логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка

 slika16.jpg


 Архимандрит Лазар Витаниски

ПОУКИ НА СВЕТИТЕ ОТЦИ ЗА ПОКАЈАНИЕТО

Значи, накратко зборувавме за најраспространетите и најштетни гревови на денешницата (секако, ниту оддалеку за сите), чијашто штетност денес, често, се потценува и што се сметаат за „лесни" гревови. Сега, накратко, треба да кажеме и за тоа како човекот, воопшто, да се поправи себеси, своето срце, од каде да почне, каде да ги бара корењата на гревовите, на што треба повеќе да обрати внимание, која страст од кои произлегува. За тоа прекрасно зборува св. Теофан Затворник во саботната проповед од првата недела на Великиот пост. Овде ќе наведеме еден дел од неа.

ЗА ПОПРАВУВАЊЕ НА СРЦЕТО

Воспитувањето на се што е свето во себе е толку тешко и сложено, патот кон доброто лежи во толку многу скриени патишта, така што оној кој пристапува кон добриот подвиг на самопоправување, претходно треба задолжително, во мислите, да одреди што и како да поправа, постојано овој план да го има на ум и во срцето, за со него, како со верен водач, што посигурно и со што помалку препреки да го доведе до крај започнатото дело.
Значи, како прво - што треба да поправиме во себе?
Речиси се што е во нас. Гревот сака неограничена власт. Ако нашето срце го сака, тој со него потполно завладејува и целиот човек го обзема со со својата зла сила. За грешниот човек и за човештвото натписот е ист: Од главата до петите нема во тој народ здраво место (Иса. 1, 6). Во тоа може секој да се увери, ако го слушне своето грешно срце. Таму ќе го види вкоренетото семе на злото, ќе ги види изворите на гревовите, исто како и она во што тој се изразува. Самољубието е семе на сето морално зло. Тоа лежи на самото дно на срцето. Човекот,, според својот позив, треба да заборава на себе и во својот живот и делување - треба да живее само заради Бога и за луѓето. Осветувајќи го своето дејствување, со неговото принесување како благодарствена жртва на Бога Спасителот, тој треба да ја остварува за корист на другите и на нив да излива се што ќе добие од Бога Сештедриот. Овде не може едното без другото: не може човекот да го сака Бога, а да не ги сака ближните, и не може да ги сака ближните, а да не го сака Бога, исто како што човекот што го сака Бога и ближните, не може а да не се жртвува во слава Божја и за добро на ближните. Но, кога човекот со мисла, срце и желба се одвраќа од Бога, а со самото тоа и од ближните, тогаш, природно, се задржува на самиот себе - себеси се става во центарот, кон кого се насочува, нарушувајќи го божествениот поредок и не грижејќи се за доброто на ближните.
Тоа е коренот на гревот! Тоа е семето на духовното зло! Тоа се крие длабоко во срцето. Но, растејќи и излегувајќи кон површината на срцето, ова семе излегува од него во три вида како три фиданки што се проникнати со неговата сила, исполнети со неговиот живот: во самовознесување, лакомост и желба за насладувања. Самовознесувањето го наведува човекот во своето срце да вели: кој е како мене; лакомоста го тера во своето срце да вели: сакам над сите да владеам; и желбата за насладувања го тера да вели во своето срце: сакам да живеам само заради своето задоволство.
Кој е како мене! Која душа не почувствувала нешто слично во себе? Во мислите не се гордеат само оние што природно се надарени со возвишени добродетели или оние што со својот труд успеале да направат нешто важно и општествено корисно. Вообразеноста е присутна во сите возрасти, професии и сталежи. Таа го следи човекот низ сите умни и духовни степени на усовршување; таа не се потчинува на никакви надворешни односи, и дури, ако човекот живее сам, непознат и оддалечен од сите, тој секогаш и секаде е изложен на искушениието на гордоста. Откога ја прифатил, во срцето, првата измама на змијата „ќе бидете како богови", тој почнал себеси да се поставува над сите како да е Бог, почнал да се поставува над оние црти на кои го поставила природата и општеството - тоа е општа болест на сите и на секого. На изглед, што има опасно во тоа, некој малку да се позанимава со мислата дека е над овој, некој втор, трет? Меѓутоа, да погледнеме колку зло и колку мрачни последици произлегуваат од оваа, по наше мислење, неважна мисла! Оној што со мисла и со срце се поставува над сите, ако нешто презема, не презема според гласот на разумот и совеста, според советите на мудрите луѓе и поуките на словото Божјо, туку според свое мислење, прави затоа што тој така сака: тој е своеволен. Ако го остварува она што го презел, очекува само од себе: самоуверен е и горд; кога ќе изврши, мисли дека се направил сам и, оттаму, станува вообразен, горд, неблагодарен; споредувајќи се себе си со другите, тој секогаш сака, во се, да се исполнува неговата волја, се да се движи според неговото наредување: властољубив е и склон на насилство; споредувајќи ги другите со себе, не може да го трпи нивното влијание, ниту во најскромен облик: секогаш е полн со презир кон другите и непослушен; наидувајќи на непочитување на својата волја од страна на другите, тој губи власт над себе, а ако е навреден, гори од желба за одмазда: копнее по почести и слава, иако има слаб карактер; лицемерен е и суетен, иако со слаба душа, дрзок е, самоволен, вообразен и склон на озборување, иако морално е низок. Еве, во какви облици се изразува самовознесувањето, еве колку гревовни појави му го должат своето постоење! Тешко да постои некој што нема да се најде во една или во друга.
Сакам се да биде по мое! - си замислува лакомиот - и еве ја втората гранка на основното духовно зло. Во неа најлесно се открива духот на самољубието: лакомиот човек нема да каже ниту збор, нема да направи ниту чекор, ниту со прст ќе мрдне, ако од тоа не може да извлече некоја корист. Кај него се е пресметано, се е испланирано, се е така уредено што и времето, и местото, и работите, и лицата - се, до што ќе се допре неговата рака и мисла, треба да му носи профит. Личната корист и интерес се основен двигател што го движи целото негово битие, и тој е подготвен се да претвори во средство за остварување на своите цели: тој ќе бара повисока положба, ако има корист од тоа; ќе ја преземе најтешката должност, ако тоа му донесува поголем приход; тој ќе се одлучи за секој труд, нема ниту да јаде ниту да пие, само да ја оствари својата корист. Тој е или користољубив или лаком или скржав, и само под силно влијание на суетата може да го сака блесокот и раскошот. Неговиот имот му е помил од него самиот, помил од луѓето и од божествениот поредок. На таквиот човек му е толку болно да се разделува од работите што ги поседува што, тогаш, се чувствува како да го губи своето срце - како да се разделува со среќата. Неговата душа ја проголтале работите и тој повеќе не живее за себе, туку заради нив. Тоа е силата и власта на втората фиданка на семето на злото - самољубието! Сакам да живеам само заради своето задоволство, вели човекот што е заробен од телото и живее заради своето задоволство. Душата му потонала во телото и во телесните чувства. На небото, на духовните потреби, на барањата на совеста и долгот тој не ни помислува. Искусил само разни видови наслада, без нив не може да живее, само за нив зборува, размислува и мечтае. Колку што има богатства на земјата, толку потреби има неговото тело, толку задоволства му се потребни на оној што станал роб на насладите и за секоја наслада, во него, се раѓа посебна наклоност. Оттаму и лакомоста, ненаситноста, разгаленоста, мрзата, распуштеноста - наклоности, чија што сила е еднаква на силата на законот на природата, што ја ограничуваат слободата. Почнува ли да го насладува вкусот, станува сластољубив; играта на боите го учи на преголема грижа за облекувањето; разновидноста на звуците - на многу зборување; потребата за храна - на ненаситност; потребата за самоодржување - на мрзливост; други потреби - на распуштеност. Таквиот човек станал душевен роб на телото и колку што има функции телото, преку толку канали тој од телото го пие задоволството и, заедно со насладата, го впива во себе и основниот дух на природата - духот на несвесното механичко дејствување. И колку повеќе некој им е предаден на насладите, толку повеќе се стеснува кругот на неговата слобода, а оној што им е предаден на сите наслади е, може да се рече, потполно окован со телесните окови и е неслободен.
Ете како во нас дрвото на злото расте од мало, речиси незабележливо семе. На дното на срцето, како што забележавме, лежи семето на злото - самољубието; од него израснуваат три фиданки, три вида на самољубие, исполнети со неговата сила: самовознесувањето, лакомоста и телесното задоволување, а овие три раѓаат голем број многу други страсти и порочни склоности. И како што кај дрвото стеблото пушта многу гранки и фиданки, така расте и целото дрво на гревот, кое - вкоренувајќи се во срцето - потоа се шири по целото наше битие, излегува надвор и покрива се што не окружува. Може да се рече дека слично дрво расте во секој човек, чие што срце е склоно на грев, само со таа разлика што кај еден повеќе се открива едната, а кај другиот втората негова гревовна фиданка.
А која е причината поради која, најчесто, не го забележуваме дрвото на гревот во себе, како и заради што често мислиме, па дури и не се срамиме на глас да кажеме: зар сум лош, зар направив нешто лошо? Не забележуваме затоа што гревот не ни го дозволува тоа. Гревот е многу лукав и префинет. Ова дрво на злото и гревот, за кое зборуваме, е толку ужасно што кога би го видел човекот со очите на умот, во сиот негов ужас, секого би го одбил од себе и затоа се обидува да се покрие со „лисја", да го прикрие својот ужас. И, ја прикрива толку успешно, така што, човечката душа, во која расте ова дрво, не може да ги разликува не само корењата и стеблото, туку ниту гранките. Овој покрив од лисја се расејаноста и многуте грижи.
Расејаниот човек не сака да живее во себе, а оној што има многу грижи, нема ниту еден момент слободен. Првиот не може, а вториот нема време да го забележи она што се случува внатре во него. При првото будење од сонот, нивната душа истиот момент излегува од себе: кај првиот заминува во светот на мечтаењето, а кај вториот потонува во морето на, наизглед, неодложните работи. Сегашноста не постои за нив, и тоа, всушност, на целото нивно дејствување. Првиот живее во светот што самиот го создал и само делумно доаѓа во допир со вистинскиот свет, и тоа случајно и површно, а вториот, и со мислите и со срцето, потполно е во иднината, брза да ја заврши секоја работа што е можно побрзо за да фати друга. Тогаш почнува втората и брза на третата, воопшто, со сегашноста се зафатени само рацете, нозете, јазикот и друго, а целата негова мисла е насочена во иднината. Како при таков тек на внатрешните движења да го забележат она што се крие во срцето?
Но, на гревот не му е доволен само покривач од лисја: преку него може некако да се проникне, можно е, со ветрот на страдањата и внатрешните потреси на совеста, да паднат густите лисја и да се разоткрие сиот ужас на гревот. Затоа гревот сам од себе создава, околу себе, некаков непробоен покров, сличен на матната вода што стои, во која тој го потопува своето дрво со лисјата. Овој покров се создава од незнаење, нечувствителиост и безгрижност. Така, не сме свесни дека сме во опасност и не ја чувствуваме; а бидејќи не ја чувствуваме, и се предаваме на безгрижноста. И, без разлика, што и да се преземе за да се вразуми ваквиот грешник, се е залудно. Можете да произведувате многу јаки звуци над водата, но залудно, оној што е во водата ништо не ќе слушне. Можете да се обидете да го тргнете мрзливиот грешник со што сакате, но тој ни малку нема да се поттргне. Ако му ја опишете неговата сопствена внатрешна состојба, тој ќе ви рече: „Тоа не сум јас". Ако го предупредите на опасноста што му се заканува, тој ќе ве убедува дека тоа нема никаква врска со него. Ако го разбудите од сон, тој нема да се засрами да рече: „Еве, гледаш дека работам". Толку е силен покровот со кој се крие овој грев од погледот на оној што се наоѓа под негова власт!
Еве, во општи црти, се она што треба да го промениме во себе, еве широка поткрепа (помош) во дејствувањето, во светиот подвиг на самопоправувањето! Треба да го тргнеме покривот со гревот - да ги отфрлиме од душата: безгрижноста, нечувствителноста, самоизмамата, расеаноста и многуте грижи; треба да се пресечат неговите гранки - сите порочни страсти и склоности; накрај, треба да го откорнеме од корен, да го отсечиме самољубието со самоодрекување. Трудот е голем и тежок! Гревовната нечистотија, за која што зборувавме, не ја покрива душата како прашина што може лесно да се тргне со мало ветарче. Не, таа продрела во самата наша суштина, сраснала со нас, станала дел од нас. Затоа, ослободувањето од неа, за нас е исто што и тоа да се одвоиме самите од себе, исто како да го извадњме окото, да ја пресечеме раката. Меѓутоа, таквата тежина не треба да не задушува, туку да не буди од мрзливоста. Оној што искрено сака спасение, не гледа на препреките: од нив ќе стане уште посилен, порешително ќе пристапи и поревносно ќе го почне спасоносното дело на самопоправувањето.
Како да го правиме ова дело? Од што да почнеме? Што да правиме потоа, а што понатака и, воопшто, каков е текот на внатрешното самопоправување? Човечкото срце е длабоко - како да дознаеме што се случува, а што би требало да се случува во него при одредени околности? Секој има свој карактер, свое расположение, свои страсти, свои склоности и навики. Заради тоа, кај секој човек текот на внатрешното самопоправување треба да биде својствен само за него и невозможно е да се утврди еден ист образец за сите луѓе. Самопоправувањето не е дело на ладни размислувања, туку живо и ревносно дејствување што се остварува длабоко во срцето. Христијанството е тајна, не само во својата основа, туку и во самата практика. Текот на самопоправувањето на срцето е сличен на патот низ подземен лавиринт. „Кој може да се спаси?", ќе рече некој кога ќе ги види сите тешкотии на подвигот на самопоправувањето. Ќе одговориме со одговорот на Спасителот на слично прашање: За луѓето тоа не е можно, но за Бога се е можно (Мт. 19, 25-26). Оној што решил да почне да живее христијански живот, добива, преку светите тајни, благодат од Светиот Дух, која просветува, крепи и утешува. Бидејќи постојано е со него, благодатта раководи со него, на најмудар и највнимателен начин, преку целото време на опасното патување на земјата. И кој може да се надева дека сам ќе постигне поправување на своето срце? Зар во ова свето дело некој може да очекува успех со човечка помош и искуство? Слушајте што вели Господ: Ќе ве поросам со чиста вода и вие ќе се очиетите од сите ваши осквернувања, и од сите ваши идоли ќе ве очистам. Ќе ви дадам ново срце, и нов дух ќе ви дадам; ќе го земам од вашето тело каменото срце и ќе ви дадам срце од месо (Језек. 36, 25-26). Се е од Господа! Да му се предадеме, да се препуштиме на Неговото благодатно делување како нечиста и неубава смеса, нека направи од нас, како уметник и творец, добри садови во чест на созданието што е многу добро. Од своја страна, можеме да му дадеме на Бога само искрена желба за самопоправување и потполна подготвеност да им се покориме на Неговите заповеди. А што се случува со оној што ќе го посети Божјата благодат, како таа го води по патот на очистувањето до состојба на чистота и непорочност - Спасителот тоа го покажал во параболата за блудниот син.
Благодатта го учи човекот, прво, да го познае и да го тргне од себе покривот на гревот, зашто како да почне да работи, ако не види над што треба да се потруди? При ова, паѓа духовното слепило од очите на умот, на срцето му се враќа пристапноста за Бога и се буди волјата од безгрижноста. Душата, истовремено, почнува да го задржува вниманието на себе и се сосредоточува на она што се случува внатре: болката и стравот, пренесувајќи ја душата од онаа страна на гробот кон престолот на Судот Божји, ја одвојуваат од светот и ја насочуваат нејзината грижа кон друга, повозвишена цел. Дрвото на гревот се открива пред погледот на умот на грешникот во сета своја ужасна голотија и во грешникот почнува да се раѓа самоосуда, тој се исполнува со срам и со грижа на совеста. Зракот на милосрдието Божјо, во смирената душа, раѓа топлина на умиление и потоци на покајни солзи, обилни и постојани солзи што, на крајот, од корен го корнат целото дрво на гревот од срцето. И тогаш човекот почнува да се грижи исклучиво за светата побожност.
Делото на самопоправувањето може да се опише лесно и кратко, но тоа не е толку кратко, а уште помалку лесно во реалноста. Нашите потреби се разновидни, разновидно е и грижливото делување на благодатта Божја во нас. Таа еден го прима право во блажениот мир, го изведува на пасиште, го напасува и насладува, додека други ги испитува низ долги и заобиколни патишта и, после многу патување, го доведува таму како уморен и многунамачен патник.
Тешко е! Но, што бидува без тешкотии? Од моментот кога за човекот земјата станала проклета во делата свои, човекот со пот ги добива телесните богатства, а уште повеќе духовните. Но, на крајот, колкава е радоста за она што е стекнато!
Трудот на самопоправувањето, во реалноста, не е толку тежок како што изгледа на прв поглед. Тој изгледа неизмерно голем само кога се гледа отстрана, само додека не стапиме на него. И овде, како и во обичната работа, се зависи од расположението со кое се пристапува... Тесен е патот до Царството, изгледа дека е тежок јаремот Христов, но само додека стоиме надвор, додека се мислиме, додека го осмислуваме текот на новиот живот. Но, кога во срцето ќе се роди и ќе се создаде спаносна решителност, таа со себе носи и расположение за добро дејствување. Одушевениот Христов следбеник оди по Него, радувајќи се и благословувајќи го добиениот јарем од Него...
Ќе прашате, каде да најдеме такво расположение? Ќе се молиме и молитвата ќе го испрати овој божествен оган на верата. Ке се молиме за расположение, решителност и будење од гревовниот сон.

Продолжува)

Извадок од книгата:

ПОКАЈАНИЕТО- ПАТ КОН ВЕЧНОСТА

Издавач: Канео ,Охрид, Дебарско- кичевска епархиј

Друго: Pokajanie.korica.jpg

 

 

 

 



dobrotoljubie

Поуки од Светите Отци

Видео содржини

dobrotoljubie

Духовност

Октомври 20, 2024
TviTER281

Монашки и свештенички семинар во митрополијата на Киншаса (06.09.2024 21:29)

Со Божја благодат и благослов на Неговата Светост Папата и Патријарх Александриски и на цела Африка г. Теодор II, во Митрополијата на Киншаса, во Конго, се одржаа семинари за монасите и свештениците.
Јуни 30, 2024
Avraamovo.GOSTOLJUBIE

Света Троица во Стариот Завет

„Секоја енергија која од Бога се простира на творевината и се именува со многу имиња, од Отецот излегува, низ Синот се протега, а во Духот Свет се совршува“ (Свети Григориј Ниски, „За тоа дека не смее да се говори за три Бога“). Вистината за постоењето на…

За нафората

HRISTOS.nafora
Нафората е осветен леб,кој бил принесен на жртвеникот и чија средина е извадена и…

Проскомидија

TVIT602
·Што е Проскомидија? Еретиците немаат Проскомидија. Проскомидијата е уводниот дел на…

Јован Дебарски Архиепископ Охридски (30 август/12 септември)

Сеп 13, 2021 Житија 3156
Овој свет и богоносен отец наш Јован Дебранин, Архиепископ Охридски и прв ктитор на…

Свети свештеномаченик Харалампиј

Фев 23, 2020 Житија 7633
ih3387
Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот…

Најново од духовност

Православен календар

 

26/11/2024 - вторник

+Свети Јован Златоуст; Светите маченици Антонин, Никифор, Герман и Манета; Преподобниот маченик Дамаскин;

Правила и одредби на Православната Црква за постот
Православен календар за овој месец - МПЦ

Кожувчанка

Молитви кон Пресвета Богородица за секој ден во седмицата

 Радувај се, Ти Која од ангелот ја прими радоста на добрата вест дека Бог Слово ќе прими тело од Тебе! Радувај се оти го носеше Создателот во Твојата утроба! Радувај се Ти Која го роди Бога во тело, Спасителот на светот! Повеќе...

Тропар

Тропар на св.Христови маченици Гуриј, Самон и Авив 15 ноември / 28 ноември 2024

Тропар на св.Христови маченици Гуриј, Самон и Авив 15 ноември / 28 ноември 2024

Избирајќи живот по вашата вера,наместо виделина од очите телесни,Гурие и Самоне, Бога го прославивтево вашето мачеништво, при вистината останавте и...

Тропар на светиот апостол Филип 14 ноември / 27 ноември 2024

Тропар на светиот апостол Филип 14 ноември / 27 ноември 2024

Празнува вселената, ликува Етиопија,како со венец украсена, од тебе просветувајќи се,светло го слави твојот спомен,богоглаголив Филипе.Ги научи сите во Христа...

Тропар на светите Кварт, Родион, Сосипатар и Терциј 10 ноември / 23 ноември 2024

Тропар на светите Кварт, Родион, Сосипатар и Терциј 10 ноември / 23 ноември 2024

О, свети апостоли Христос Спасителотво вас се зацари, душата во убавина се облече и венци за вас Животот исплете.За Олимпа...

Духовната убавина на Богородица се пројавува и во моментот на Распнувањето на Нејзиниот Син

Тебе, Богородице поборнице – војвотко, ние слугите Твои, откако се избавивме од зло, Ти пееме победни и благодарствени песни. Ти имаш сила непобедна, од секакви опасности ослободи не за да Ти пееме : Радуј се, Невесто Неневесна! Повеќе...

Болестите според светоотечкото учење

Значи, не се надевај на лекарска вештина без благодат и не ја отфрлај своеволно, туку моли Го Бога да ја спознаеш причината за казната, а потоа моли за избавување од немоќта, трпејќи сечење, горење, горчливи лекови и сите лекарски казни Повеќе...

Свети Лука Симтерополски: Архиепископ и хирург

Едноставно е да се претпостави дека професорот – епископ, соединувајќи го во своите раце крстот и скалпелот, ги порази современиците токму со тоа необично соединување на двете разновидни сфери на активност.  Повеќе...

Духовни поуки: „Помоли се за мене“

Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш - ќе успееш и во едното и во другото. Повеќе...

Живот без стрес

Ако разбереме што се крие зад стресот, ако ја видиме лагата, која што се крие зад него, на крајот ќе увидиме дека не постои причина за да бидеме во стрес.. Повеќе...

Митрополит Струмички Наум - Да пораснеме барем до Стариот Завет

И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака. Повеќе...

Епископ Тихон Шевкунов: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“

Несвети, а свети. Луѓе, кои навидум живееле во нашето секојдневие, се соочувале со проблемите со кои ние се судираме, боледувале од болести од кои ние боледуваме, често осудувани од околината, а сепак, не биле секојдневни. Луѓе, кои не се на иконите, но го предавале животот од иконите во сите нивни дела, зборови, мисли. Луѓе, за кои тишината прозборила дека се свети.  Повеќе...

ГОЛЕМАТА ТАЈНА НА ДИВЕЕВО - Кој ќе доживее, ќе види

Како дополнување на оваа тајна, еве што слушнав од устата на 84-годишната игуманија на манастирот Дивеево, Марија. Бев кај неа во почетокот на 1903 година веднаш по канонизирањето на преподобниот Серафим и заминувањето на царското семејство од Дивеево. Повеќе...

Арх. Калиник Мавролеон: Монологот БОЖЈИ

 

Те гледав кога се разбуди угрово. Чекав да ми кажеш два-три збора, да се заблагодариш за се што ти се случува, да побараш мое мислење за се што треба да правиш денес. Повеќе...

За Моето име

Поуки на грузискиот Старец Гаврил Ургебадзе за последните времиња

 

„Ѓаволот има 666 мрежи. Во времето на антихристот луѓето ќе очекуваат спасение од космосот. Тоа ќе биде и најголемата замка на ѓаволот: човештвот ќе бара помош од вонземјаните, не знаејќи дека тоа се, всушност. – демони.“ Повеќе...

Взбранной Воеводе победительная