Молејќи се како митарот
Еднаш го слушнав следново: „Секогаш кога грешам, не се чувствувам расположен за молитва. Се чувствувам недостојно и едноставно, не можам да се молам“.
Навидум, оваа изјава звучи правилно – многу често и јас сум го чувствувал истото. Но, продолжив да размислувам за ова, додека не се сетив на едно друго прашање: „Што ми е потребно да почувствувам пред да започнам да се молам?“ Во конкретниот случај, претпоставувам дека едноставно се чека да помине чувството на голема грешност. И тогаш сфатив.
Во Светото Писмо (Лука 18,10-14) постои параболата на двајцата мажи кои пошле да се молат; едниот од нив бил фарисеј, а другиот митар (цариник, даночник). Фарисејот лесно се молел, кревајќи ги своите очи кон небесата и благодарејќи Му на Бога дека „не бил како другите“.
Митарот и фарисејот
Митарот не можел ниту очите да ги крене кон небесата, туку удирајќи се во градите молел: „Боже, биди милостив кон мене, грешникот“. Христос посочил дека митарот е оној кој „се вратил дома пооправдан“ од фарисејот. Она што ме натера на созерцание е, загадочното одбивање на молитвата тогаш кога некој се чувствува виновен поради своите гревови. Грешејќи, не сакаме да се молиме, се чувствуваме недостојни за молитва. Но, што чекаме тогаш?
Мислам дека чекаме да започнеме да се чувствуваме праведно, како фарисеи, за да можеме да се молиме, несфаќајќи дека таквата молитва е речиси бескорисна. Се чини чудно, навистина, но полесно се молиме „Господи Исусе Христе, помилуј ме“ кога се чувствуваме како праведници, отколку кога се чувствуваме како грешници.
А токму тоа е делот на религиозната зараза – да, не се работи за грешка – религијата често може да биде болест.
Религиозните чувства (со кои владееле фарисеите) се израз на крајна прелест. Кога се чувствуваме дека сакаме да се моламе, всушност се чувствуваме „побожно“. А тоа е длабока трагедија. Всушност, тогаш не сме подготвени да се моламе – ние сум проголтани од самите себе како побожни луѓе.
Од друга страна, кога се чувствуваме како митари, тогаш и можеме да се молиме како митари. Често пати луѓето ми велат, „Отец, не можам да ти помагам во олтарот денес, не сум достоен“. Тоа не е спорно. Но, во многу поголема опасност си тогаш, кога се чувствуваш достојно.
Дојди и пристапи во Божјиот олтар, знаејќи дека си недостоен, и ќе најдеш благодат и прошка.
Ништо од напишаново не значи дека не треба да одиме на исповед. Но, добро е за нас, понекогаш да речеме „Отец, прости ми, бев толку добар оваа недела, што ниту еднаш не се почувствував како грешник, а ова е голем грев и голема прелест“. Тогаш би поставиле добар почеток.
Да ја видиме вистината за себе си е многу тешко. А уште потешко е да Го љубиме Бога токму во таа вистина за себе си. Но токму тоа Тој го бара од нас. Молете се како митари. Има многу време достапно за молитва, доколку се молиме така. И, додека се молите, помолете се и за оние кои се молат како фарисеи. Нека Бог нè ослободи од секоја прелест.
Отец Стефан Фримен
Извор: Агапи
Друго: