Монах Мојсеј Светогорец
Православната духовна традиција го има наследството на светоста и кога таа автентично се следи, претставува опасен начин на живот. Таа не ги промовира бескрајните дискусии на сколастиците, дефинициите на рационалистите и поучувањата на моралистите. Нашата духовна традиција нè снабдува со студена освежителна вода за полето на нашите срца , гасејќи ја нашата вистинска жед. Аскетизмот и длабокото смирение нè водат во огнениот круг, на стартната подлога. Православието не е верно согледување на задолжителни правила и прописи, ниту се објаснува преку совесно паметење на литугиското упатство. Поскоро, ние сме советувани да ја запазиме тишината и да останеме неподвижни. Не треба да зборуваме заради корист од зборувањето, дури ниту заради Бога. Подобро, ние треба да бараме да го стекнеме различниот начин на живот и тој наш нов живот нека зборува лично. Прифаќањето и разбирањето на другите е еден од начините на востановување на Божјиот образ во нашата природа и надминување на осаменоста. Никој што војува нема време за уживање. Слично, духовниот живот - животот во Христа - е постојана борба, агониски напор. Тоа е борба “еден на еден” и во неа можеш да бидеш ранет или дури и убиен, за повторно да воскреснеш. И ова може да се случи бавно или бргу, според љубењето на Божјата волја. Бог постојано го предизвикува човекот да му даде време да се сталожи, да размислува, да престане да живее во метеж. За Бога ќе биде доволно ако некој го спознае и прифати сопствениот тежок карактер, ако сопругот се посвети на својата болна сопруга, ако учителот ги сака и се труди да им помогне на своите ученици кои изгледаат неспообни за напредок, ако синот ја разбира својата специфична мајка која многу бара од него.
Тешко е да бидеме задоволни со малку. Многу луѓе мислат дека само големите и необични настани ни даваат углед и признание. Тие мислат дека Бог бара многу (а греат деал) од нас. Всушност, Тој го бара само она што можеме да го правиме, но не го правиме. Тој не ќе бара да се жнее таму каде што не сеел. Тој нема да го го испитува оној што пелтечи зошто не станал говорник, куциот - зошто не станал маратонец. Од нас ќе се бара одговорност токму за она што сме можеле да го направиме, а заради некакви/никакви причини, сме пропуштиле да го направиме.
Во нашите сегашни напори ние ќе згрешиме, ќе се препнеме, ќе паднеме – но, ние мораме повторно да станеме. Нашата света Православна Црква има таква одаја, таква пространост. Во топлината на нејзината прегратка има место за секого. Да згрешиш и да паднеш е човечки, но да не станеш е ѓаволски. Нема непростлив грев, нема неизлечива рана. Сè што е потребно е - копнежот, вистински да бараш тоа да се случи.
Извор: ТРОИЧНИК
[moshits}
"И така, вие веќе не сте туѓи и придојдени, туку сте им сожители на светиите и свои на Бога, оти се утврдивте на темелите, поставени од апостолите и прориците, имајќи Го како аголен камен на темелот Самиот Исус Христос, врз Кого целата зграда, стројно зглобена, прераснува во свет храм на Господа; врз Кого и вие ќе се соѕидате во живеалиште Божјо преку Духот.( Еф. 2, 19-22)"
Слегувањето на Светиот Дух беше најголемо Божјо откровение меѓу луѓето. Духот-Утешител во "страшната и непоимлива тајна" на денот Педесетница, еднаш засекогаш влезе во свет, во кој никогаш пред тоа не присуствувал на начин на кој тогаш започна да обитува и пребива. На тој ден преобилниот извор со Жива Вода започна да врие на земјата, во светот кој беше искупен и измирен со Бога преку распнатиот и воскреснат Господ. "Доаѓањето" на Духот зависеше од "заминувањето" на Синот:
"Но Јас вистината би ја кажувам: подобро е за вас Јас да си отидам, оти, ако не си отидам, Утешителот нема да дојде при вас; ако, пак, заминам, ќе ви Го пратам". (Јн. 16,7)
Педесетница беше мистично осветување и огнено крштевање на целата Црква, извршено од Господа, зашто Он крштева со Дух Свети и со оган. (Мт. 3, 11)
Христијаните преку Светиот Дух се соединија со Христа и преку тоа се слеаа во Него во едно тело: Тело Христово. Оваа аналогија ја користи Св. ап. Павле во разни контексти, кога ја опишува тајната на христијанскиот бит и сведоштвото за Едната Света Соборна и Апостолска Црква. Таа е една во Евхаристијата, зашто Евхаристијата е самиот Христос, кој светотаински обитува во Црквата, бидејќи таа е Негово Тело.
Освен Тело Христово, Светата Црква е и Негова полнота: "...која е Негово Тело, полнота на Оној кој исполнува сé во сé". (Еф. 1, 23) Црквата е Тело Христово, зашто е Негово надополнување. Свети Јован Златоуст пренесувајќи ја мислата на ап. Павле вели:
"Црквата е Христово надополнување, исто како што главата го надополнува телото, а тоа се надополнува со главата. Христос не е сам. Тој Го подготви целиот човечки род да Го следи, да Го возљуби и да се припои кон Него. Тоа значи дека Главата (Христос), ќе биде во потполност со Телото (човечкиот род), дури тогаш кога тоа ќе биде потполно (усовршено), односно кога ќе бидеме сите заедно соединети и взаемно поврзани во Христа".
Со други зборови, Црквата е продолжение и надополнување на Светото Христово воплотување, распнување, воскреснување и вознесување на небесата. На тој начин Христијанската Црква го изгради своето Богоспасително место во целокупниот план на Божествениот ветоспасителен домострој.
м-р И.О
Посети:{moshits}
Изборот: од свештенството на храмот Св.Спас, Драчево( Скопје)
Митрополит Навпактски Јеротеј Влахос
Постои тесна врска помеѓу свештеното тихување (исихија) и мисијата. Не може да постои вистинска мисија, доколку не е вдахната од свештеното тихување, со православното значење на терминот, а тихувањето на природен начин се влева во течението на мисијата. Кога ќе се одврзе мисијата од свештеното тихување, тогаш се создава сериозен црковен проблем.
Мисијата е свештено пратеништво, односно кога Бог испраќа одредени луѓе за да го проповедаат Евангелието на Неговото Царство, Евангелието на вистината, на правдата, на спасението на луѓето. Мисионерот не се испраќа самиот и не му е работата само да проповеда, односно не е теоретски учител, туку е татко кој го предава познанието на Бога, што тој претходно го стекнал, и раѓа духовни деца Божји. Секако, знаеме од Православното Предание дека познанието на Бога е воглавно и пред сé опитно - егзистенцијално. Пренесувањето на тоа познание за резултат го има повторното раѓање на луѓето.
Тихувањето (исихија) со православното значење на терминот е начинот и методот кој Христос им го предал на Апостолите, а тие на нивните наследници, преку кој метод човекот го стекнува егзистенцијалното познание на Бога. Овој метод е поврзан со живеењето на Христовите блаженства. Ако го видиме редоследот по кој Христос ги изговорил блаженствата, ќе го констатираме православното тихување, односно методот на исцелување на човекот. Завршеток на тој метод, односно на тој живот е мисијата и мачеништвото. Претходи себепознанието и преку него смирението според Христа, а следи покајанието, кротоста, гладот и жедта за Божјата Правда, за исполнување на Христовите заповеди, доживувањето на Божјата милост, чистотата на срцето преку кое човекот го вкусува созерцанието на Бога, предавањето на другите на тој мир што самиот го вкусил, гонењето и мачеништвото заради славата Божја, радоста заради доживувањето на Царството Божјо, стекнувањето на дарот на пророштвото (Мат. 5, 3 - 12).
Исто така, методот на православното тихување ни го предале Отците на Црквата. Овде треба да се потсети на учењето на светиот Григориј Палама, какво што е зачувано во неговата беседа за Воведение на Богородица, во неговото писмо кон монахињата Ксенија и во неговото дело за оние кои свештено тихуваат.
Светите Апостоли го живееле свештеното тихување, откако се одрекле од сé и тргнале по Христа, живееле со Него цели три години, во текот на кои се посветиле во тајните на Царството Небесно, достигнале до доживување на созерцанието на несоздадената Светлина, на различни начини и степени учествувале во Страдањето, Крстот и Смртта Христови, Го виделе Воскреснатиот Христос, Го примиле Светиот Дух на денот на Педесетницата и со тие претпоставки Самиот Христос ги испратил да го проповедаат тоа што го виделе, го слушнале и го спознале егзистенцијално. Затоа беседите и посланијата на светите Апостоли се полни со личен опит и познание на Бога. Не развиле свои теории, не поучувале со посветовњачени слова, не вршеле посветовњачена и моралистичка мисија, туку го изразувале опитот на Бога, што лично го стекнале.
Таа поврзаност помеѓу тихувањето и мисијата ја живееле сите големи Отци на Црквата, кога биле повикани да го раководат народот Божји и да вршат мисија, со православно значење на зборот. Тоа го гледаме кај светиот Василиј Велики, светиот Григориј Богослов, светиот Јован Златоуст, светиот Григориј Палама, за да се ограничам само на овие познати и големи.
Тоа го среќаваме и подоцна кај многу монаси, кои се подвизувале во животот според Христа и кога созреале духовно, примиле информација од Бога и станале учители на луѓето на многу и различни начини. Секако, таа информација се дава во Црквата и се реализира со благослов на Црквата. Тоа е така затоа што ниту еден духовен дар не се автономизира, односно не се врши независно од Црквата и од благословот на Епископите. Бидејќи Истиот Свет Дух ги дава духовните дарови и Истиот Свет Дух го дава дарот на свештенството и ја устројува структурата на Црквата.
Еден пример на мисија е случајот на светиот Симеон Столпник, кој ги поучувал илјадниците што доаѓале кај него од сите делови на Ромејската Империја. Според личното сведоштво на Теодорит Кирски, кај светиот Симеон, кој се наоѓал на еден столп, притекнувале многу луѓе, не само Христијани, туку и Исмаилци, Персијанци, Ерменци, Грузијци, како и многу од Запад, односно Шпанци, Британци и Галати. Дури и многу идоолопоклоници се одрекувале од древната заблуда и се крштевале, станувале Христијани.
Еден друг современ пример на мисија, на излегување од манастир со благослов на духовните отци, е светиот Козма Етолски. Духовно се подвизувал на Света Гора, како што самиот вели, многу години, следејќи го целиот исихастички метод и потоа, кога почувствувал во себе информација од Бога да прави обиколки по поробениот народ, ги прашал своите духовни отци, зел благослов од Патријархот, но земал благослов и од помесните црковни начелници. И бидејќи се движел во овие рамки, неговото дело имало духовни плодови и се врши дијахронично (низ сите времиња). Треба да се нагласи дека мисијата не се исцрпува само во проповедта или во некоја друга пастирска дејност, туку таа е и молитва, лична комуникација со секој Христијанин, и само благодатното присуство на еден светител, стекнувањето "догматска свест", како и формулирањето и зачувувањето на догмите. Конечно, мисијата се врши и по прославеното упокојување на светителот, со неговите чуда, со неговите молитви, со неговите мошти, дури и со неговиот гроб. Обожувањето по благодат на еден човек минува невидливо и тајно, а понекогаш и јавно, во животот и во функционирањето на духовниот организам на Телото Христово, односно на Црквата.
Во мојата книга Личноста во Православното Предание, во поглавјето со наслов Јуродството заради Христа како живеење на слободата, опишувајќи го животот и дејноста на светиот Симеон јуродив заради Христа проанализирав дека тој го вршел тоа дело, се дружел со жени блудници, откако најпрво живеејќи во пустината стекнал целосно бестрастие, со тихување и молитва, и откако зел благослов од духовните отци. Неговиот биограф пишува: Преку вселената во него сила на Светиот Дух, ниту од страст се плашел, ниту од студ, ниту од глад, ниту од жега, туку станал речиси над мерата на природата. Кога влегол во една женска бања, како што пишува самиот, како дрво со дрва, така и јас бев тогаш. Чувствувам дека ниту јас носам тело, ниту дека влегов кај тела. Но целиот мој ум беше во Божјото дело и од таму не отстапи.
Некои светители достигнале до овие крајни нивоа на мисија, откако самите достигнале до просветлување и обожување. Светителите од оваа категорија, бидејќи во себе ја имале Божјата светлина не само што не се помрачувале од темнината на опкружувањето, туку ја осветлувале и самата темнина на опкружувањето.
Пастирската дејност на ваквите светители ја покажува суштинската врска помеѓу свештеното тихување и мисијата. Не може да се врши спасителна мисија доколку мисионерот не ги поседува сите гаранции што ги има определено нашето Православно Предание и доколку не се движи во рамките на трезвеноумниот живот на нашата Црква.
Токму поради таа причина не може некој лесно да се повикува на примерите на светителите кои вршеле една ваква мисија, кога самиот не само што не го доживеал просветлувањето на умот и обожувањето, туку сеуште не е воведен во степените на очистувањето на срцето од страстите.
Во овие рамки православно и црковно се поврзува тихувањето со мисијата. Мисија која во себе го нема елементот на тихувањето, кое се изразува со сите духовни дарови (смирение, покајание, мир, почитување на канонското црковно уредување), не е автентична. Во тој случај ќе важат Христовите зборови за лошите работници.
Некој Го запрашал Христа дали тие што ќе се спасат се малкумина. А Христос одговорил:
Потрудете се да влезете низ тесната врата; затоа што ви велам: мнозина ќе сакаат да влезат и не ќе можат. Кога ќе стане домаќинот и ќе ја затвори вратата на куќата, а вие, стоејќи однадвор, ќе почнете да чукате и да викате: Господи, Господи, отвори ни! Он ќе ви одговори и рече: Не ве знам од каде сте. Тогаш ќе почнете да зборувате: Ние јадевме пред Тебе и пиевме, и по нашите улици Ти поучуваше. А Он ќе рече: Ви велам, не ве познавам од каде сте; отстапете од Мене сите што вршите неправда! Таму ќе биде плач и крцкање со заби, кога ќе ги видите Авраам, Исаак и Јаков, и сите пророци во Царството Божјо, а себе истерани надвор. И ќе дојдат од исток и запад, и север и југ, и ќе седнат на трпезата во царството Божјо. И ете, има последни што ќе бидат први, а има и први што ќе бидат последни (Лука. 13, 24 - 30).
Светиот Василиј Велики, обраќајќи им се на монаси и толкувајќи ги овие Христови зборови, вели дека лоши работници на кои Христос овде мисли се оние кои немаат вистинска љубов. Во продолжение тврди дека сé што се прави не од љубов кон Бога, туку заради привлекување пофалба од луѓето, кое и да е тоа дело, не ја наоѓа пофалбата на Богопочитувањето, туку го има осудувањето на човекоугодништвото или на себеугодувањето или на зависта или на славољубието или на нешто такво слично.
Според тоа, мисијата се врши на многу и различни начини, со молитвата, со поучувањето, со пастирската дејност, со збор и со молчење, со движење и со неподвижност, со крсниот живот и со прославеното упокојување. Меѓутоа мисијата се врши во атмосферата на православното тихување, кое се контролира од тоа во колкава мера го почитуваме црковното уредување и структура.
Кога некоја "мисија" се врши без благословот на Црквата, кој го даваат Епископите, кои се наследници на светите Апостоли, тогаш не е благословена од Бога и еден таков "мисионер" е лош работник. Секако и некој Епископ кога не ги остава автентичните пастири да работат, ќе одговара пред Бога. Но постоењето на некој Епископ кој не му дава дозвола на некого да врши пастирска служба во Црквата, не може да допушти бунтови и црковни расколи.
Во секој случај кога некој ја прима благодатта на Светиот Дух, тогаш тој станува привлечна точка за многу луѓе каде било и да се наоѓа и да врши мисија. Затоа незаборавниот о. Јустин Поповиќ пишува:
Аскетите се единствените мисионери на Православието. Акетизмот е единствената мисионерска школа на Православието. Православието е аскеза и живот, и затоа само со аскезата и со животот ја проповеда и ја остварува својата мисија. Да се развие аскетизмот, личен и црковен - тоа треба да биде внатрешната мисија на нашата Црква во нашиот народ. Парохијата треба да стане аскетски центар. Но тоа може да го направи само парох - аскет. Молитвата и постот, црковниот живот на парохијата, литургискиот живот - тоа се главните средства на Православието, со кои влијае преродбенички врз луѓето. Парохијата, парохиската заедница треба да се прероди, и преку христољубивата и братољубивата љубов смирено да Му служи на Христа во сите луѓе со кротост и смирение, со жртва и себеодрекување. А ова служење е должно да се напојува и да се храни од молитвата и од литургискиот живот. Тоа е основното, неопходното. Но сето ова како претпоставка бара: самите наши архиереи, свештеници и монаси да станат аскети, и затоа: На Господа да се помолиме.
Превод: С.С.
Посети:{moshits}
Георгиј Флоровски
Марија “најде милост во Бога” (Лука 1:30). Таа беше избрана и поставена да служи во Светата Тајна на Воплотувањето. И преку овој вечен избор или предодредување Таа на некој начин беше изделена и и беше дадена единствена привилегија и положба не во целото човештво, туку во целото создание. На неа, би можело да се каже, и беше даден ненадминат ранг. Таа истовремено беше и претставник на човечката раса и одделена од неа. Тука постои една противречност која се подразбира под божествениот избор. Таа беше одделена и поставена во единствен и неспоредлив однос кон Бога, кон Светата Троица, дури и пред Воплотувањето, како идната мајка на Воплотениот Господ, бидејќи тоа не беше еден обичен историски настан, туку значајна беспрекорност на вечното решение на Бога. Таа има единствена положба дури и во божествениот план на спасение. Преку Воплотувањето човековата природа требаше да биде повторно воспоставена во заедница со Бога, која што беше уништена и отповикана од Падот. Светата Човечност Исусова требаше да претставува мост преку амбисот на гревот. Така, оваа човечност беше земена од Дева Марија. Самото Воплотување беше нов почеток во судбината на човекот, почеток на новото човештво.
Од Воплотувањето се изроди “новиот човек”, “Последниот Адам”; тој беше навистина човек, но беше и повеќе од човек: “Вториот човек е Господ од Небесата” (1 Кор. 15:47). Како Мајка на овој “Втор Човек”, Марија самата учествуваше во Светата Тајна на искупителното повторно создавање на светот. Секако, таа треба да се вброи меѓу избавените. Таа навистина имаше потреба од спасение. Нејзиниот син е Искупителот и Спасителот, како што е Тој и Искупител на светот. Сепак, таа е единственото човечко суштество за кое Искупителот е едновремено и син, нејзино сопствено чедо кое верно Го носеше. Исус навистина се роди “не од крв, ниту од волјата на плотта, ниту пак од волјата на човекот, туку од Бога” (Јован 1:13), а сепак Тој е “плод на утробата” на Марија. Неговото натприродно раѓање е образец и источник на новото постоење, на новото, духовно раѓање на сите верници, што не е ништо повеќе од учество во Неговата света човечност, прифаќање на восиновувањето во Бога—во “вториот човек”, во “последниот Адам”.
Мајката на “вториот човек” неопходно имаше свој сопствен и карактеристичен влез во новиот живот. Не е премногу да се каже дека за неа Искупувањето беше, на некој начин, предосетено во самото Воплотување—и притоа предосетено на необичен и личносен начин. “Светиот Дух ќе се спушти врз тебе, и моќта на Севишниот ќе те осени” (Лука 1:35). Ова беше вистинско “теофанско присуство”—во полнотата на благодатта и на Духот. “Сенката” е токму теофански симбол. И Марија навистина беше “блажена”, гратиа плена, кехаритомени. Благовеста за неа беше, би можело да се каже, претчуствувана Педесетница.
Принудени сме да го изложиме овој смел паралелизам преку несфатливата логика на божествениот избор. Зашто навистина не можеме да гледаме на Воплотувањето само како не метафизичко чудо кое би било неповрзано со личната судбина и постоење на опфатените лица. Бог никогаш не се однесувал спрема човекот како спрема алатка во рацете на господарот. Бидејќи човекот е живо битие. Тоа никако не би можело да биде преку “инструментална благодат”, кога Приснодевата беше “осенета” од моќта на Севишниот. Единствената положба на Дева Марија очигледно не е нејзина заслуга, ниту пак “награда” за нејзините “заслуги”—ниту дури полнотата на нејзината благодат и била дадена како “аванс” за нејзините заслуги и добродетели. Беше тоа извонредно бесплатен подарок од Бога, во најстрогата смисла—гратиа гратис дата. Беше тоа апсолутен и вечен избор, иако не безусловен—бидејќи беше условен од и доведен во врска со Светата Тајна на Воплотувањето. Марија ја чува нејзината единствена позиција и има “своја сопствена категорија” не само како Дева, туку како Дева—Мајка, партхеномитир, како предодредена Мајка Божја. Нејзината функција во Воплотувањето е двострана. Од една страна, таа го обезбедува континуитетот на човечката раса. Нејзиниот Син е, поради неговото “ второ потекло”, Син Давидов, Син Авраамов и на сите “претци” (ова е нагласено од родословите на Исус, во двете верзии).
Според зборовите на Св. Иринеј Лионски, тој “го возглавил во себеси долгиот список на човештвото” (Адв. Хаерес., 3, 18, 1: лонгам хоминум еџпоситионем ин се ипсо рецапитулавит), “ги собрал во себе сите народи, распространети уште од Адама” (3, 22, 3) и “го примил врз себе древното создание” (4, 23, 4). Но, од друга страна, тој “покажал ново раѓање”. Тој станал Новиот Адам. Ова беше најдрастичниот премин во континуитетот, вистински преврат на претходниот процес. И овој “преврат” почнува токму со Воплотувањето, со Рождеството на “Вториот Човек”. Св. Иринеј пишува за обраќање наназад—од Марија до Ева (3, 22, 4). Како Мајка на Новиот Човек, Марија го има нејзиниот предвиден дел во оваа новост.
Се разбира, Исус Христос е единствениот Господ и Спасител. Но Марија е Неговата мајка. Таа е ѕвезда деница која го навестува изгрејсонцето, појавувањето на вистинскиот Сол салутис: астир емфенон тон Илион. Таа е “зора на таинствениот ден” (и двата израза се од Акатистот на Пресвета Богородица). И на извесен начин дури и Рождеството на самата Богородица и припаѓа на тајната на спасението. “Рождество Твое, Богородице Дево, радост и објави на целата вселена—од тебе засвети Сонцето на Правдата, Христос Бог наш; рушејќи ја клетвата, ни даде благослов; уништувајќи ја смрта, ни дарува живот вечен.“ (Тропар на празникот на Рождество на Богородица). Христијанската мисла секогаш се движи во пространството на личноста, не во царството на обопштените идеи. Таа ја сфаќа тајната на Воплотувањето како тајна на Мајката и Синот. Мајчинството на Богородица е заштита против евангелска конкретност, од која бега секаков докетизам. Традиционалната икона на Богородица е токму икона на Вопплотувањето: секаде се гледа Приснодевата со Младенецот. И се разбира, никаква икона, никаков образ на Воплотувањето, не е возможен без Богомајката.
Посети:{moshits}
Тешкотијата да соработуваме со ближниот секогаш произлегува од недостигот на молитва и на љубов!
Како што вели Свети Силуан, може да се случи и покрај огнените молитви, напредокот да биде тежок. Покрај тоа, откако успееме во повикот на Името Исусово да заживееме цврсто со некоја личност, стануваме способни да живееме со милиони други личност што и се слични.
Старец Софрониј (Сахаров)
Извор МПЦ „Поуки на денот“
Секое нешто што го здобивате преку вашиот внатрешен подвиг, се одразува врз вашиот живот во Бога. Борете се против секоја страст која предизвикува во вас помисли на осудување против ближниот. Не го примајте она што непријателот ви го подметнува против оној што е неправеден со вас. Било да сте сами во вашата келија, било со други, секоја помисла на осудување, секој негативен внатрешен двиг, создава пукнатина во вашата духовна тврдина и во тврдината на братството. Ниедна помисла не се раѓа и не поминува без последици! Со добри помисли за секого што ќе го сретнете, ќе можете да откриете возљубена личност. Наспроти ова, со лоши помисли, вашето лице, вашите душевни сили, ќе ги потресат вашите односи со другите и ќе влијаат врз вашата околина. Кога благодатта е во вас, тогаш не ги гледате маните на другите, туку само страданијата и љубовта на браќата.
Униние, етимолошки означува, отсуство на грижа за спасение. Освен некои, безмалку ретки исклучоци, сето човештво живее во состојба на униние. Луѓето станаа небрежни за своето спасение. Не го бараат божествениот живот. Се ограничуваат во рамките на телесниот, во потребите на секојдневието, во страстите на светот и во компромисните дела. Сепак, Бог нè создаде ни од што, според Неговиот образ и подобие. Ако ова откровение е вистинско, отсуството на грижа за спасение не е ништо друго, освен смрт на личноста.
Безнадежноста е губење на свеста дека Бог сака да ни даде вечен живот. Светот живее во безнадежност. Луѓето самите себе се имаат осудено на смрт. Треба да се бориме гради во гради со унинието.
Природно, нечистиот дух не ги изнесува на видело добродетелите на луѓето, туку нивните слабости. Оние пак, што се ослободени од своите страсти, бидејќи немаат злоба, злото со добрина го поправаат. Ако видат некаде малку нечистотија која не се чисти, ја покриваат со плоча, за да не се згрози некој друг, ако ја види. А пак, оние што чепкаат по ѓубрето, личат на кокошки…
Не е искрен и доблесен оној што ја кажува вистината в лице, ниту оној што ја обзнанува, туку оној што има љубов и вистински живот, што зборува со расудување кога има потреба, и го кажува потребното во соодветен час.
(Старец Паисиј Светогорец)
Светите Отци во старо време најпрвин бегаа во пустината и во подвиг ги опустошуваа своите страсти. Без свои планови и програми преку послушанието се предаваа во рацете Божји. И покрај тоа што достигнуваа успех во мерата на светоста, ги одбегнуваа чиновите и власта, освен ако Мајката Црква имаше потреба од нив. Тогаш, тие и' се покоруваа на волјата Божја преку нивниот свет живот да се прослави Името Божјо. Значи, откако ќе постигнеа една добра состојба на духовно здравје, преку добра духовна храна во пустината и преку будното следење на Отците, тие стануваа духовни крводарители.
Во наше време за жал, многумина од нас под влијание на световната љубов која нема духовно покритие, сакаат наводно да сторат добро, да даруваат крв, а таа е полна со духовни микроби, со што причинуваат поголема штета.
(Старец Паисиј Светогорец)
Крстот е најсветол знак и симбол на нашата света православна вера. Сите Свети тајни завршуваат со призивот на Св. Дух и со крсниот знак, како што е во чинот а на крштевањето, мирипомазанието, Божествената Литургија и сл.
Сите свештенички благослови се во знакот на крстот, додека светите храмови, предмети, садови и одежди се осветуваат со чесниот крст. Крстот е единствена карактеристика со која се препознава секој христијанин од денот на раѓањето до денот на смртта, односно крајот на неговиот овоземен живот.
Ние, христијаните, не можеме да живееме без крсниот знак. Постојано се крстиме, крстот го носиме на своите гради, го чуваме во домовите, автомобилите, работните места и т.н.
Без крстот, како незаменлив христијански симбол, незамислива е и самата христијанска црква. Неговата благодат и сила не се наоѓа во неговиот облик, но во неговата суштина со тоа што Господ Исус Христос преку крстот и распнувањето, кое беше најстрашна римска смртна казна, го спаси светот со својата смрт. Крстот беше жртвеник на кој Христот се принесе самиот Себе како последна крвна жртва. После овој чин, незамисливо е и надвор од човековиот разум, ние, христијаните и понатаму да практикуваме принесување на крвни жртви преку чинот на крвопролевање на разни "курбани", кои патем се турски и муслимански верски обичаи, а не христијански, но преку христијански обичаи како што беа првите вечери на љубовта, преку кои Христовите апостоли ги згрижуваа и хранеа сите тогашни христијани.
На крстрот Христос го доживеа своето најголемо понижување и болка, за да нé ослободи нас христијаните од проклетството на гревот и смртта. Тој со својата смрт ја уништи смртта, за да ни подари вечен живот и нераспадливост преку своето воскресение.
Господ Исус Христос на крстот на најубедлив начин го покажа своето човекољубие со својата безгранична љубов, молејќи се за оние што го распнуваа:
"Оче прости им оти не знаат што прават!"( Лк. 23,24)
Со крстот Христос го очисти и освети небото, воздухот и земјата, бидејќи беше раснат под отворено небо, подигнат на крст во воздух и Неговата пресвета крв се проли врз земјата. На крстот Тој се принесе Себеси како општа жртва за целата земја и општо очистување на целокупната чобечка природа. На крстот ни покажа дека овој свет не е последна реалност, но само пат кон последната вистина.
Конечно на крстот Господ Исус Христос се претстави како единствен доброчинител, спасител и избавител на целата вселена и единствен кој го отфрли секое дело на нечестивиот, кој преку своите методи и заблуди имаше моќ и власт над луѓето.
Значи преку крстот Исус Христос го обнови прекршениот завет на Адам со Бог, а на останатите христијани измирување со Бог отец за опростување на гревовите и живот вечен. АМИН!!!
И.О.
Епископ Иларион Алфеев
Разбирање на духовноста, христијанството, културата
Пред да зборувам за духовниот живот, би сакал да го појаснам поимот „духовност“. Денес многу се слуша за духовноста. За неа зборуваат луѓе од најразлични професии и светогледи, со различно животно искуство, внесувајќи во тој поим најразлични содржини. Во православно, христијанско поимање, духовноста пред сè е поврзана со поимањето на Светиот Дух. Духовноста е способност да се живее на таков начин што сиот живот би бил пронижан со присуството на Светиот Дух, за Светиот Дух да дејствува во човекот. Соодветно на тоа, духовноста е религиозен поим. Надвор од религијата, овој термин е лишен од секоја смисла.
Оние постарите добро паметат како во времето на комунизмот во училиштата нè учеа дека човекот е мајмун кој достигнал одреден степен на интелектуален развој, дека човекот, пред сè, е материјално битие коешто живее во материјален свет. Сè што при еден таков пристап било внесувано во поимот духовност, било лишено од религиозната суштина. Под духовност се подразбирала интелектуална дејност, вклученост на човекот во културата и ништо повеќе.
Требе да се објасни, исто така, и поимот култура. Зборот „култура“ произлегол од латинскиот „култ“ „богослужење“. Според своите корени, сета човекова култура има религиозно происходство. Во древниот свет немало друга култура освен онаа којашто била непосредно поврзана со религијата. Од што произлегла музиката? Од богослужното пеење, од желбата на луѓето да го воспеваат Бога. Од што започнала ликовната уметност? Од обидите на луѓето да го изобразат своето религиозно искуство преку линии и бои. Таквата поврзаност може да се направи за секој вид уметност, зашто сите уметности имаат корени во религиозното верување, во религиозниот култ.
Од моментот кога уметноста се издвоила од религијата, таа стекнала самостојно постоење. Тоа се случило не толку одамна на Запад во епохата на Ренесансата, во Русија нешто подоцна и резултат на тоа е создавањето на светската култура. Сета светска култура, според мене, во извесна мера или себеси се става наспроти нешто бжествено и религиозно, или со себе заменува нешто божествено и религиозно, или постепено, измачувачки, ги бара корените од кои некогаш се откорнала. Со други зборови, културата не може да биде неутрална во однос на религијата. Таа може да биде религиозна, при што ја имам предвид не само чистата религиозна култура, туку и светската култура којашто се обидува да го пронајде својот пат кон Бога. Таа може да биде и антирелигиозна, во смисла што воинствено се поставува наспроти религијата, каков што беше случајот со советската култура. Но културата може да биде антирелигиозна и во онаа смисла во која префиксот „анти“ се употребува во грчкиот јазк „наместо“. Тогаш таквата култура, или, поточно, антикултура, претставува обид со неа да се замени религиозната содржина на животот.
И уште една забелешка за смислата на поимот „христијанство“. Некој ќе помисли дека тука нема што да се размислува, дека сите ние знаеме што е христијанство. Но, ако некој нè праша во што е суштината на христијанството, по што тоа се разликува од другите религии, зашто е потребно христијанството, мислам дека секој нема да може да одговори правилно. А причината е во тоа што и во поимот „христијанство“ се внесуваат крајно различни содржини.
Христијанството е една од светските религии, но со тоа ниту оддалеку не се исцрпува неговата суштина. Ако погледнеме на одделни компоненти на христијанството, ќе забележиме дека повеќето од нив ги има и во другите религии. На пример, верата во еден Бог е присутна и кај христијаните, и кај јудеите, и кај муслиманите претставниците на монотеистичките религии. Христијанскиот морал исто така не претставува нешто уникално: во многу нешта тој е близок на јудејскиот, старозаветен морал; има многу заеднички нешта и со муслиманското морално учење. На нивото на аскетската и молитвена практика, христијанството исто така има многу заеднички нешта со другите религии. Погледнете се како се моли христијанинот во храмот и муслиманот во џамијата. Тие изговараат сични зборови во молитвата, користат слични гестови. Со еден збор, ниту на едн од наброените нивоа нема да најдеме кардинални разлики меѓу христијанството и другите религии.
Уникалноста на христијанството се состои од тоа што таа е религија на Воплотениот Бог Бог кој станал човек. Имено, живата Личност на Христос стои во центарот на христијанската религија. Подвлекувам: не моралното учење на Христос, не едни или други аспекти на духовниот живот, на молитвената или аскетската практика, туку живата личност на Христос е центар и суштина на христијанството. Сиот живот на Црквата, сиот сдуховен живот на христијанинот, сето она што ние го нарекуваме духовност во христијанското поимање сето тоа е ориентирано на Христос и е условено со стремежот кон личен однос со Него.
Уникалноста на христијанството е и во тоа што несовладливото растојание, коешто постои меѓу Бог и човекот и коешто човек не може да го совлада со сопствени сили, веќе е совладано од Самиот Бог Бог Кој станал Човек, односно еден од нас, за да можеме да дознаеме за Него, да Го засакаме, да поверуваме во Него, за да може да нè искупи од гревот и од злото, од смртат и од адот. Како што велеле отците на Црвата, Бог Кој останал едносуштен со Отецот по Божеството, станал едносуштен на нас по човештвото. Останувајќи целосно Бог, не губејќи ништо од Своите Божествени својства, Тој станал Човек, примајќи ја доброволно човековата природа. Тој останал она што бил, и го примил во Себе она што не бил. Како резултат на тоа, човековата природа толку тесно и нераскинливо се слеала во лицето на Христос со Божеството, што секое пројавување на таа човечка природа било пронижано со Божественото писуство. Со други зборови, во лицето на Христос ние среќаваме Човек во Кој севкупното Негово човечко пројавување нераскинливо е поврзано со Божеството: Бог присуствува во сето она што го прави, го мисли и го зборува Христос-Човекот.
За христијаните Христос е жив идеал, оној пример којшто во сè треба да го подражаваме. Не случајно во Православната Црква ги почитуваат светиите. Нив не ги почитуваат затоа што се некакви особени суштества, создадени од друга материја. И тие се луѓе како ние и вие. Но, тоа се луѓе што отишле многу подалеку од нас на патот на уподобувањето на Христос. Тие го стекнале Бога внатре во себе, толку природно и нераскинливо се соединиле и се слеале со Него, што Бог се Чувствува Себеси во секој од светиите како во сопствениот дом, и светиите стануваат еден вид инструменти во Неговите раце, затоа што Бог преку нив дејствува врз другите луѓе.
Секој оној којшто станува христијанин, стапнува на патот кој води кон Христос. И секој човек има свој пат. Секој човек оди кон целта по својата страна. И колку поблиску е човекот до Христос, толку со поголема полнота го восприема Бога и толку повеќе е способен да го внесе Бога во себе. А примајќи го Бога внатре во себе, тој може да го пренесува знаењето за Бога и искуството од присуството Божјо на другите луѓе.
Подготви: д- р Драган Михајловиќ
СВЕТИ МОШТИ
Свети мошти се остатоците од телата на светителите. Црквата не го вовела почитувањето на светите мошти со позитивна наредба, туку тоа го сторил народот, а Црквата само го допуштила.
Светителите се осветени како луѓе кои имале тело и дух. Оној којшто го почитува ликот на светителот, не може а да не го почитува и неговото тело, кое за време на животот било во најтесна врска со духот на светителот, а кое и по смртта, во извесна смисла, ја задржува таа врска.
Најстар пример за почитување на моштите е забележан кај св. Игнатиј Богоносец, епископ антиохиски и апостолски ученик, кој во ИИ век пострадал маченички во Рим, растргнат од дивите животни. Коските од светителот биле собрани со пиетет, донесени во Антиохија и сочувани во еден ковчег. За почитување на моштите се говори и во во едно писмо, каде е забележано мачеништвото на свети Поликарп, епископ од Смирна. Тамошните христијани, откако ги собрале неговите коски, ги чувале со побожност, како големо богатство и го славеле со голема свеченост споменот на светителот. Колку почитувањето на моштите било вообичаено во ИИИ век ни сведочи и податокот дека за време на гонењата од страна на царот Диоклецијан гонителите, со цел да се оневозможи укажувањето на соодветната почит, ги фрлале моштите од светителите во морето.
Кога гонењата престанале, над гробовите на мачениците се издигувале цркви и капели. Оттаму во времињата по гонењата, па и денес, еден храм не може да се освети без мошти од светител, кои при чинот на осветување се ставаат во престолот од олтарот. Тоа е утврдено и со 7. канон од Седмиот вселенски собор.
Антиминс - така се нарекува четвороаголното платно на кое е насликано погребението Христово, а во кое се вшиени мошти од маченици или светители. Неговите почетоци датираат од времињата на гоненијата, кога многу често незнабожечките гонители ги изненадувале христијаните за време на богослуженијата и на светата Евхаристија. Затоа, наместо постојан престол се користело осветено платно, во коешто, при ненадејните напади од гонителите, можеле да се завиткаат светите дарови и да не ги остават да бидат осквернети. А бидејќи најстарите цркви биле подигувани над гробовите на мачениците, подоцна се започнало во платното да се вшиваат и мошти од мачениците. Денес во секоја црква обично има антиминс, којшто за време на светата Литургија се распостелува на престолот во олтарот. Според св. Исидор Пелусиот, антиминсот го означува платното со кое било обвиткано телото на Господ Исус Христос во гробот.
Уште одамна, откако моштите на светителите почнале да пројавуваат чудотворна моќ, а посебно од 4 век па наваму, христијаните почнале да практикуваат и поклонички патувања на гробовите од светителите.
Нетрулежноста на телата од светителите е веќе посебен знак на Божја потврда за светоста, а често се случува од нив да излегува добромирисно миро. Тие светители, како свети Димитриј, свети Никола и др., затоа и се нарекуваат мироточиви.
Моштите на светителите се изложуваат на јавно почитување. Но, почитувањето на светителите, на иконите или моштите, всушност, е почитување на Бога, Кој е „прекрасен меѓу своите светии“.
Извор: Православен пат
И сега вели Госиод: обрнеше се кон Мене од се срце со пост, плач и ридание (Јоил 2, 12).
Зашто, кој сака својот живот да го сочува, ќе го загуби, т.е. кој сака да го спаси стариот, телесен и огревовен човек во себеси, тој ќе го загуби животот свој: зашто вистинскиот наш живот се состои во тоа да го распнеме и умртвиме стариот човек со неговите дела и да се облечеме во новиот кој се обновува по образот на својот Создател. Без умртвување на стариот плотски човек нема вистински живот, нема вечно блаженство. Колку е посилно и помачно умртвувањето на стариот човек, толку посовршено е неговото обновување и препородување.
Колку е поголемо неговото очистување, толку е посовршен животот и поголемо е неговото блаженство во идниот век. Умртвувај се себеси и ќе оживееш. Ах! Јас чувствувам дека, кога сум потполно здрав и кога не се напрегам и не се трошам себеси во напори, тогаш умирам со духот, тогаш во мене нема Царство Божјо, со мене владее мојата плот, а со плотта ѓаволот.
На христијанинот му е неопходно да пости за да го избистри својот ум и за да го разбуди и развие чувството и својата волја да ја придвижи кон добро делување. Тие три човечки способности ние ги помрачуваме и ги задушуваме, најмногу, со прејадување и пијанство, и грижа за овој свет (Лука 21, 34), а преку тоа отпаѓаме од Изворот на животот, од Бога, и паѓаме во гнилеж и суета, изопачувајќи и осквернувајќи го во себе ликот Божји. Прејадувањето и сладострастието не приковуваат за земјата и ги потсечуваат, така да речеме, крилјата на нашата душа. А погледнете, колку високо летале сите испосници и воздржаници Христови, како орли крстареле на небото! Тие, земнородни, живееле со умот и срцето на небесата и таму слушале неискажливи зборови, и се научиле на божествена премудрост. А колку човекот се понижува себеси со стомакоугодувањето, со прејадувањето и со пијанството! Тој ја изопачува својата природа, создадена по ликот Божји и се уподобува на бесловесната стока, па дури станува и полош од неа! О, тешко нам од пристрасностите наши, од беззаконите навики наши! Тие не спречуваат да го љубиме Бога и ближните и да ги исполнуваме заповедите Божји, го вкоренуваат во нас плотското (што значи грешното) самољубие, чијшто крај е вечната пропаст. Така, пијаниот не жали купишта пари само за да се опие и да ја задоволи својата плот, а на просјаците му е жал да им подаде дури и една копејка. Пушачот фрла во ветер десетици и стотици рубљи (руски пари, заб.прев.), а на просјаците, кои со своите молитви би можеле да му ја спа-сат душата, жал му и само една копејка да им додели. Љубителите на раскошно облекување, на модерен мебел и на скапоцени кујнски прибори трошат огромни суми на пари за облека, мебел и други скапоцени предмети, а крај просјаците минуваат со рамнодушност и презир. Тие кои сакаат добро да се најадат, не жалат пари за секакви јадења, а на сиромасите им е жал да им дадат и еден грош. На Христијанинот му е потребно да пости и заради тоа што со вочовечувањето на Синот Божји човековата природа е продуховена и обожена и заради тоа што ние итаме кон горното Царство, кое не е јадење или пиење, туку правда и мир и радост во Светиот Дух... Храната е за стомакот, а стомакот за храната, но БОГ и неа и него ќе ги уништи (Рим. 14, 17 и 1 Кор. 6, 13). Само на незнабошците им е својствено да јадат и пијат до пренаситување, т.е. да имаат пристрасност (страсна наклонетост) кон сетилните уживања - не знаејќи за духовните, небесни насладувања, тие сиот свој живот го устројуваат на уживање на стомакот, на многу јадење и пиење. Затоа и Господ во Евангелието честопати ја изобличува таа погубна страст. Па, дали е разумно човекот да живее во постојана опиеност од желудечните испарувања, кои се подигаат во утробата за време на непрестајното варење на храната и на нејзиното вриење?! Зарем човекот е подвижна кујна или самодвижечки оџак, со кој можат со право да се споредат сите оние кои и дење и ноќе пушат? Какво е задоволството да се живее во непрестајна опиеност, испарување и чад? На што воопшто ќе личат нашите домови? Зошто со смрдеа да го загадуваме воздухот и да го вдишуваме? А - што е најлошо од се - ние со неа ја помрачуваме и ја задушуваме душата и ги трошиме нејзините последни духовни сили!
Во онаа мерка, во којашто човекот ги задоволува своите сетила, тој се оплотува (станува телесен) и го оддалечува од себе Пресветиот Дух Божји, Кој и не може да престојува во луѓето коишто водат чисто телесен живот: зашто каква заедница има светлината со темнината (2 Кор. 6, 14)?! Таа состојба, достојна за плач и солзи, многумина ја искусуваат, и за жал, не се свесни дека во себе го немаат Духот Божји, токму како што и слепите од раѓање не знаат дека е голем губиток тоа што не ја гледаат светлината. Таквите луѓе немаат вера ниту љубов во срцето, ниту пак имаат дух на молитва. И го избегнуваат општењето (заедницата и заедничарењето) со Црквата. Боже мој! Колку ли опасности во животот ме демнат?! Јас станувам најголем непријател на самиот себеси, кога премногу му удоволувам на своето тело.
Ако многу јадеш и пиеш како ненаситник, ќе бидеш - плот; ако постиш и се молиш ќе бидеш - дух. И не опивајте се со вино, туку исполнувајте се со Дух! Пости и моли се и ќе оствариш многу големи дела. Ситиот човек не е способен за големо дело. Имај простота во верата и ќе направиш големи дела, зашто се е можно за оној што верува. Имај грижливост и ревност, и големи дела ќе оствариш!
Постот е добар учител: 1) на секој што пости, тој му овозможува да сфати дека на секој човек му е потребно многу малку храна и пиење, и дека ние, воопшто земено, сме лакоми да јадеме и пиеме многу повеќе од неопходното, т.е. од она што и е потребно на нашата природа; 2) постот убаво ги покажува или ги очитува сите немоќи на нашата душа - сите нејзини слабости, недостатоци, гревови и страсти, исто како што матната стоечка вода, која почнуваат да ја чистат, ги открива гадинките што живеат во неа или нечистотијата која во неа се крие; 3) ни ја покажува и сецелата неопходност, со сето срце да прибегнеме кон Бога и од Него да бараме милост, помош и спасение; 4) ни ги разоткрива сите лукавства и подмолност и сета злоба на бестелесните духови, на кои ние порано, и не знаејќи го тоа, сме им служеле, а чии подмо-лности јасно се очитуваат сега, кога ќе не озари светлоста на благодатта Божја и тие ќе почнат злобно да се нафрлаат на нас поради тоа што сме ги напуштиле нивните патишта.
Кој ги отфрла постите, тој заборава од што произлегол падот во грев на првите луѓе (од невоздржување), како и тоа, на кое оружје против тревот и искушувачот не упати Спасителот, кога беше искушуван во пустината (постејќи 40 дена и ноќи); тој не знае или не сака да знае дека човекот отпаѓа од Бога најчесто токму преку невоздржувањето, како што се случило и со жителите на Содом и Гомор и со Ноевите современици - затоа што од невоздржувањето доаѓа секој грев во луѓето. Кој ги отфрла постите, тој на себеси и на другите го одзема оружјето против својата многустрасна плот и против демоните, кои ја воспоставуваат својата моќ над нас особено преку нашето невоздржување. Таквиот човек и не е војник Христов, затоа што го фрла оружјето и доброволно се предава во ропство на сладострасната и гревољубива плот, тој е слеп и не го гледа односот помеѓу причините и последиците на нештата.
Говорат - „их, не е многу важно ако во време на постот се мрси, (се јаде мрсно), не е постот во храната!". И не е многу важно ако се носи скапоцен накит, се оди во театар, на вечери и маскенбали, ако се купуваат раскошни одела и скапоцен кујнски прибор, мебел, скапи кочии и брзи коњи, ако со собираат и се трупаат парите и друго. Но, поради што се одвраќа нашето срце од Бога, од Изворот на Животот, поради што го губиме вечниот живот ако не поради стомакоугодување и скапоцена облека, како оној богат во Евангелието, поради театри и маскенбали? Поради што стануваме толку бездушни кон сиромашните, па дури и кон своите роднини, ако не поради својата пристрасност кон сластите и воопшто кон стомакот, кон блеката, скапоцениот кујнски прибор, мебелот, кочиите, кон парите и сл. Не можете да им служитена Бога и на мамона (Мат. 6, 24), не можете да бидете пријател на светот и пријател Божји, да им служите на Христа и на велијарот. Тоа е невозможно. Поради што го загубија Адам и Ева рајот и паднаа во грев и смрт, ако не поради змијиниот отров (кој го примиле доброволно)? Погледнете добро зошто не се грижиме за спасение на својата душа, која толку високо ја цени Синот Божји?! Зошто додаваме грев врз грев и непрестајно паѓаме во противење на Бога и во суетен живот, ако не поради пристрасност кон земните работи (страсна врзаност за нив), а особено кон земните сласти!? Зошто го грубиме нашето срце, зошто стануваме плот а не дух, изопачувајќи ја својата духовна природа, ако не поради пристрасност кон јадење и пиење и кон другите земни добра?
Како тогаш некој може да зборува дека не е важно ако за време на постот се мрси. Веќе и самото тоа што така зборуваме е гордост, празноумие, непослушание, непослушност кон Бога и оддалечување од Него.
Човекот му е скапоцен на Господа, сиот свет му е нему покорен. Самиот Син Божји слезе од небото на земјата заради негово спасение од вечните маки и помирување со Бога. Секаквите плодови и месото од разните животни му се дадени на човекот за јадење, и разните напитоци му се дадени за да го заслади грлото, но не и за да се врзе страсно за нив, не само заради наслада. Христијанинот има на располагање возвишени насладувања, духовни и божествени, на тие насладувања тој секогаш треба да ги подредува телесните наслади, насочувајќи ги овие или пак, и сосема прекратувајќи ги, кога ќе станат пречка за духовните насладувања. Значи, на човекот не му се забрануваат храната и пиењето за му се направи жалост ниту пак за да му се ограничи слободата, како што говорат во светот, туку заради тоа да му се даде повистинита и потрајна сладост, сладост вечна. Токму и поради тоа за време на постите се забрануваат мрсните јадења и винските напитоци, зашто човекот му е многу скапоцен на Бога - за неговото срце - наместо кон Бога - да не се приклони и прилепи кон пропадливата твар која за него е недостојна. А човекот кој е ранет од гревот лесно се приклонува кон земните задоволства, заборавајќи дека неговото вистинско насладување, неговиот вистински живот е - Вечниот Бог, а не пријатното надразнување на телото.
Коренот на секое зло е самоволното срце, или самосожалувањето и снисходливоста кон себеси. Од самољубието или од претераната љубов кон самите себеси, која е спротивна на Законот Божји, потекнуваат сите страсти: рамнодушноста, бесчувственоста и бездушноста во односот кон Бога и ближните, злото, нетрпението и раздразливоста, омразата, зависта, скржавоста, унинието, гордоста, сомнежот, маловерието и неверието, лакомоставо јадењето и пиењето или стомакоугодувањето, користољубието, славољубието, мрзливоста, лицемерието. Не жали се себеси никогаш во ништо, распни го во себе стариот човек кој се вгнездува првенствено во телото и ќе ги отсечеш сите свои страсти. Трпи благодушно се што не му годи, а ќе ти се случи, не го поштедувај своето тело, оди против него и ќе бидеш вистински следбеник Христов! Сета мудрост на христијанинот се состои во тоа, во својот живот благоразумно да оди против својата плот во се, зашто во мене, односно во моето тело, не живее доброто (Рим. 7,18) - вели Апостолот.
Преку прејадувањето и пијанството бестелесниот непријател влегува во човековото срце - оној кој е внимателен, тоа секако може да го почувствува. Ете, од каде кај човекот кој се повеќе и повеке пие, толку страшно нараснува наклонетоста кон алкохолот - оттаму што расне и силата на ѓаволот над човекот! Ете зошто кај пијаниците може да се види и дека некоја сила просто ги тера да ја задоволат страста, тој нивен внатрешен нагон за вино - на тие несреќници ѓаволот им е во срцето! Со што се изгонува демонот на пијанството? Со молитва и пост. Ѓаволот влегува во луѓето поради тоа што тие се предаваат на телесен начин на живот и на стомакоугодување, и поради тоа што не се молат - тогаш е природно што ѓаволот може и да излезе од нив од спротивни причини: од пост и молитва.
О, колку е страшно кога храната и пиењето се користат за забава, страшно е човек да се прејадува и опива! Ситата утроба ја губи верата, стравот Божји и останува без чувство за молитва, за благодарење и славословење на Бога. Ситото срце се одвраќа од Господа и станува тврдо како камен и бесчувствено. Еве зошто Спасителот грижливо не одвраќа од прејадување и пијанство - за да не ве затече оној Ден ненадејно (Лука 21, 34) поради гневот Господов врз нас, поради лекомисленото и празно трошење на времето на јадење и пиење.
Совршеното угодување на Бога се состои во тоа, заради Него, да имаме потполна непристрасност кон телото, на пример, кога за време на молитвата, не гледајќи на својата мрзливост и на силната желба за сон, се принудуваме себеси и не се предаваме, тогаш ја манифестираме својата непристрасност кон телото. Совршена непристрасност пак, имале мачениците и подвижниците (Христови)...
Кога ќе почувствуваш дека во твоето срце исчезнал мирот поради пристрасност кон нешто овоземно, и дека наместо мир, во него дишат раздразливост и злоба, истиот час застани на стража на своето срце и не му давај да се исполни со огнот ѓаволски. Моли се срдечно и со силата Божја укрепувај го своето острастено и нетрпеливо срце. Биди цврсто уверен дека злобната распламтеност на срцето е дело на непријателот и дека непријателот силно војува против нашето срце преку ситиот желудник. Самото искуство тоа ти го говори.
Не верувај му на своето тело, кое за време на молитвата ти се заканува дека нема да можеш да ја издржиш - те лаже. Кога ќе почнеш да се молиш, ќе видиш дека тоа ќе стане твој покорен слуга. Молитвата и него ќе го ободри. Сеќавај се секогаш дека плотта е лажлива.
Почни да ги исполнуваш заповедите кои се однесуваат на малите нешта, па ќе ги исполниш и заповедите кои се однесуваат на големите. Малото секогаш води кон големото! Почни да ја исполнуваш макар заповедта за постот во среда и петок, или десеттата заповед, која се однесува на лошите помисли и желби, и ќе ги исполниш сите заповеди: неверниот во малку и во многу е неверен (Лука 16,10).
Хранејќи се преизобилно, и самиот стануваш плотски човек кој нема дух, или тело без душа, а постејќи, го привлекуваш кон себе Светиот Дух и се продуховуваш. Земи го, на пример, памукот ненаквасен од вода - тој е лесен, и кога го има сосема малку тој лета во воздухот, но - накваси го со вода и тој станува потежок и истиот миг паѓа на подот. Така е и со душата. О, колку само треба да ја чуваме нашата душа со пост!
Материјата на овој свет е како ништо, секаде и во се е Духот Божји, Живототворен и Севишен. Кога се молиш на Бога, замисли дека материјата просто и не постои и дека ни тварта воопшто ја нема, а дека секаде постои само и единствено Бог како Единствен, никаде Несместив, Кој се со Себе исполнува, опфаќа, гради и се чува. Ако си непристрасен кон материјалното и ако се вежбаш во пост и молитва, тогаш и твојот дух ќе ја впие плотта и ќе бидеш духовен и секаде во природата ќе го согледуваш Духот - Бога. Наспроти тоа, оние кои се пристрасни кон земното, особено кон јадењето и пиењето и парите, телесни се и немаат Дух (Јуда 1,19) и во се ја гледаат само плотта која не го согледува духот и дури ја отфрла и духовната страна на предметната стварност.
Да се каеме, значи, во срцето да се чувствува лагата, безумието и вината за своите гревови, значи, да се станува свесен дека со нив сме го разжалостиле својот Творец, Господа, Отецот и Добротворот, Кој е бескрајно Свет и Кој бескрајно се гнаси од гревот, значи - со сета своја душа да сакаме поправање и нивно исчистување.
На јадење и пиење не итај, но на делото Божјо поитај побргу. Вршејќи го пак делото Божјо, на јадење и пиење и не помислувај. Запомни добро пред Кого стоиш, со Кого беседиш, Кого го славиш со песни, сиот биди во Бога, сецело припадни Му Нему Единствениот, моли Му се со сето срце свое и воспевај Го со сето срце, на ближните служи им како на себеси, сесрдечно и топло не двоејќи се со срцето и мислите. Господи! Помогни: без Тебе не можам да направам ништо (Јован 15, 5).
Поради што Господ ни придодава ден на ден, година врз година на нашиот живот? За постепено да го отсечеме и да го исфрлиме од своите души лукавството, секој своето, и да ја прифатиме блажената простосрдечност, за да станеме како незлобиви јаганца и како простосрдечни деца, и да се научиме да немаме ни најмала пристрасност кон земните работи, туку, како простосрдечни деца кои љубат, да се прилепиме со сето срце кон Единиот Бог и да Го засакаме со сето свое срце, со сета своја душа, со сета своја сила и ближните како самите себеси. Да побрзаме со срдечна молитва и со солзи да измолиме за себе во Господа срдечна простодушност, и да ревнуваме и да се погрижиме со сите средства да го отфрлиме лукавството од нашите души, нпр. злиот презир, злонамерноста, злобата, гордоста, надуеноста, самофалењето, нетрпението, унинието, очајанието, навредливоста и раздразливоста, плашливоста и малодушноста, зависта, скржавоста, стомакоугодувањето и прејадувањето, блудот во мислите и срцето и блудот на дело, среброљубието и воопшто безумната страст за стекнување, мрзливоста, непослушноста, и целата мрачна силесија на гревови. Господи, без Тебе не можеме да направиме ништо. Ти Самиот благослови не за ова дело и дарувај ни победа над нашите непријатели и над нашите страсти! Нека биде така!
Кога ќе огладниш, не навалувај со сета сила на храната, зашто ќе го оптовариш и срцето и телото. Јади полека, без лакомост, со расудување, во слава Божја - сеќавајќи се на Бога - нашиот Хранител, пред се на Неговата непропадлива Храна - Телото и Крвта Христови, и на тоа како Он Самиот Себеси, од љубов, ни се дарува нам за храна и пиење, како и на светите евангелски зборови.
Ете, на тоа свое секојдневно дело, на земањето на храна и пиење, обрнете најстрого и најделотворно внимание, зашто од јадењето и пиењето, од нивниот квалитет и количина, многу зависи дејственоста на вашиот дух и вашата делотворност во општеството и семејството. Само пазете се, вашите срца да не бидат оптоварени со прејадување и пијанство (Лука 21, 34), а исто така, и чајот и кафето спаѓаат во средства за опивање ако се земаат во невреме и прекумерно. О, тешко нам, кои сме наситени сега и со омаловажување гледаме на даровите Божји! Господи! Како што на Прволикот му е својствено да привлекува и според себе посредно да ги обликува другите ликови, да се всели и да живее во нив, така и на оние кои се по ликот Твој треба да им е својствено со сета своја љубов и ревност да се стремат кон Прволикот и да Му припаѓаат со сето свое битие. Но, оваа наша лакома и сладострасна плот, духовно груба и трома, не оттргна од Тебе, па затоа ни се неопходни постот и воздржувањето, затоа што сме толку острастени, што секогаш бараме само наслада!
превод:
Братство на Манастирот
„ Св. Гаврил Лесновски"
Извор: ТРОИЧНИК(2005)
Посети:{moshits}
Свети Теофан Затворник
Почетокот на благодатниот живот е во Крштавањето. Но, ретки се оние што успеале да ја зачуваат таа благодат – повеќето од христијаните ја губат. Гледаме дека во реалниот живот едни се помалку или повеќе изопачени, со зли никулци, на кои им било овозможено да се развијат и да се вкоренат во нив. Во други можеби и биле поставени добри почетоци, но тие ги заборавиле во младите години, поради лична склоност или поради туѓа соблазан, и почнале да се навикнуваат на злото. Никој од нив уште го нема во себе вистинскиот христијански живот, така што мора повторно да го започнат. Православната вера за тоа им ја нуди светата Тајна Покајание. „Ако некој згреши, кај Отецот имаме застапник, Исуса Христа, праведникот“ (1 Јован 2:1). Ако си згрешил, согледај го гревот свој и покај се. Бог ќе ти ги прости гревовите и ќе ти даде „ново срце и нов дух“ (Језекиил 36:26). Нема друг пат: или не греши, или покај се! Судејќи според многубројноста на оние што по крштевањето паѓаат, би можело да се каже дека за нас покајанието станало единствен извор на вистински христијански живот.
Треба да се знае дека во светата Тајна Покајание кај некои луѓе само се очистува и разгорува дарот на благодатниот живот, којшто веќе го примиле и кој во нив дејствува; кај други, пак, се полага самиот темел на тој живот, дарот повторно им се дарува и тие повторно го примаат. Ќе го разгледаме подетално вториот случај. Туке се работи за решителна промена на подобро, пресврт на волјата, одвраќање од гревовите и обраќање кон Бога, со одрекување од себе и од сè друго. Тука е карактеристичен, пред сè, болниот покајнички пресврт на волјата. Човекот се навикнал на зло, а сега треба речиси да се разурне себеси. Го натажил Бога, сега би требало да гори во огнот на сопствениот неподмитлив суд. Оној што се кае, трпи породилни маки, и во чувствата на своето срце, на извесен начин, ги испробува адските маки. На Јеремија, којшто плачел, Господ му наредил да разрушува и повторно да ѕида и да насадува (Јеремија 1:10). Господ го испратил плачниот дух на покајанието на земјата за да кај оние што ќе го примат, проникнувајќи до разедлување на душата и на духот, до зглобовите и мозокот (Евреите 4:12), го разурне стариот човек и положи темели за градење на нов човек. Во покајникот така се сменуваат те страв, те тивка надеж, те болка, те тивка утеха, те стравотии на речиси вистински очај, те провејување на радоста на милосрдието Божјо. Се сменуваат и го држат во состојба на некој што се разделува од животот, а сепак останува во надеж дека ќе прими нов.
Тоа е болно, но спасоносно; оттука, оној што не го почувствувал овој болен пресврт, неминовно, не ни започнал да живее со покајание. И нема надеж човекот да смогне сили и самиот да почне себеси да се очистува во сè, ако не мине низ ѕој искушувачки оган. Одлучно и живо спротиставување на гревот доаѓа единстево од омразата спрема него, од чувството на неговото зло, и тоа чувство се манифестира со сета сила токму во тоа болно покајничко прекршување. Само во него човекот со сето срце чувствува колку гревот е големо зло, и затоа понатаму бега од него како од геенски оган. А без ова болно преживување, ако некој и почне да се очистува, ќе се очистува само површно, повеќе однадвор отколку одвнатре, повеќе во постапките отколку во расположението, и затоа неговото срце и понатаму ќе остане нечисто, како нестопена руда.
Таква промена во човековото срце предизвикува Божјата благодат. Само таа може да го воодушеви човека да ја „крене раката“ врз себе за да се „заколе“ и да се принесе како жртва на Бога. Ново срце и нов дух дава само Бог. На човекот му е жал за самиот себе. Слеан со телесноста и со гревот, човекот станал едно со нив. Само повисока сила, од страна, е способна да го одвои од нив и да го вооружа против него самиот.
Така, препородот на грешниот е производ на Благодат, но сепак, не без негов слободен стремеж кон тоа. При Крштевањето (во детството) Благодатта ни се дава во мигот на извршувањето на таа света Тајна врз нас, а слободната волја доаѓа подоцна и го присвојува подареното. Во покајанието, пак, слободната волја и стремежот треба да учествуваат во самиот чин на препородувањето.
Подготви: д-р Драган Михајловиќ
Посети: {moshits}
Св. Игнатиј Брјанчанинов
Милосрдниот Бог, преку Своите свети апостоли и преку светите отци, светители и учители на црквата, востановил различни подвизи спасоносни за душата, меѓу кои е и постот, со кој се врзува и се скротува нашето тело. Главата на сите добродетели е – молитвата, а нивниот темел е – постот. Постот е постојана умереност во јадењето со разумна строгост.
Горд човеку! Ти со твојот ум толку многу и толку високо фантазираш, а тој е– во целосна и постојана зависност од желудецот! Законот за постот, бидејќи е надворешен закон за стомакот, всушност е закон за умот.
Умот, тој цар во човекот, доколку сака да го оствари своето право на власт и да го запази, должен е, пред сè, да му се покори на законот на постот. Дури тогаш постојано ќе биде бодар и светол; дури тогаш ќе може да господари над желбите на срцето и на телото; дури тогаш ќе може, со постојана трезвеност, да ги изучува евангелските заповеди и да ги следи.
На штотуку создадениот човек, внесен во рајот, му била дадена само една заповед – заповед за постот. Една единствена заповед била дадена затоа што таа била доволна првосоздадениот човек за ја запази својата непорочност. Таа заповед не се однесувала на количеството на храната, туку забранувала одреден нејзин вид.
Заповедта за постот, којашто на човекот во рајот му ја објавил Бог, е толку важна што, заедно со неа, е изречена и заканата со казна за случај таа да биде прекршена. Казната се состоела од вечната смрт за човекот. И денес гревовната смрт продолжува да ги погодува оние што ја нарушуваат светата заповед за постот. Оној кој нема да ја запази умереноста и потребната разумност во однос на храната, не може да го скроти гневот, се препушта на мрзливост, на унинија и тагување, станува слуга на суетата и пребивалиште на гордоста којашто во човекот ја воведува неговата плотска состојба, а која најмногу се јавува поради раскошот и изобилството на трпезата.
Заповедта на постот ја возобновило и ја потврдило Евангелието. Само пазете се: вашите срца да не бидат оптоварени со прејадување и пијанство (Лука 21:34) – е Господово завештание. Прејадувањето и претераното пиење му носат отежнување не само на телото, туку и на умот и на срцето, односно го воведуваат човекот со душата и со телото во плотска состојба.
Напротив, постот го воведува христијанинот во духовна состојба. Оној што е очистен со постот – смирен е со духот, целомудрен, скромен, молчалив, чувствителен, со убави чувства во срцето и во мислите, лесен е со телото, способен е за духовни подвизи и за созерцување, способен е да ги прима Божјите благодати.
Телесниот човек во целост е потонат во гревовни наслади. Тој е сладострасен и по телото и по срцето и по умот, и не е способен не само за духовните наслади и за примањето на Божествената благодат, туку и за покајание. Тој е наполно неспособен за духовни дела: прикован е за земјата, потонат во материјалноста, уште во текот на животот е – мртов со душата.
Тешко вам, преситени сега, оти ќе огладните (Лука 6:25). Ова им го кажува Словото Божјо на оние што ја нарушуваат заповедта на светиот пост. Со што ќе се храните во вечноста, кога тука сте се научиле само да се прејадувате и да се насладувате со материјалното, со нешта коишто ги нема на небото? Со што ќе се храните во вечноста кога не сте вкусиле ниту едно небесно добро? Како можете да се храните и да се насладувате со небесни добра, кога не сте ги засакале, туку ви се омрзнати?
Насушниот леб за христијаните е – Христос. Постојаното јадење на тој леб – тоа е спасоносната наслада на која се повикани сите христијани. Храни се постојано со Словото Божјо; храни се постојано со исполнување на заповедите Христови.
„Од каде да започнеме – прашува св. Макариј Велики – ние кои никогаш не сме се занимавале со истражување на нашите срца? Стоејќи надвор, да чукаме со пост и со молитва, како што заповедал Господ: чукајте и ќе ви се отвори (Матеј 7:7).“ Овој подвиг, што ни го предлага еден од најголемите учители на монаштвото, бил подвиг на светите апостоли. Преку тој подвиг тие се удостоиле да ја чујат објавата на Светиот Дух. Кога Му служеа на Господа и постеа, Духот Свети рече: „Одвојте ми го Варнава и Савла за дело, за кое ги повикав!“ Тогаш тие, откако постеа и се помолија, положија раце над нив и ги пуштија (Дела 13:2-3). Од подвигот во кој биле соединети постот и молитвата, се слушнала заповедта на Духот за призивот на незнабошците во христијанство!
Какво чудесно соединување на постот и на молитвата! Молитвата е немоќна ако не се темели на постот, а постот е бесплоден ако врз него не почива молитвата.
Постот го ослободува човекот од телесните страсти, а молитвата се бори со душевните страсти, и кога ќе ги победи, го пронижува сето устројство на човекот и го очистува; во очистениот словесен храм таа го воведува Бога.
Оној што нема да ја обработи земјата и нема да ја насади, ќе го изгуби семето и наместо пченица, ќе жнее трње. Така и ние, ако го сееме семето на молитвата а не го истенчиме телото, наместо правда, ќе го донесеме гревот како плод. Молитвата ќе биде уништена и развеана со различни суетни и други помисли и фантазирања, ќе се онечисти со сладострасни чувства. Нашето тело произлезе од земја и, ако не биде обработено како земја, никогаш нема да може да го донесе плодот на правдата.
Но, ако некој со голема грижа ја обработува земјата, но ја остави непосеана, неа ќе ја прекрие коров. Така, кога телото ќе се истенчи со пост, а душата не се обработува со молитва, со читање и со смирена мудрост, постот ќе стане родител на најразлични корови – душевни страсти: гордост, суета, презир.
Што е тоа страст за прејадување и пијанство? Откако ќе ја загуби својата правилност, природната желба за храна и за пиење бара многу поголемо количество и разновидност на својствата на храната одошто е потребно за одржување на животот и на телесната сила, на кои претераното земање храна штетно влијае, ослабнувајќи ги и уништувајќи ги.
Желбата за храна се исправа со едноставна трпеза и со воздржување од прејадување и од насладување со храна. Прво треба да се напушти прејадувањето и насладувањето: со тоа желбата за храна се исправа и станува правилна. Кога, пак, желбата ќе стане правилна – таа се задоволува со едноставна храна.
Напротив, желбата за храна која се задоволува со прејадување и со насладување, постепено отапува. За да ја поттикнеме, користиме различни вкусни јадења и пијалоци. Желбата прво изгледа како да е задоволена, потоа бара повеќе, за да се претвори во болна страст којашто бара постојана наслада и прејадување, останувајќи постојано незадоволена.
Ако имаме намера да му се посветиме на служењето на Бога, во темелот на нашиот подвиг треба да го положиме постот. Главното својство на секој темел треба да биде неговата непопустлива цврстина, инаку е невозможно зданието да опстане врз него, колку и да е самото тоа цврсто. И ние никако, никогаш и под никаков изговор не смееме да дозволием да го нарушиме постот со прејадување, а особено не со опивање.
За најдобар пост светите отци го сметале земањето храна еднаш дневно, но не до заситување. Таквиот пост не го заслабнува телото, и не го отежнува со претерана храна, туку го чува способно за дејствување спасоносно за душата. Таквиот пост не претставува нешто особено, и затоа оној што пости нема причина да гордост кон која човекот толку многу е склон кога се работи за добродетелите, особено ако таа силно се истакнува.
Кој се занимава со физичка работа, или е телесно слаб, така што не може да се задоволи со земањето храна еднаш дневно, треба да јаде двапати. Постот е заради човекот, а не човекот заради постот.
Но, при секое земање храна, било да е тоа ретко или често, прејадувањето е строго забрането: тоа човекот го прави неспособен за духовни подвизи, и им ја отвора вратата за други телесни страсти.
Светите отци не го одобруваат неумерениот пост, односно долготрајно непотребно воздржување од јадење: од прекумерно воздржување и истоштеност, до која доаѓа притоа, човекот станува неспособен за духовни подвизи, често се свртува кон прејадување, често паѓа во страст на самоиздигање и во гордост.
Мошне важен е и квалитетот на храната. Забранетиот рајски плод, макар што навидум бил убав и вкусен, делувал погубно врз душата: тој ì го соопштил познавањето на доброто и на злото, а со тоа ја уништил непорочноста во која биле создадени нашите претци.
И денес храната продолжува силно да дејствува врз душата, што особено моѓе да се забележи при пиењето вино. Таквото дејство на храната се заснова на нејзиното различно дејство врз телото и крвта и на испарувањата што од желудецот се издигаат во мозокот и влијаат врз умот. Затоа сите опојни напитоци, особено од житарици, се забранети за подвижникот, зашто го лишуваат умот од трезвеност а со тоа и од победата во духовната борба. Умот што е победен, особено со сладострасни помисли, насладувајќи се со нив, се лишува од духовната благодат; тоа што е стекнато со многубројни и долготрајни напори се губи за неколку мига.
Силната храна треба да се елиминира од трпезата на подвижникот, зашто ги поттикнува телесните страсти. Најприродна храна е онаа што Творецот им ја одредил на луѓето веднаш по создавањето – храната од растителното царство. Бог им рекол на нашите прататковци: Еве, ви дадов секаков вид растение, што дава семе, и какво има по целат аземја, и секакви дрвја, што во себе имаат семе според својот род и вид: тоа да ви биде за храна! (1 Мојсеева 1:29). Дури по потопот е дозволено користењето месо (1 Мојсеева 9:3).
Растителната храна е најдобра за подвижникот. При користењето на оваа храна најлесно се чува чистотата и бодроста на умот, а со тоа и власта на умот над целиот човек; при употреба на оваа храна страстите дејствуваат послабо и човекот е поспособен да се занимава со подвизи на побожност.
Јадењата од риба, особено ако се подготвени од крупна морска риба, веќе имаат сосема други својства: тие забележително дејствуваат врз мозокот, телото се здебелува, крвта се распалува, а желудецот се исполнува со штетни слузни материи, особено при често или постојано користење.
Овој ефект е неспоредливо посилен кога се користат јадења од месо: тие до крајност го здебелуваат телото, а ја разгоруваат и крвта. Затоа монасите оваа храна воопшто не ја користат; таа им припаѓа на луѓето што живеат во светот и постојано се занимаваат со тешки телесни работи. Но, и за нив постојаното користење на ваква храна е штетно.
„Како! – ќе извика тука божемниот мудрец – Бог на луѓето им дозволил да јадат месо, а вие го забранувате тоа?“ На нив ќе им одговориме преку зборовите на апостолот: Сè ми е позволено, но не е сè полезно; сè ми е позволено, но не е сè за поука. Ние се воздржуваме од јадење месо не затоа што го сметаме за нечисто, туку затоа што тоа го оптеретува целиот организам, попречувајќи го духовниот напредок.
Во своите мудри одредби, светата Црква на христијаните што живеат во светто им дозволила употреба на месо, но не постојано, туку определила време кога можеме да јадеме месо, и време кога треба да се воздржува од него, односно кога христијанинот се очистува од последиците од неговата употреба. Таквиот плод на постот може да го види секој што се придржува до него.
Правилата на постот Црквата ги востановила со цел да им помогне на своите чеда, и како раководство на целото христијанско општество. Притоа, на секого му е препорачано, со помош на искусен и мудар духовен отец, да се испита себеси и да не започне пост кој ги надминува неговите сили: зашто, повторувам, постот е заради човекот, а не човекот заради постот; храната е дадена како поткрепа на телото, а не за негово разурнување.
Епископ Иларион Алфеев
(од книгата „Священная тайна Церкви. Введение в историю и проблематику имяславских споров“)
Библиското поимање на името. Божјите имиња
Името во Библијата се користи како сеопфатно и вистинско изразување на именуваниот предмет или на именуваната личност. Во Библијата името нема апстрактен или теориски карактер, туку животно-практичен: значењето на името не е вербално или словесно, туку реално или вистинско. На јазикот на Библијата името не е само условно означување на некое лице или предмет: името укажува на основни карактеристики на својот носител, претставува негова суштина. Името, освен тоа, го одредува местото коешто неговиот носител е должен да го зазема во светот. Името на таинствен начин е поврзано со душата: кога се изговара името, тоа се издига кон душата на својот носител. Старозаветното поимање на името не вклучува во себе збир на звуци или букви за разликување на еден човек од друг во онаа мера, во која ја вклучува врската со самиот човек. Да се дознае нечие име значи да се стапи во врска со носителот на името, да се запознае неговата внатрешна суштина. Човекот во Стариот Завет бил восприеман според принципот „какво е неговото име, таков е и тој“.
Светото Писмо на Стариот Завет започнува со расказот за создавањето на светот и на човекот од страна на Бога. Во тој расказ Бог е претставен не само како создател на небото, земјата, светлината, копното и водата, мажот и жената, туку и како давател на нивните имиња:
И рече Бог: „Нека биде светлина!“ И би светлина. И виде Бог дека светлината е добра; и ја оддели Бог светлината од темнината. И светлината Бог ја нарече ден, а темнината ноќ. ... Потоа рече Бог: „Нека има свод среде водата...“ И сводот Бог го нарече небо. ... И рече Бог: „Нека се собере водата што е под небото, на едно место, и нека се појави суво!“ ... И сувото Бог го нарече земја, а собраните води ги нарече – мориња. (Битие 1:3-10)
Во неколку глави подолу, за создавањето на луѓето се вели: „Маж и жена ги создаде, и ги благослови, и ги нарече – човек, во денот кога беа создадени“ (Битие 5:2). Процесот на создавањето, според овој стих, вклучува во себе две етапи: создавање и именување. Давајќи му име на некоја твар, Бог како да го определува нејзиното место во хиерархијата на тварното постоење, го воспоставува нејзиниот однос со другите твари. Давањето имиња на тварите означува, исто така, и потчинување на тварите на Бога.
Откако го создаде човекот, Бог му го дава правото и тој да дава имиња: Тој ги доведе пред него сите животни и птици, „за да види како која ќе ја нарече тој, па, како што човекот ќе го нарече секое живо суштество, така да му биде и името. И им даде човекот имиња на сиот добиток, и на птиците небесни, и на сите ѕверови полски“ (Битие 2:19-20). Давајќи му право да ги именува тварите, Бог го поставил човекот над нив, го направил нивен господар, зашто, давањето име на некое суштество, според поимањето на Библијата, значело да се има власт над него. Сами за себе, животните остануваат неименувани, но човековиот збор им ги дава имињата, и на тој начин човекот управува со нив од повисоко рамниште, одошто самите тие управуваат со себе. Како што вели св. Јован Златоуст, човек ги дава имињата за да „со именувањето јасно се види знакот (σύμβολον) на владичеството“. Златоуст се повикува на обичајот на луѓето при купувањето робови да им ги менуваат имињата; „така и Бог го принудил Адама, како владика, да им даде имиња на бесловесните“. Правото за именување, освен тоа, укажува на способноста на човекот да проникнува во суштината на стварите, и со самото тоа да се уподобува на Бога и да учествува во Божественото творештво. Според зборовите на Василиј Селевкиски, давајќи му право на човекот да им дава имиња на животните, Бог како да му вели на Адама: „Биди творец на имињата, бидејќи не можеш да бидеш творец на самите твари. ... Ние ја споделивме со тебе славата на творечката премудрост. ... Дај им имиња на оние на коишто Јас им дадов постоење.“
Во понатамошно раскажување во Библијата, многукратно се напоменува за давањето име на поедини луѓе. Притоа изреченото име може да укажува или на идната судбина, или на основните својства, или на околностите на раѓањето на неговиот носител, или на желбата на оној што го дава името да види во човекот одредени квалитети. Адам ја нарекол својата жена Ева (еврејски „живот“), „бидејќи таа стана мајка на сите живи“ (Битие 3:20); Ламех го нарекол својот син Ное („утешител“), „велејќи: овој ќе нè утеши во работите наши во трудот на рацете наши на земјата“ (Битие 5:29); едниот од децата на Исак и на Ревека го добил името Исав („рунтав“), зашто излегол на свет црвен и влакнест, а другиот Јаков, зашто излегол држејќи се за петицата на својот брат Исав (Битие 25:25-26). Името во Библијата практично се поистоветува со личноста којашто го носи: славата на името ја означува славата на неговиот носител, бесчестието на името означува губење на своето достоинство, погибел на името значи погибел на неговиот носител. Соодветно на таквите претстави, влијанието врз човековото име означува и влијание врз самиот човек. На името му се придава речиси магична смисла: кој владее со името, владее и со личноста на носителот на името. Оттука онаа важна улога којашто името го игра во Библијата. Тоа означува губење на самостојноста на човекот, негово потчинување на оној којшто го менува името. Така, на пр., Мојсеј го нарекол Осија, синот на Навин, Исус пред да го испрати во земјата Ханаанска, на чело на одредот „разгледувачи“ (Броеви 13:17): со тоа име синот на Навин не само што му станува потчинет на Мојсеја, туку и близок помошник, а подоцна и наследник.
Кога Самиот Бог го менува името на некој човек, тоа претставува знак дека човекот ја губи својата самостојност и станува слуга Божји, стапувајќи истовремено во нови, потесни односи со Бога. Бог го менува името на своите избраници – на оние на коишто Тој им укажал доверба, на коишто им одредил некаква мисија, со коишто склучил завет. Откако Бог склучил завет со Аврам за раѓањето на множество народ преку него, тој станува Авраам (Битие 17:1-5), а неговата жена Сара станува Сàра (Битие 17:15); Јаков го добил името Израил („богоборец“ или, според друго толкување, „боговидец“) откако се борел со Бога и откако Бог го благословил (Битие 32:27-28).
Ако добивањето име од Бога значи потчинување на Бога, зачекорување по спасителен пат кој води кон небото, трогаш „здобивањето име“ (Битие 11:4), напротив, означува спротиставување на Бога: тој израз укажува на гревовен стремеж на луѓето да се избават од потчинетоста на Бога, да го достигнат небото без Божјата помош.
Важно значење во Библијата има родословот – списокот имиња на претците или на потомците на некој човек (споредете Битие. 10:1; 11:10; 11:27; 25:12; 36:1 и др.) Сета Книга Броеви главно се состои од списоци имиња коишто ништо не му значат на современиот читател, но, несомнено, биле важни за авторите на Книгата. Неопходноста од вклучувањето родословски списоци во Книгата Броеви и во другите делови од Библијата била условена од тоа што родословот (תולדות — toledot) ни оддалеку не се сметал за обичен список на имиња, кој помага да се идентификува некое лице со додавање на неговото име на некакви дополнителни карактеристики (Јаков, син Исааков, за разлика од некој друг Јаков). Родословот, пред сè, укажувал на наследство коешто го носи во себе секој човек; во родословот името на човекот е вткаено во непрекината низа имиња, којашто се протега до таткото на сите народи – Авраам – а преку него до Адама. Да се биде запишан во родословот на некое од колената на Израил би значело да се биде рамноправен член на богоизбраниот народ, односно на некаков таинствен начин да се биде присутен во Божјото паметење: имено, во тоа, очигледно, се состои смислата на Божјата заповед Арон да ги изгравира имињата на дванаесетте синови Израилеви на ефодот којшто првосвештеникот бил должен да го носи пред Господа за нивен спомен (Исход 28:12).
Во Библијата човекот дава имиња не само на нему подобните, туку и на Самиот Бог. Секое име, дадено на Бога од страна на човекот, укажува на некакво дејстие Божјо поврзано со човекот. Така, на пр., Агара го призва Господа со името „Ти си Бог Кој милостиво погледна на мене“, зашто рече: „Пред себе го видов Оној што ми се јави“(Битие 16:13). Во Стариот Завет се среќаваат повеќе од сто имиња на Бог, како што се אלהים [(Elohim — „Бог“, буквално „богови“ (pluralis majestatis)], אדני (Adonay — „Господ мој“, буквално „господа мои“ (pluralis majestatis), אל שדי (El Shadday — „Бог семоќен“, или „Севишен“, буквално „Оној, Кој е на гората“), צבאות (Zebaot — „Саваот“, „[Господ] на воинствата“).
Истовремено, во Библијата е присутна мислата дека Бог неможе да се именува, дека Неговото име е недостапно за човекот. Јаков, кој се борел со Бога, прашал за Божјото име, но не го дознал. Расказот за средбата на Јаков со Бога претставува еден од најзагадочните и најтаинствените во сета Библија:
„А кога остана Јаков сам, тогаш некој се бореше со него до зори. И кога виде дека не може да го совлада, се допре до бедрото, така што на Јакова му се измести колкот од зглобот, додека се бореше со Него. Па тогаш рече: „Пушти Ме веќе, зора е!“ Но Јаков одговори: „Нема да Те пуштам, додека не ме благословиш“. И му рече: „Како се викаш?“ А тој одговори: „Јаков“. Тогаш му рече: „Отсега името нема да ти биде Јаков, туку Израил ќе е името твое; зашто храбро се бореше со Бога, па и со луѓето силен ќе бидеш.“ А Јаков праша: „Кажи ми го името Твое?“ А он одговори: „Зошто прашуваш за името Мое, кое е чудно:“ И го благослови таму. И Јаков го нарече она место со името Фаниул, зашто, рече: „Бога го видов лице в лице, и душата моја се спаси.“ (Битие 32:24-30)
Во христијанската егзегетика оваа повест е толкувана различно. Најраспространето било толкувањето според кое Јаков се борел со Синот Божји (Јустин Философ). Меѓутоа, за нас расказот за борбата на Јаков со Бога е интересен, пред сè, затоа што многу придонесува за поимањето на библиското богословие за името. Јаков добива од Бога ново име, што означува негово стапување во потесни заемни односи со Бога. Но, на прашањето за Божјото име, Јаков останува без одговор. Истовремено, за спомен на средбата со Бога лице в лице, Јаков му дава име на местото на коешто се случила средбата (Битие 32:30). Така, сето општење на Јакова со Бога се случува во сферата на имињата: Бог го благословува Јакова давајќи му ново име; Јаков го благословува Бога давајќи му име на местото, на кое присуството Божјо станало видливо за него, но притоа самото свештено име Божјо останува непознато.
Идејата за недостапноста на Божјото име за човекот е присутна и во расказот во Книгата Судии за јавувањето на Ангелот на Маној: „Маној, пак, го праша Ангелот Господов: Како ти е името, за да те прославам, кога ќе се исполни зборот твој? Ангелот Господов му одговори: Зошто прашуваш за моето име? Тоа е чудно. <...> И ì рече Маној на жената своја: Бездруго ќе умреме, бидејќи Го видовме Бога“ (Судии 13:17—22). Последните зборови на Маној укажуваат дека нему му се јавил Бог, а не Ангел, па следствено, одбивањето да го обелодени Своето име му припаѓа на Самиот Бог.
Светото име Јахве во Петокнижието
Имињата со кои човек го именувал Бога – Adonay, El Shadday, Elohim, Zebaot – треба да ги разликуваме од името יהוה (Yahweh – Јахве) – односно, од она единствено име со кое Самиот Бог му се открил на човештвото. Култот на тоа свето име зазема во Библијата исклучително место. Книгата Исход го поврзува откровението на тоа име со Мојсеј, на кого Бог му се јавил на гората Хорив, кога Мојсеј видел капина што гори но не согорува:
Извика Бог од капината и рече: „Мојсеј! Мојсеј!“ А тој одговори: „Еве ме [Господи]!“ И Он рече: „Не приоѓај ваму; собуј ги обувките твои од нозете, зашто ова место, на кое стоиш, е света земја.“ ... И му рече Господ на Мојсеја: „Ги видов страдањата на народот Мој во Египет ... А сега појди, Јас те испраќам кај Фараонот, царот египетски, за да го изведеш од Египет народот Мој, синовите Израилеви ... А Мојсеј Му рече на Бога: „Еве, ќе појдам кај синовите Израилеви и ќе им речам: „Бог на татковците ваши ме испраќа кај вас“. И ако тие ме прашаат: „како Му е името?“, што ќе им речам тогаш? Бог му одговори на Мојсеја, велејќи: Јас сум Оној, Кој вечно постои ( אהיה אשׁר אהיה). Па продолжи: Така ќе им кажеш на синовите Израилеви: „Оној, Кој вечно постои, ме испрати кај вас“. И пак му рече Бог на Мојсеја: Вака кажи им на синовите Израилеви: „Господ (יהוה), Бог на татковците ваши, Бог Авраамов, Бог Исаков и Бог Јаковов ме испрати кај вас. Ете, тоа е името Моето вечно, и тоа е споменот за Мене од колено на колено.“ (Исход 3:4-15)
Разбирањето на точната смисла на овој текст е крајно тешко, поради тоа што употребениот еврејски израз אהיה אשׁר אהיה (ehyeh asher ehyeh), преведен во Септуагинта како εγώ είμι ό ων, односно на словенски како „Јас Сум Оној Кој вечно постои“, буквално значи „Јас Сум Оној Кој Сум“: ова може да се прифати како формула којашто укажува на несакањето да се одговори директно на прашањето. Со други зборови, раскажаното може да се разбере не како откровение од страна на Бога на Неговото лично име, туку укажување на тоа дека на човечки јазик нема збор којшто би претставувал „име“ Божјо во еврејското поимање – т.е., некаков сеопфатен символ кој целосно би го окарактеризирал носителот на името. Така, Божјиот одговор на Мојсеј, на прашањето за Божјото име, ја има истата смисла како и несакањето на Бог да му го каже Своето име на Јаков.
Етимологијата на самото свето име יהוה (Јахве), со кое Бог му се открива на Мојсеј, претставува голем проблем за толкувачите и за преведувачите. [Буквалниот превод на тој термин на грчи е „о ων“, на словенски – Јехова. Во грчката Библија често се преведува (напоредо со името Adonay) како Κύριος, на словенски и руски – како «Господ».] Изворната смисла на тоа име не може да се утврди, и сите научни толкувања на таа етимологија се само – обични хипотези. Дури и изговорот на четирите согласки од кои е составено името претставува само хипотеза. Се работи за тоа што по вавилонското ропство, а во секој случај не подоцна од 3 век пред Христос, Евреите престанале од побожност да го изговараат светото име Јахве, коешто почнало да се третира како nomen proprium, како лично име Божје. Само еднаш, во денот на Очистувањето (Yarn Kippur), првосвештеникот влегувал во светињата на светињите за таму да го изговори тоа свето име. Во сите други случаи, него го заменувале со אדני (Adonay) или со друго име, а писмено го означувале со честири согласки יהוה (YHWH — таканаречен свет тетрагам), кој, меѓутоа, не се изговарал: дури и комбинираното означување Adonay Yahweh (Господ Јахве) се читало како Adonay Elohim (Господ Бог). Во III – V век сеќавањето за изговорот на тетраграмот се зачувало – грчките автори од тој период го транскрибирале тетраграмот како Ίαυοέ, Ίαουοά (Климент Александриски), Ίαή (Ориген) и Ίαβέ (Епифаниј Кипарски и Теодорит Кирски), а латинските како yaho (Јероним), – но подоцна правилното изговарање дефинитивно се заборавило. Од XVI век на Запад почнале да ја користат вештачката вокализација Yehowah (Јехова), којашто се појавила како резултат на додавање на согласките YHWH самогласки од името Adonay [Свештеникот Павле Флоренски го сметал таквиот потег за свесен обид на Јудејците да го сокријат правилното изговарање на Божјото име], и дури во средината на XIX век научниците покажале дека тетраграмот треба да се изговара како Yahweh. Макар што таквата вокализација на името YHWH во современата библистика се смета за општо прифатена, меѓу научниците има и значителни разидувања во толкувањето на смислата на самото име. Повеќето истражувачи, сепак, се согласуваат дека тоа име е поврзано со глаголот „сум“ (hayah), „постои“, „има постоење“, и дека самото име означува „Јас сум“ или „Јас сум тоа што сум“ (грчкиот превод на тоа име – о ων – укажува на постоење: оттука патристичкото поимање на името „Сушт“ како укажување на тоа дека Бог е извор на сето постоечко.
Отворено останува и прашањето за времето на појавата на култот на името Јахве кај Евреите. Наведениот расказ за јавувањето на Бог на Мојсеја еднозначно укажува на Мојсеј како прв човек на кого му станало познато тоа име. За тоа сведочат и зборовите Божји упатени до Мојсеј и запишани во Книгата Исход: „Јас сум Господ. Јас му се јавив на Авраама и Исака и Јакова како „Семоќен Бог“ (אדני), а со името Мое како „Господ“ (יהוה) не сум им се открил (Исход 6:2-3). Истовремено, веќе во Книгата Битие името Јахве се јавува повеќе пати: се говори за тоа дека во времето на Сиф и Енос „почна да се призовува името на Господа Бога“ (буквално, „името Јахве“) (Битие 4:26); дека Ное „направил жртвеник на Господа“ („жертвеник на Јахве“) (8:20); дека Бог му се открил на Авраама со името „Јас сум Господ“ („Јас сум Јахве“) (15:7); дека Авраам Му „поверувал на Господа“ (буквално, „поверувал во Јахве“, Му изградил жртвеники на „Господа“ („Јахве“) (12:8; 13:18), го нарекол Бога „Владико Господе“ („Владико Јахве“) и го „призвал името Господово“ („името Јахве“) (13:4); дека Јаков го нарекол Бога „Господ“ („Јахве“) (32:9); итн. Сето ова укажува дека името Јахве му било познато на Израилот и пред Мојсеја, макар што, можеби, Еврејскиот народ немал правилното поимање на името Јахве и, имено, токму Мосеј бил првиот на кого Бог му ја објаснил смислата на тоа име.
Раскажувањето во Книгата Исход за синајското откровение на Бога на Мојсеј е уште еден расказ во кој името Јахве има централна улога. На Синај народот израилски преку Мојсеј го добива од Бога законодавството, коешто започнува со десетте заповеди. Првата заповед претставува проширено толкување на името Јахве, а втората заповед директно говори за тоа име:
Јас сум Господ (יהוה), Бог твој, Кој те изведе од земјата Египетска, од домот на ропството. Немој да имаш други богови освен Мене! Не прави за себе идол, ниту каква слика на она што е горе на небото, што е долу на земјата и што е во водата под земјата; немој да им се клањаш, ниту да им служиш, оти Јас сум Господ, Бог твој; Бог ревнител кој за гревовите на татковците ги казнува децата до третото и четвртото колено, оние, кои Ме мразат; Кој покажува милост на илјадници, кои Ме сакаат и ги пазат заповедите Мои. Не изговарај го напразно името на Господа, твојот Бог, бидејќи Господ нема да го остави неказнет оној кој напразно ќе го изговори името Негово (Исход 20:2-7).
Гледаме дека во првата заповед на Мојсеевото законодавство името Божјо се става во историски контекст: Јахве е Оној Бог Кој одиграл решавачка улога во историјата на Израилскиот народ, изведувајќи го од Египет. Јахве се споредува со другите богови и се претставува како „ревнител“, односно како Бог кој ревниво се однесува спрема почитувањето на Израилците на лажни богови. Втората заповед содржи забрана за напразно изговарање на Божјото име. Слислата на оваа забрана се состои во следново: како што славата, што му се припишува на Божјото име, се издига до Самиот Бог, така и понижувањето на тоа име значи натажување на Самиот Бог. Името Јахве практично се поистоветува тука со Самиот Јахве.
Макар што значењето на името Јахве останува сокриено, а и самото име не Го опишува Бога, сепак токму тоа име во еврејската традиција почнало да се восприема како Божјо лично име: сите други Божји имиња се восприемаат како толкување на светото име Јахве. За ова сведочи расказот од Книгата Исход за јавувањето на Бог на Мојсеја на гората Синај:
Мојсеј Му рече: Покажи ми ја славата Своја. Му одговори: Ќе одам пред тебе со Моја слава, и ќе те повикам во името Мое: (Јахве) (יהוה) е пред тебе, и кој е за помилување, ќе го помилувам, а кој е за утешение, ќе го утешам. И потоа рече: Но лицето Мое не ќе можеш да го видиш, зашто не може човек да Го види лицето Мое и да остане жив. И пак рече Господ: Ене место пред Мене, застани на онаа карпа. А кога ќе помине славата Моја, ќе те ставам во пукнатината на карпата, и ќе те засолнам со раката Своја, додека не поминам; и кога ќе ја кренам раката Своја, ти ќе Ме видиш од кон грбот, но лицето Мое не ќе ти се открие тебе. ... И стана порано Мојсеј утредента рано, па се искачи на планината Синај, како што му заповеда Господ. ... А Господ слезе од облак и застана пред него, и го возгласи името [на Јахве]. Потоа помина Господ покрај лицето негово и извика: Господ, Господ (יהוהיהוה), Бог штедар и милостив, долготрпелив, многумилостив и вистински! Кој ја чува правдата и покажува илост на илјадници, Кој проштава беззаконија, неправди и гревови, Кој виновни не очистува, Кој за гревовите на татковците ги казнува децата – дури и внуците до третото и четвртото колено. Мојсеј побрза , падна наземи и се поклони на Бога (Исход 33:18-23; 34:4-8.)
Во оваа сторија објавувањето на името Јахве (Јехова) од страна на Бог, односно изговарањето на Неговото лично име, претставува највисок миг на откровение. Сите други имиња, коишто следуваат по името Јахве – „Бог човекољубив“, „милостив“ и други – претставуваат само толкување на тоа име, како да додаваат овертонови кон неговото основно значење. На тој начин, двете теми – за името Божјо и за Божјите имиња – уште тука се сосема различни.
Во цитираниот текст е присутен уште еден клучен поим во Стариот Завет, нераскинливо поврзан со поимањето на Божјото име: славата Божја или славата Господова (еврејски – kabod Yahweh). Највисок миг на откровението на таа слава претставува изговарањето на името Јахве. Но што е тоа слава Божја? Да се преведе адекватно тој поим на современ јазик е невозможно: во Стариот Завет во тој поим ја внесува, пред сè, претставата за таинственото Присуство Божјо, коешто се манифестира во видливи форми (облак, оган). Така, на пр., Божјата слава му се јавила на израилскиот народ во облак, кога народот негодувал против Господа; славата Божја се спуштила во вид на облак на гората Синај и престојувала на неа во текот на шест дена: славата Божја притоа се опишува како „оган што гори“ (Исход 24:17)
Славата Божја често се јавува локализирана на некое конкретно место, или поврзана со некој свет предмет: облакот на славата Божја ја исполнил скинијата на заветот (Исход 40:34-35), и се јавува над златниот поклопецот на ковчегот (Левит 16:13). Славата Божја и ковчегот се тесно поврзани: губењето на ковчегот значи губењето на славата Божја (1 Царства 4:21-22). Важноста на ковчегот е условена со тоа што над него се „повикува името на Господ Саваот“ ( יהוה צבאות— Yahweh Zebaot) (2 Царства 6:1). Самиот Бог го избрал тој древен ковчег како место на Своето присуство и откровение: „И тука, над поклопецот, ... ќе ти се јавувам тебе и отаде ќе ти зборувам“ (Исход 25:22). Подоцна, во таргумската литература присуството Божјо над поклопецот од ковчегот ќе се означува со терминот „Шекинах“, кој означува „присуство Божјо“. Зошто, имено поклопецот на ковчегот, поточно просторот над него, станало место на посебно присуство на славата Божја, останува нејасно. Сириската патристичка традиција во лицето на преп. Исак Сириски, дава одговор на тоа прашање, за што ќе стане збор на некое друго место.
Ако од Книгата Исход преминеме на Книгата Левит, ќе можеме да забележиме дека во неа темата за Божјото име исто така зазема важно место. Во неа, што е посебно воочливо, се содржи многукратно забранување да се „обесчествува“ името Божјо (Левит 18:21; 19:12; 21:6; 22:2, 32). Хулењето на Господовото име, согласно Книгата Левит, морало да биде казнето со смрт:
„И синот на Израилката похули на Господовото име. И го доведоа кај Мојсеја; и го ставија в затвор додека не се донесе за него пресуда според заповедта Господова. И му рече Господ на Мојсеј, велејќи: Изведи го оној што хулеше надвор од живеалиштето, а и сите што чуја, нека ги стават рацете свои врз главата негова и целиот народ нека го убие со камења. И кажи им на синовите Израилеви: секој што ќе похули на својот Бог, ќе го прими својот грев; и оној што ќе го навреди името Господово, треба да умре, со камења да го убие сиот народ; било да е тој придојден или тукашен, ако похули на името Господово, да умре (Левит 24:11—16.).
Во оваа одломка од интерес е не само строгоста без преседан, со која е пропишана казната за хулењето на Божјото име, туку и фактот дека името Господово тука претставува синоним за Самиот Господ: да се хули на името Господово значи да се злослови Господ. Згора на тоа, во оригиналниот еврејски текст зборот „име“ (shem) двапати е употребен без придавката „Господово“ (којашто е додадена со курзив, заради појаснување, во рускиот Синодален превод). Така, „името“ станува синоним за „Бог“; под „име“, секако, се подразбира свештеното име Јахве.
Името Јахве игра централна улога во Книгата Повторени закони, особено во оној нејзин дел кој започнува со зборовите „Почуј, Израиле: Господ (יהוה), нашиот Бог, е единствен Господ“ (6:4) и завршува со зборовите „вие ќе Му бидете свет народ на Господа (יהוה), вашиот Бог (26:19). Во оваа долга одломка, којашто, според мислењето на многумина современи научници, претставува најстар дел од книгата Повторени закони, изразот „Господ (יהוה), твојот Бог“ се среќава на многу места, при што со тоа име Себеси се нарекува Самиот Бог, говорејќи за Себе во трето лице.
Во Повторени закони е повторена Божјата заповед, дадена на Мојсеја: „Не изговарај го напразно името на Господа, твојот Бог; зашто Господ, твојот Бог, нема да го очисти оној што го употребува името Негово напразно“ (5:11). Заканата од казнување одекнува и за оние коишто немаат страв пред името Јахве: „Ако ... не се боиш од ова чесно и чудесно име на Господа, твојот Бог, Господ ќе те порази тебе и твоето потомство“ (28:58-59). Стравот пред Бога е суштинска компонента на старозаветната религија. Бидејќи во библиското поимање Бог се поистоветува со Своето име, стравот перд Јахве, или „стравот Господов“ (pahad Yahweh) прераснува во религиозно почитување на името Јахве, име спрема кое човек мора да се однесува со страв и трепет.
Во Повторени закони „името Јаве“ добива смисла којашто го доближува тој поим до поимите „славата Божја“, „сила Божја“, „присуство Божјо“. Изразот „името Јахве“ се користи во Повторени закони не само и не толку како синоним на Самиот Јахве, туку и како укажување на јавувањето, на присуството, на дејствувањето на Јахве. Ако Самиот Јахве престојува на небото, „името Јахве“ е присутно на земјата: тоа е Негов земен претставник. Таквото користење на зборот во подоцнежниот јудаизам ќе доведе до појава на претставата за Името како самостојна сила, на некаков посредник меѓу Јахве и луѓето.
Преземено од http://bishop.hilarion.orthodoxia.org
Подготви: д-р Драган Михајловиќ
Посети: {moshits}