Пред што било да кажам за денешното евангелие, сакам да ви обрнам внимание на Филиповиот одговор: „Дојди и види!“, на прашањето на Натанаил: „Може ли нешто добро да излезе од Назарет?“, од една страна, како и на Натанаиловото прифаќање на овој едноставен метод на проверка на нештата, од друга страна. Да не навлегуваме во тоа колку сила носеле со себе овие зборови изговорени од Филип заради неговата средба со Христос, бидејќи одговорноста за одлуките и постапките е пред сè наш личен проблем, а не на оној што нè повикува нешто да сториме или не. Затоа, за мене тука се битни две работи: прво, зборовите ‘Дојди и види!’ во контекст на православниот начин на живот и подвиг не значат ништо друго освен пракса и теорија, очистување на срцето од страстите и просветлување на умот. Едното без другото едноставно не оди. И второ, дека овој метод очигледно му е веќе применет, познат и многу приемчив на Натанаил, само што овојпат го спроведува на најлично можно ниво, во лична средба со Богочовекот Христос. За ова, толку.
Денешново евангелие е уште едно историско сведоштво и конкретен пример на совршена молитвена заедница и однос помеѓу Бог и човекот создаден според образот Божји, помеѓу Прволикот и Неговата икона; сведоштво за исполнета молитва. Кога Христос му вели на Натанаил ’кога беше под смоквата, Јас те видов’, всушност му открива Кој го слушал, но и Кој му одговорил на молитвата додека тој се молел под смоквата. Нормално, Христос веќе му открива на Натанаил и Кој му ја исполнува во целост и во живо таа молитва сега. А Натанаил со својот одговор ни открива и ни сведочи дека во Богочовекот Христос Го препознава Оној Кому се молел и Кого единствено Го барал во молитвата – Синот Божји и Царот Израилев, очекуваниот Месија. А кој друг би можел да знае што се случува во срцето и умот на Натанаил, ако не Самиот Бог? Така што, не знам на што попрво да се воодушевувам, дали на Натанаиловата молитва, во која Го бара само Него, или на нејзиното совршено исполнување, и како мистично доживување и како лична средба во живо, од страна на Богочовекот Христос? Или, пак, овие две работи не можат да се одделат, ни како случка, ни како инспирација...
Инаку, нашата молитва кон Господ може да личи како кога толпа луѓе, кои стојат оддалеку, му се обраќаат на царот. Тој гледа пред себе мноштво луѓе, слуша дека сите нешто зборуваат и бараат, но ниту некого препознава, ниту знае точно кој што кажува и кој што бара. Таква е силата на молитвата на оние чиј духовен развој соодветствува на нивото на чистење на срцето од страстите. Не дека Бог не ја слуша и таа молитва, но позади неа не стои потполна посветеност на Бог пројавена преку умирање (туѓинување) во однос на светот, апсолутно послушание и постојан молитвен подвиг. Тоа е молитва чиј одговор е тешко забележлив, особено за неопитните и особено кога се случува надвор од периодот на првата благодат. И бидејќи најчесто, сакале ние или не, таа е наемничка и робовска молитва, ниту може да трае долго, ниту е чиста, ниту ни носи редовно солзи и покајание.
Нашата молитва може да прилега и како да се наоѓаме меѓу десетина луѓе блиски до царот. Тогаш тој знае точно кој и како му се обраќа и кој што бара. Таква е молитвата на носителите на дарот на умносрдечната молитва на степенот на просветление. Ова е веќе молитва на ниво на личен однос со Бог, која во истиот момент носи со себе и одговор, ни Го носи Господ. Генерално, сите наши проблеми поврзани со борбата против помислите, со борбата против страстите, па дури и проблемите со телесни болести и болки може веднаш или брзо да се надминат со просто молитвено симнување на умот во срцето. Кога со оваа молитва се призива Божјата помош за нашите ближни, тогаш нејзиното исполнување е сигурно, доволно е да има добра намера и надеж за спасение во оној за кого се молиме.
Но, молитвата може да биде и како кога се зборува со царот лице в лице. Таква е молитвата на совршените. Тоа е молитва чудотворна. Во текот на оваа молитва, во рамките на личниот однос, Господ не може а да не одговори и да не му се јави на оној што се моли во вид на несоздадена Светлина, прекинувајќи ја притоа и самата молитва. Кога се во прашање другите, исполнувањето на молитвата повторно зависи од постоење на добра почва во срцето на оние што имаат потреба од неа. Таква, лице в лице, била и молитвата на Натанаил. Потврда за тоа е и неговото апостолско достоинство, дарувано од самиот Господ. Неговото апостолско достоинство очигледно одговара на неговата внатрешна духовна состојба, каков и што бил обичајот за ракополагање и поставување на Апостолите и Епископите во првите три века. Потврда за неговата совршена молитва е и неговата совршена, односно, маченичка смрт.
Што можеме да заклучиме од средбата помеѓу Христос и Натанаил и воопшто од преданието на светите Отци за подвигот на богопознанието, а во контекст на денешниот празник – Неделата на Православието?
Согласно опитот на сите Светии, единствен темел на вистинскиот духовен живот е вистинската вера. Вистинската вера го соединува човекот со Бог. Учеството во вистинската вера во Црквата истовремено значи и учество во вистинска благодат. Вистинската вера е критериум за вистински духовен живот. Но и вистинскиот, православен и подвижнички духовен живот во Црквата е единствен метод со кој се стигнува до спознание на вистинската вера, до богопознание. Спознанието на вистината, на лично ниво, во строго православна смисла, не е интелектуално човечко достигнување туку, пред сè, е Божји дар на ‘просветленост на умот’ и ‘обожение на личноста’. Дар Божји кој се добива после големиот подвиг на ‘очистување на срцето од страстите’, до крај. Затоа, многу е потребно, покрај подвигот за сочувување на вистинската вера по секоја цена, да се сочува и вистинското аскетско-исихастичко предание во Црквата, преданието на умносрдечната молитва.
Митрополит Струмички Наум
(според записот на сестрите)
Посети:{moshits}