РАЗЛИКАТА ПОМЕЃУ ЉУБОВТА, ЗАЉУБЕНОСТА И СТРАСТА
Протојереј Максим Козлов
Што да се прави кога си уверен дека е невозможно да љубиш
Која е разликата меѓу заљубеноста и љубовта, и помеѓу љубовта и страста? Некои со години чекаат големи чувства, а други избираат за себе сопружник од оние коишто ги опкружуваат. Кој е во право? И што треба да направиш кога мислиш дека не можеш да љубиш, треба ли да чекаш и да се надеваш дека ќе го најдеш човекот кој што го бараш? На овие прашања одговара протоереот Максим Козлов
Според правилата, страста е тоа нешто што е заради мене, заради самиот себе, тоа е она без кое јас не можам, а љубовта - тоа е нешто што сме спремни да го даваме на другите. Уште пред христијанската епоха Аристотел дал точна дефиниција за љубовта: тоа е „кога на другиот му посакуваме добро". А за христијаните, тоа е живот заради доброто на другите. И ако некој каже: „му посакувам (и посакувам) не само земна среќа туку и блага вечност, и повеќе од тоа не ми е неопходно"- тоа е љубов. А ако тој или таа каже дека го посакува истото, но само заедно со него самиот и тоа по секоја цена - тоа е страст.
Исто така, љубовта може да се покаже како трагедија, човечка внатрешна драма кога не е возвратена или при страшна болест на саканиот, а страста - тоа е несреќа која личноста ја носи во животот на другите, од која особено страда другиот, како и таа самата во помала мерка.
Секако, неразумно е потхранувањето на романтизмот на „Розовите едра" на својата ќерка: чекај го принцот кој ќе доплови со бродот и ќе те одведе во „далечната земја ", каде ќе бидеш исклучително среќна со него, окружена со сето она за кое што човекот сонува.
Ова е непромислена крајност.
Од друга страна, спротивно на ова, постои еден краен прагматизам, според кој не би требало да има никакви чувства, туку само рационално осмислена пресметливост: годините на младата личност одовараат, надворешноста, се чини - не е лоша, близок е социјалниот статус, и во однос на карактерот - ништо. Ова им изгледа како подготвеност за свадба. А потоа ќе видиме како ќе почне се¬мејниот живот. Ова е другата крајност.
За повеќето млади православни луѓе веројатно вистинскиот пат е некаде на средината: од една страна душевната (не секогаш духовна) емоционална поврзаност со човекот, стремежот кон него, а од друга страна - проценката дека ние во голем дел се согласуваме, дека помеѓу нас нема принципиелни светогледни разлики. Кога сето ова е усогласено, тогаш тоа е најтрезвениот, најмудриот пристап во устројувањето на семејниот живот.
Што да се прави кога си уверен дека е невозможно да љубиш, потребно ли е да чекаш и да се надеваш дека ќе го најдеш човекот кој што го бараш?
Тоа зависи од она што го сметате дека е љубов. Доколку љубовта ја квалификувате со тоа што е опишано во „Евгениј Онегин", а особено во „Ромео и Јулија" или пак во „Јунакот на нашето време", тогаш сигурно е подобро, да не се очекуваат такви емотивни состојби. Можно е да се случи, но за среќа Господ не благословува такви страсти, кои во светската литература се сметаат за љубов. Тие не мора да бидат груби телесно и да се непристојни, барем до XX век, почести се душевните, но тоа секако се страсти. И затоа да се чека и да се тежнее кон такви чувства, не е препорачливо на било кој начин.
Но, поради отсуство на љубов или поради неспособност за неа, ние подразбираме емотивна и душевна одбивност кон некој човек, кој според сите логични заклучоци е добар за нас, но душата не го прифаќа и не сака да биде блиска со него, и ако ги броиме минутите кога тој или таа конечно ќе заминат, тогаш секако, принудувањето себе си да се врзеш со тој или таа за цел живот, е крајно непожелно.
Секој кој може да живее со вера и надеж во Бога, молејќи се, барајќи и очекувајќи средба која што ќе ја испрати Господ, тој и ќе ја најде таа средба. За тоа зборува целокупното искуство на Црквата.
Превод: Свештеник
Емил Атанасов
Извор: ТРОИЧНИК бр.52
28.09.2018 лето Господово
Друго:
МОНАХ МАКАРИЈ, НОВИОТ ХРИСТОВ СТРАДАЛНИК ...