Во спомен на падот на Новиот Рим
Секоја година на 29 мај (стар стил) Црквата Христова молитвено си спомнува за славниот и маченички подвиг на сите оние што паднале под бедемите на Царицата на градовите, Престолнината на Ромејското царство, Градот на Великиот Константин, бранејќи го од лутите напади на незнабожните Агарјани во годината Спасителова 1453-та. „Целиот свет“, пишува црковниот химнограф , „се опфати од страв, гледајќи го светиот Град од Агарјаните обесчестен; граѓаните со солзи повикуваа: Граде, венецу на славата и на веселието на сета земја, сега си разорен поради гревовите наши; јароста на гневот Божји нѐ достигна, се исполнивме со горчина. Денес на вселената ѝ замижа окото… Но, Господи, во денот на Твојот гнев помилуј нѐ, како благ и човекољубив“.