Коментар на денешното евангелско четиво:
„Досега ништо не сте барале во Мое име; барајте и ќе добиете, за да биде радоста ваша полна. Ова во параболи ви го кажував; но ќе дојде час, кога нема веќе во параболи да зборувам, туку откриено ќе ве известам за Отецот. Во тој ден ќе побарате во Мое име, и не ви велам, дека Отецот ќе Го помолам за вас; оти Отецот Сам ве милува, зашто вие Ме засакавте и поверувавте дека Јас сум излегол од Бога.“
Богочовекот Христос ги поучува Своите ученици на кратката молитва: „Господи Исусе Христе, помилуј нè“, како што и секој духовен отец треба да ги подучува своите, т.е. Божјите чеда. Веднаш можеме да забележиме две различни нивоа на односи и на квалитет на молитвата. Прво ниво е додека сме уште во послушание на духовниот отец, на првиот степен од духовниот развој – очистување на срцето од страстите, и нашата молитва е само умно-усна. Што значи дека на ова ниво ни е потребно посредувањето на духовниот отец – и во духовното раководење преку послушанието и молитвено; бидејќи ниту имаме просветлен ум, та самите да го знаеме патот, ниту имаме молитва во сила, што сама се исправа пред Бог. И второ ниво, кога немаме потреба од непосредно духовно раководство, преку послушание на духовен отец, на вториот степен од духовниот развој – просветлување на умот, кое произлегува од умно-срдечната молитва. На ова ниво немаме потреба од посредување на духовниот отец; бидејќи ем имаме просветлен ум – „откриено ќе ве известам за Отецот“, ем имаме молитва во сила – „и не ви велам, дека Отецот ќе Го помолам за вас; оти Отецот Сам ве милува“. Многупати сум пишувал за ова и би требало да ви е јасно. Уште една забелешка само: некои велат дека во „Исусовата молитва“ се содржи Божествена сила, енергија, заради Неговото име — што е точно; некои малку претеруваат во таа смисла, како да е доволно тоа име само да е негде напишано и постојано да се изговара; сѐ е тоа во ред, но без личен однос со Бог ништо тоа не ни помага, да не речам и ќе ни одмогне. А нашиот личен однос со Бог се гледа во нашиот личносен однос кон секој човек што конкретно го среќаваме во животот, посебно кон оние што страдаат и им е потребна нашата помош. Но, за жал, некои повеќе време и сила трошат во виртуелниот свет на социјалните мрежи, на озборување и осудување на личности кои никогаш не ги ни сретнале – таму и чуле за нив или од слични ним, а камоли да ги познаваат, и тука завршува секое служење на Бог. А што почнува, кога знаеме дека тој виртуелен свет е креиран за контрола и програмирање на умот; и кому, главно, му служи?
- Митрополит Струмички Наум