логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка

ArhStefan.INTervju.

1. Ваше Блаженство, пред 25 години, во 1999 г. на Црковно-народниот собор во Охрид, бевте избран за петти Архиепископ на Македонската Православна Црквa. Во изминативе 25 години, Синодот на Македонската Православна Црква растеше и денес брои деветнаесет архиjереји, што говори дека сме жива Црква. Како народ, колку сме воцрковени и колку нашата Црква успева да ја доближи верата до секој Македонец?

– Како да беше вчера! Поминаа незабележително, иако 25 години и не се малку. Но и не се битни годините, туку побитно е како поминале, и што останало и што ќе остане запаметено. Историјата секому ќе му забележи, и што е направено и што не е. Пред четврт век, со Божји благослов и со волјата на народот, ни се довери, ако може така да се рече, нам, на втората генерација архијереји, да го продолжиме раководењето на возобновената Охридска Архиепископија како Македонска Православна Црква. Тоа беа години на исчекувања, години во кои продолжи отфрлувањето и понижувањето, но беа и години во кои опстојувавме во барањето на правдата и бранењето на нашата вистина. Не отстапивме од она за кое се залагаа сите наши претходници од Арсениј до Доситеј и наваму. И, да Му благодариме на Бога, се исполни времето: на 9 мај 2022 година, со Одлука на Цариградската Патријаршија, со благослов на Неговата Сесветост, Вселенскиот Патријарх Вартоломеј, бевме примени во канонско и евхаристиско единство со останатите помесни Цркви, а на 5 јуни истата година, од Неговата Светост Патријархот Порфириј, го примивме Томосот за автокефалност, што ни го додели Архијерејскиот собор на Српската Православна Црква.

Во меѓувреме, и покрај сите надворешни оспорувања, растевме како Црква. Се обновуваа стари и се изградија нови храмови, и во Скопската и во сите наши епархии, се намножија свештенослужителите, благодарение на Богословијата и на Богословскиот факултет, продолжи да се обновува монаштвото и да се зголемува бројот на архијерејите… Сето тоа говори за постојаниот духовен раст, иако секогаш може и повеќе и подобро. Најважно од сите растења е растежот на Црквата во душите на народот! И покрај отсуството на религиозно образование во нашите училишта, и покрај неможноста на верата да ѝ се даде барем малку простор во медиумите, нашиот народ си ја почитува прадедовската вера и живее со неа. Особено радува што во неделните и празничните денови на светите богослужби во храмовите присуствуваат бројни верници, од кои поголемиот број се млади луѓе. За жал, и во ова време во недостаток на верската поука во училиштата, духовната литература и проповедта во храмовите се единствените помагала за запознавање на народот со вистините и со учењето на Светата Црква. Но, да се надеваме на подобри времиња!

2. Во текот на Вашето архиепископско делување Македонската Православна Црква интензивно се развиваше – се осветија многу храмови и сакрални објекти, би ги издвоиле: храмот на свети Климент на Плаошник, храмот на Пресвета Богородица во Скопје, храмот на Света Троица во Радовиш; се заврши фрескоживописот на Архиепископскиот соборен храм на свети Климент во Скопје, се изгради Милениумскиот крст на Водно, се изгради новата зграда на Македонската богословија во Драчево. Македонската Православна Црква се развива во континуитет. Која е визијата за понатамошен развој, но и за зачувување на културното богатство, кое е многубројно во нашата Татковина!

– Честопати велам дека нашата Татковина е земја-храм, земја-манастир, земја-крст! Нашиот народ и кога за ништо друго немал ‒ за Бога и за верата своја имал! Велелепните Божји домови, распослани ширум Македонија, сведочат дека сме црквољубив и црквоградлив народ. Впрочем, веројатно не е далеку од вистината да се каже дека најголемиот дел од нашето сенародно културно богатство е токму црковното богатство, односно дека тоа се нашите велелепни средновековни и преродбенички храмови и манастири, со прекрасните икони и фрески во нив, како што и најдревните книги ни се црковните.

Низ сиве изминати години, во своето служење на нивата Господова, се обидувам да го продолжам градителското и обновителското дело на моите претходници на архиепископската катедра на нашата помесна Црква. А истото успешно го прават и останатите браќа архијереји. Па, покрај градбите што ги спомнавте, изградени се и се градат и многу други сакрални објекти и тоа не само во Скопската епархија, туку и ширум нашата земја, како и меѓу нашите иселеници по светот. Многу е и направено и се прави, но и уште многу треба да се направи! Притоа, едно секогаш треба да помниме: богоугодно е храмови и манастири да градиме, но, потребно е и откако ќе ги изградиме храмовите да ги исполнуваме со верници, а манастирите со монаси, зашто само храмови полни со верен народ и манастири со монаси, се убави храмови и живи манастири!

3. Покрај градењето на нови храмови и манастири, Македонската Православна Црква интензивно вложува и во богословското образование на својот кадар! Ако во минатото, Македонската православна богословија и Православниот богословскиот факултет имаа недостаток на професорски кадар, денес имаме професори кои се школувале во светските богословски центри! Колку младите во Македонија се заинтересирани за изучување на богословските науки и дали нашите образовни институции се отворени за проширување на својата дејност, со нудење на последипломски и докторски студии за студенти и од други научни области?

– Улогата на образовните богословски институции во животот на една Црква е огромна, незаменлива! Во нив идните православни пастири се учат на богомислие и богољубие, се учат како за Бога да словат и како на Бога да Му се молат. Да, со радост можеме да кажеме дека денес нашиот Факултет и нашата Богословија имаат професори коишто, покрај во нашите образовни институции, се образувани и на врвните богословски центри во: Солун, Санкт Петербург, Москва, Букурешт, Софија, Рим, Бари, Берлин, Келн…, што говори дека на кадровско ниво образовните центри ни се во добри раце.

Што се однесува до правото за запишување на последипломски и докторски студии за студенти коишто дипломирале на прв циклус студии на други научни области, одговорот е – да. Оние коишто студирале на факултети од хуманистичките науки, можат да се за запишат на магистерски студии на Богословскиот факултет, доколку за тоа добијат благослов од Светиот архијерејски синод.

4. Во август минатата година извршивте канонска посета на Aмериканско-канадската епархија по повод прославата на 60 години од осветувањето на првиот храм на МПЦ ‒ ОА во Америка, храмот „Свети апостоли Петар и Павле“ во Гери, Индијана. Како народ, нѐ има по целиот свет, во Австралија, во Европа… Во последниве години сѐ повеќе млади луѓе се иселуваат од Македонија. Колку Македонската Православна Црква учествува во животот на нашите во дијаспората и како ја гледате иднината на дијаспората на Македонската Православна Црква?

– Така е, во минатото лето Господово ја имав радоста да ја посетам Американско-канадската епархија, по повод 60-годишнината од осветувањето на нашиот прв храм на Северноамериканскиот Континент, храмот којшто за нашинците таму беше првоапостолен. Беше убаво повторно да се биде во Црковната општина „Свети апостоли Петар и Павле“, која првобитно била оформена во Гери, Индијана, каде што и бил осветен првиот нејзин храм, а којшто денес се наоѓа во блискиот град Краун Поинт. Тамошните нашинци имаат откупено голема површина и имаат изградено и украсено навистина прекрасен, велелепен дом Божји, со сите потребни попратни објекти за веронаука и за сенародни собирања и, предводени од својот епископ, Митрополитот Американско-канадски г. Методиј, и од своите двајца млади и трудољубиви пастири, како и од вредната и црквољубива управа, имаат Црковна општина која е навистина жива и е пример за почит.

При посетата на Новиот континент, освен во Краун Поинт, во САД ги посетив и двете црковни општини во Чикаго, двете црковни општини во Детроит и Црковната општина во Сиракјуз, во сојузната држава Њујорк, а во Канада ги посетив: Катедралниот храм „Свети Климент Охридски“ во Торонто и црковните заедници во Маркам, Ејџекс, Мисисага и Хамилтон. Во најголемиот дел од тие храмови ја имав радоста да отслужам Света Литургија, или Вечерна богослужба, и да се сретнам со бројни македонски чеда од тие простори.

Но минатата година, исто така, бев и на неколку канонски посети на наши црковни општини во Европа. Особено би ги истакнал престојот во Хрватска, по повод осветувањето на прекрасниот храм „Света Злата Мегленска“ во Загреб, посетата на Дортмунд за освет на храмот „Свети Кирил и Методиј“ и посетата на нашите две први европски црковни општини во шведските градови Малме и Гетеборг, кои во минатата година прославија 50 години од своите формирања.

Инаку, секој престој меѓу иселените нашинци секогаш ми донесува две спротивни емоции. Од една страна, радосен сум затоа што и денес потврдуваме дека како народ каде и да сме ‒ верата прадедовска не ја забораваме, туку, напротив, токму Црквата е таа што ги собира нашинците во туѓина! Од друга страна, секогаш сум и по малку тажен, затоа што самиот факт дека на Запад се јавува сѐ поголема потреба за наши нови храмови и дека постоечките сѐ повеќе се полнат, е и јасен знак дека Татковината ни се празни! Тоа е сериозен проблем пред кој како народ и како општество сме исправени и се надевам дека во скоро време процесот на силно иселување, кој во последниве деценија-две ја зафати Македонија, ќе престане. Во спротивно, верата ќе ни опстои, за тоа сум спокоен, оти сум убеден дека нашинците и во третото и во петтото и во секое поколение во емиграција ќе си ја зачувуваат верата, но ќе ги доведеме во прашање опстојот на државата, јазикот, традициите… Нашата Црква ќе има иднина во дијаспората, а наше, пак, на нас коишто живееме во Татковината, е да ја правиме Македонија попристојно место за живеење, место од кое младите не ќе сакаат да заминуваат, а заминатите ќе сакаат да се вратат.

5. Секуларизмот е принцип на општествено уредување, според кој државните институции се одвоени од религиските институции. Но, денес секуларизмот се користи како изговор за целосно истиснување на Црквата од општествениот живот. Сепак, во нашата држава верниците се вклучени во сите општествени настани и често јавно го искажуваат својот став по многу отворени прашања од секојдневното живеење. Дали Македонската Православна Црква е доволно влијателна, или треба повеќе да се истакне нејзиното влијание во општеството, за креирање на современиот македонски христијански етос?

– Ние како Црква немаме проблеми со секуларизмот, ниту, пак, со би21.02.2024акво општествено уредување, коешто е избрано од мнозинството на народот. Впрочем, Црквата живеела и во потешки времиња, и во оние на иноверно владеење и во доба на атеистички систем… и секогаш, во сите тие различни опстојателства, пронаоѓала начини да ја извршува својата мисија ‒ да ја сведочи верата во Отецот и Синот и Светиот Дух и да се грижи за својата паства.

Но точна е констатацијата дека некои, водејќи се од погрешно толкување за идејата на секуларизмот, сакаат сосема да ја исклучат Црквата од општеството и секој јавен став на Црквата да го сметаат за вмешување во државните работи. Тоа ние го сметаме за неприфатливо. Црквата не се меша во државното уредување, но секаде и секогаш, по секоја цена ќе го брани достоинството на човекот. Христос нѐ повика не само да бидеме христијани во нашите цркви и домови, туку и од покривите да ја разгласуваме вистината и убавината на нашата вера. Така што, секогаш давајќи му го „царевото на царот“, нема да престанеме да го искажуваме нашето мнение за секој битен општествен процес. Па, секуларно не значи безбожно општество!

Притоа, сепак, целокупната наша јерархија знае дека главна „сцена“ за произнесување на гласот на Црквата е амвонот, дека главно средство ни е проповедта во храмовите, се разбира, заедно со нашето лично животно сведочење на она што го проповедаме.

6. Во последниве години во Европа настапува некаква либерална идеологија, некој вид либерален фундаментализам кој, со својата нетрпеливост и надменост, се обидува да воспостави нов систем на вредности. Човековиот живот сѐ повеќе се третира само во неговата земна димензија. Чувството за вечноста се заборава, а свеста за грев и за морални ограничувања, се прави обид да се избрише. Нашата Црква покажа одлучно спротивставување при обидот на некои групи и поединци грешните тенденции да се прикажат како „норма“. Но, постои повик на некои т.н. „правни експерти“ за адаптирање на религиозните гледишта и верувања, согласно со ЛГБТ наративите. Можеме ли како народ да ги зачуваме традиционалните вредности, кои претставуваат темел на нашето опстојување?

– Ако човекот се третира само во неговата земна димензија, тогаш тој воопшто и не се третира како човек! Та, ако го лишиме човека од чувството за Бога, за вечноста, за одондестраното, за светоста, тогаш него го правиме еднодимензионално суштество. И кога човекот бидува оттргнат од Бога, кога верата од најрана возраст му е претставувана како атавизам, кога децата се учат дека не постои вечна вистина и вечност, тогаш се отвора широк простор за искривување на биолошките и психолошките дадености и за обезвреднување на моралните вредности.

Знаете, Црквата никогаш никого на ништо нема да присилува, никогаш никому нема да му заповеда како да го живее својот личен живот. На Црквата ѝ е туѓа нападноста, зашто таа исповеда вера во Троичниот Бог, Кој е Бог на љубовта. Љубовта Божја, пак, не може да биде агресивна. Но, не можеме да стоиме со наведнати глави и да молчиме кога некои од силните на денот нѐ прават слепи при очи со нивните наративи; кога се градат апсолутно невистинити квази-теории за постоење на кој знае колку родови (зашто „род“, велат, било различно од пол); кога се подбиваат со народот и ѝ се закануваат на Црквата; кога за паради на „гордост“ се нарекуваат јавни бесрамни чинови, кои дрско го навредуваат човековото достоинство…

7. Верниот народ во Македонија, и насекаде во дијаспората, го слуша Вашиот глас и никој не може да ги оддели од Македонската Православна Црква. За крај, која е вашата порака до верниците?

– Мојата порака, до читателите на овој нов информативен сајт и до сиот верен народ на нашата Света Македонска Православна Црква, е она што и јас лично како архијереј го проповедам речиси четириесет години, а што, впрочем, целата Црква литургиски го слови од својот почеток. Имено: „да Му благодариме на Господа“ за „сите и за сè“, срцата „да ни бидат горе“, упатени кон небесата, „кон Господа“, и да живееме ангелоподобно, прифаќајќи го за средиште на нашите животи „Царот на славата“.

Та, нема поголема радост од животот во Бога, од животот во бедрото на Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква. Нашиот народ е христијански народ во своето битие. Затоа пораката ми е – така и да остане! Народот македонски да остане народ рисјански, народ православен, додека векот векува!

За тоа, пак, да биде така, секој кој е крстен и е христијанин треба, следејќи го светиот апостол Павле, да се стреми да се распне себеси со Христос, та да почувствува дека веќе не тој, туку дека Христос живее во него (сп. Гал 2, 20). А за тоа, животот треба да ни биде онака како што се вика овој сајт ‒ литургија, односно да ни биде заеднички благодарствен (евхаристиски) принос!

Сосема за крај, на сите вклучени во работата на литургија.мк им посакувам плодотворно, успешно работење, па овој нов дигитален медиум да биде верен преносител на настаните во нашата Света помесна Црква и во сите останати сестрински Цркви, но и да ја сведочи вистината и убавината на нашата вера не само со пренесување на информации, туку и со видео и аудио-емисии, проповеди, интервјуа, како и со пишани текстови и од наши богослови и во превод од ризницата на богословието на нашите браќа и сестри од останатите Цркви.

Бог да ви го благослови трудот и да биде за Негова слава!

 21.02.2024

 

https://liturgija.mk/aktuelno/da-prodolzhime-po-patot-na-vistinata/

 

 

 



dobrotoljubie

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Октомври 20, 2024
TviTER281

Монашки и свештенички семинар во митрополијата на Киншаса (06.09.2024 21:29)

Со Божја благодат и благослов на Неговата Светост Папата и Патријарх Александриски и на цела Африка г. Теодор II, во Митрополијата на Киншаса, во Конго, се одржаа семинари за монасите и свештениците.
Јуни 30, 2024
Avraamovo.GOSTOLJUBIE

Света Троица во Стариот Завет

„Секоја енергија која од Бога се простира на творевината и се именува со многу имиња, од Отецот излегува, низ Синот се протега, а во Духот Свет се совршува“ (Свети Григориј Ниски, „За тоа дека не смее да се говори за три Бога“). Вистината за постоењето на…

За нафората

HRISTOS.nafora
Нафората е осветен леб,кој бил принесен на жртвеникот и чија средина е извадена и…

Проскомидија

TVIT602
·Што е Проскомидија? Еретиците немаат Проскомидија. Проскомидијата е уводниот дел на…

Јован Дебарски Архиепископ Охридски (30 август/12 септември)

Сеп 13, 2021 Житија 3214
Овој свет и богоносен отец наш Јован Дебранин, Архиепископ Охридски и прв ктитор на…

Свети свештеномаченик Харалампиј

Фев 23, 2020 Житија 7700
ih3387
Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот…

Најново од духовност

Православен календар (2)

 

24/12/2024 - вторник

Божикен пост (пост на масло)

Преподобен Данило Столпник; Преподобен Лука Столпник; Преподобен Никон Сувиот; Светиот маченик Миракс;
Правила и одредби на Православната Црква за постот
Православен календар за овој месец - МПЦ

Кожувчанка

Молитви кон Пресвета Богородица за секој ден во седмицата

 Радувај се, Ти Која од ангелот ја прими радоста на добрата вест дека Бог Слово ќе прими тело од Тебе! Радувај се оти го носеше Создателот во Твојата утроба! Радувај се Ти Која го роди Бога во тело, Спасителот на светот! Повеќе...

Тропар

Тропар на светиот Христов Столпник Данило преподобен 11 декември / 24 декември 2024

Тропар на светиот Христов Столпник Данило преподобен 11 декември / 24 декември 2024

Смирението твое о, Данило столпнику,по молитвите на твоите родители,со заштитиништвото на великиот Симеон,пат кон небесата ти отвори,а ангелите и луѓето...

Тропар на св. Христови маченици Мина, Ермоген и Евграф 10 декември / 23 декември 2024

Тропар на св. Христови маченици Мина, Ермоген и Евграф 10 декември / 23 декември 2024

Велики сте вие Мино и Ермогене,кои лично Христово присуство вовашите страдања измоливте.Благодатта преку вас не само Евграфа туку и целото...

Тропар на светата Господова пророчица Ана мајка на Пророк Самоил 9 декември / 22 декември 2024

Тропар на светата Господова пророчица Ана мајка на Пророк Самоил 9 декември / 22 декември 2024

Се зарадува душата твоја во Господа,а таа радост по твоите молитви Христос ја пренесе на верните свои,о Ано смирена слугинко...

Духовната убавина на Богородица се пројавува и во моментот на Распнувањето на Нејзиниот Син

Тебе, Богородице поборнице – војвотко, ние слугите Твои, откако се избавивме од зло, Ти пееме победни и благодарствени песни. Ти имаш сила непобедна, од секакви опасности ослободи не за да Ти пееме : Радуј се, Невесто Неневесна! Повеќе...

Болестите според светоотечкото учење

Значи, не се надевај на лекарска вештина без благодат и не ја отфрлај своеволно, туку моли Го Бога да ја спознаеш причината за казната, а потоа моли за избавување од немоќта, трпејќи сечење, горење, горчливи лекови и сите лекарски казни Повеќе...

Свети Лука Симтерополски: Архиепископ и хирург

Едноставно е да се претпостави дека професорот – епископ, соединувајќи го во своите раце крстот и скалпелот, ги порази современиците токму со тоа необично соединување на двете разновидни сфери на активност.  Повеќе...

Духовни поуки: „Помоли се за мене“

Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш - ќе успееш и во едното и во другото. Повеќе...

Живот без стрес

Ако разбереме што се крие зад стресот, ако ја видиме лагата, која што се крие зад него, на крајот ќе увидиме дека не постои причина за да бидеме во стрес.. Повеќе...

Митрополит Струмички Наум - Да пораснеме барем до Стариот Завет

И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака. Повеќе...

Епископ Тихон Шевкунов: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“

Несвети, а свети. Луѓе, кои навидум живееле во нашето секојдневие, се соочувале со проблемите со кои ние се судираме, боледувале од болести од кои ние боледуваме, често осудувани од околината, а сепак, не биле секојдневни. Луѓе, кои не се на иконите, но го предавале животот од иконите во сите нивни дела, зборови, мисли. Луѓе, за кои тишината прозборила дека се свети.  Повеќе...

ГОЛЕМАТА ТАЈНА НА ДИВЕЕВО - Кој ќе доживее, ќе види

Како дополнување на оваа тајна, еве што слушнав од устата на 84-годишната игуманија на манастирот Дивеево, Марија. Бев кај неа во почетокот на 1903 година веднаш по канонизирањето на преподобниот Серафим и заминувањето на царското семејство од Дивеево. Повеќе...

Арх. Калиник Мавролеон: Монологот БОЖЈИ

 

Те гледав кога се разбуди угрово. Чекав да ми кажеш два-три збора, да се заблагодариш за се што ти се случува, да побараш мое мислење за се што треба да правиш денес. Повеќе...

За Моето име

Поуки на грузискиот Старец Гаврил Ургебадзе за последните времиња

 

„Ѓаволот има 666 мрежи. Во времето на антихристот луѓето ќе очекуваат спасение од космосот. Тоа ќе биде и најголемата замка на ѓаволот: човештвот ќе бара помош од вонземјаните, не знаејќи дека тоа се, всушност. – демони.“ Повеќе...

Взбранной Воеводе победительная