толку многу ги сакаме нашите навики, тие ни се мили и драги.
На луѓето им се допаѓаат прасенца затоа што се неодоливи. Луѓето се насмевнуваат кога ќе видат колку се слатки и преслатки; ги земаат во раце, се фотографираат со нив. Но, кога прасето ќе порасне, тоа е многу различно од другите животни по тоа што постојано се тркала во кал и мириса навистина одвратно. Тоа веќе не ги возбудува луѓето. Напротив, сосема спротивно. Ако имате можност, многу е корисно да отидете во еден свињарник и да го споредите мирисот на свињата со мирисот на другите животни.
Значи, живееме со овие свињи, нашите страсти, не го гледаме и не го чувствуваме мирисот што пред Бога е одвратен и смрдеа. Затоа што кога доаѓа Господ да не исцели од овие демони и страсти, ние велиме: „Господи, ова можеме, и ова можеме, но ова е веќе премногу“. Остави не, продолжи понатаму, учи некој друг“.
Не велиме како што рекол апостол Петар кога видел чудесен улов на риби и му рекол на Христа: „Господи, оди си од мене, оти јас сум грешен човек“ (види: Лк. 5, 8), туку зборуваме така како би останеле со своите гревови со своите свињи, со своите пороци. Како би им служеле и како тие би ни служеле нам.
Спротивно на тоа, нашите зборови треба да бидат сосема поинакви: „Господи, остани со нас! Господи, биди со нас! Господи, научи нè, Господи, избркај ги демоните од нас! Господи, избави нè од нашата гревовност, порок и грев!“
јеромонах Игнатиј Шестаков / prijateljboziji.com
За Преминпортал Симеон Стефковски
Јануари 2023 лето Господово