Прашање:
Гледам дека нема никаков критериум за проповед кај нас, секој може од ракав, се појавуваат многу мислења, многу ставови, слободни, кои лесно ги прифаќаме. А ако некој цитира од светителите оди во крајна апокалипса и пропаст и судење. Како да го сочуваме здравиот духовен живот?
Почитувана,
Прашањето коешто го поставивте, би требало, особено во денешно време секој да си го постави, бидејќи одамна бевме опоменати дека ќе се појават лажни учители.
Лажните учители немора неминовно да бидат помагачи на антихристот или пак обележани од народот како непријатели на христијанството, туку нивната бројност е огромна, бидејќи проповедувајќи, ретко кој од нив се прашува, повторно според зборовите Христови: со каков дух е? Всушност проповедтта е врзана секогаш за Евангелието Христово, бидејќи во Евангелието имаме сѐ што ни е потребно според зборовите: „Ти имаш зборови за живот вечен.“ (Јн.6,68). Излегувајќи од духот на Евангелието излегуваме и од рамката на Блаженствата, следствено излегуваме од рамката на Божјите заповеди. Со сето ова, во нас се развива првенствено дух кој ја бара правдата на земјата, неминовно следува осудување, напаѓање, злопамтење и сето она кое е синоним на гордоста во човекот, а е производ на човековата падната природа.
Проповедтта кога е во духот на Евангелието, почнува со повикот за покајание, повикот за преумување, согледување на сопствените страсти, односно поттик на еден внатрешен духовен живот во кој ќе се развие односот помеѓу мене и тебе, а со тоа се отвора пат кон односот помеѓу јас и Господ. Проповедниците, беседниците, исповедниците, духовниците би требало да се движат во Евангелската рамка, ползувајќи се од Духот на вистината, така што секое поучување, исправување, а можеби и опоменување треба да дојде од сето она што е добро востановено во Црквата преку Духот Свети и не смее никако да биде производ на сопствено мислење. Расудувањето е дар Божји којшто се дарува на оние кои себе ќе се смират, а особено постојано се трудат да се постават на местото на оној кој ќе погреши или сака очите да ги подигне кон Господа.
Особено важен е моментот кога со јазикот на трпението и смирението се сметаме криви за сѐ.
Кога зборувате дека се повикуваат на одредени светители кои зборуваат за крајот на светот, мора да ви напоменеме – пророштвата нивни се дадени во времето, а времето е сопственост на Бога Отецот и Он единствено знае кога и што ќе дојде. Во Црквата Отците свети постојано Го молеа и Го молат Господа да даде уште денови за покајание, денови за преумување, простување. Да го одложи судот врз светот и човекот. Затоа нѐ поучува Господ во Евангелието „ако ви каже некој: еве, овде е Христос, или ене, таму е, не верувајте!“(Мк.13,21) односно трудете се, секој ден да го користите за преумување ваше, преобразување на страстите, а не да живеете со дух апокалиптичен, исчекувајќи го оној кој треба да дојде.
Можеме да заклучиме дека Господ нѐ повика најпрвин да го бараме Царството Небесно и неговата правда, особено да запаметиме дека Господ се спротиставува на горделивите, а на смирените им дарува благодат. Затоа ползувајте се од зборовите Негови – „мир ви оставам, мирот Свој ви го давам“ (Јн.14,27).
Приклонете се кон Царот на мирот Кој кажа дека наши непријатели сме ние самите и демонот кој се накалемува на нашите страсти и слабости. Тоа е целата вистина.
Никој не знае кога ќе дојде денот Господов, бидејќи тој е како крадец во ноќта, дотогаш да се поучуваме од Светите Отци коишто се наоружале со големо смирение и трпение. Една битна работа постои, а тоа е слободата наша, која никој не може да ни ја одземе, освен сами ако не ја подариме, прокоцкаме или изгубиме. Ја подаривме на Господа кога на Светото Крштение кажавме дека сакаме да се откажиме од сите дела коишто непријателствуваат спрема човекот, ја подаривме барајќи ја Божјата волја во нашиот живот, можеме да ја прокоцкаме ако постојано паѓаме во замките нечестиви кои ги нуди во овој свет, а може да ја изгубиме ако се задолжиме према овој свет, надевајќи се повеќе на човека отколку на Бога.
Уште еднаш држете се до Евангелиeтo и до сите оние проповедници кои проповедаат покајание и го наведуваат човека да го бара мирот кој исходи од Царот на мирот. Сѐ друго ќе помине.
Оставајќи ве на молитвите на Онаа Која Него Го роди и сите Светии нека благодатта Божја ве закрилува во сите денови од вашиот живот.
На Света мач. Харитина
Манастир Св Јован Претеча Слепче
Извор: