Сакајќи со пример да ни покаже како Бог се грижи за своите созданија, иако ние честопати не Го сакаме, па дури и се гневиме на Него, старецот Пајсиј ни го раскажа следниов настан:
„Еден подвижник, гледајќи ги неправдите во светот, се молел Бог да му открие зошто благочестиви и верни луѓе се често сиромашни и неправедно страдаат, додека грешните и неправедните се богати и задоволни. Додека се молел на Бога да му ја открие оваа тајна, слушнал глас кој му рекол:
– Немој да бараш да го сфатиш она што твојот ум и знаење не можат да го опфатат и немој да ги испитуваш тајните Божји, зашто Неговите судови се бездна. Но сепак, ако сакаш да дознаеш нешто, оди во светот и внимателно набљудувај што се случува и ќе ти биде дадено да разбереш еден дел од Божјите судови. Тогаш ќе дознаеш дека Божјата промисла која раководи со животот е неиспитлива и недостижна.
Кога подвижникот го чул сето ова, отишол во светот. Откако пешачел извесно време, стигнал до една ливада. Тука се наоѓала една чешма, покрај едно старо издлабено дрво. Се сокрил во таа вдлабнатина и почнал да ги набљудува луѓето кои поминувале покрај ливадата. По извесно време, поминал еден богаташ јавајќи на коњ. Седнал на ливадата за да се напие вода и да се одмори, па од џебот го извадил торбето, во кое имало 100 златници и почнал да ги брои. Кога завршил, наместо да го врати во џебот, торбето го оставил на тревата. Откако се најал и се одморил, се качил на коњот и заминал, не забележувајќи дека торбето му останало во тревата.
По извесно време, се појавил уште еден минувач. Застанал покрај чешмата и кога го видел торбето со златниците, го грабнал и потрчал низ полето. По неколку минути, се појавил еден сиромав. Бидејќи бил уморен, се напил малку вода и седнал да касне едно парче леб. Додека јадел сиромавиот, се вратил богаташот сиот гневен за да го побара своето торбе, го погледнал сурово и се фрлил врз него барајќи да му го врати торбето. Сиромавиот, пак, кој ништо не знаел ниту за торбето ниту за златниците, го убедувал и се колнел дека ништо не видел, но богаташот почнал да го тепа и најпосле го убил. Тогаш богаташот почнал да ја пребарува неговата облека но, откако не нашол ништо станал многу огорчен.
Старецот, кој седел во вдлабнатината и набљудувал што се случува, бил натажен заради несправедливата смрт на сиромашниот и со солзи се молел на Бога:
– Господи, штоо значи оваа Твоја волја? Кажи ми, како може Твојата добрина да поднесе толкава неправда? Еден човек ги губи парите, втор ги наоѓа, а трет поради тоа неправедно е убиен!
Додека се молел и липал, пред него се појавил ангел Господов и му рекол:
– Немој да жалиш поради злосторството и немој да мислиш дека ова не се случило по Божја волја. Имај на ум, дека сè што се случува е затоа што Бог така допушта, за да ги поучи луѓето или, пак, поради нивна полза.
А сега слушај: човекот кој ги изгуби парите е сосед на оној што ги најде. Овој вториот имал имот вреден сто златници а богаташот, инаку многу алчен, го присилил да му го продаде имотот за само педесет златници. Чувствувајќи се беспомошно, сиромавиот се молел на Бога да му врати справедливо, и Бог двојно му вратил. Другиот човек, оној сиромавиот, кој неправедно беше убиен, некогаш и самиот извршил убиство, но искрено се покајал и остатокот од животот го поминал живеејќи според Божјата волја. Постојано се молел на Бога да му прости и велел: „Боже, дозволи ми да умрам со иста смрт како што и јас сум убил друг“. Се разбира, нашиот Бог му простил веднаш откако се покајал. Освен тоа, Он бил трогнат од побожноста и чувствителноста на овој човек, кој не само што се трудел да живее според Неговите заповеди, туку сакал и да плати за својот грев. Така Бог му ја исполнил неговата желба и допуштил да умре со насилна смрт – како што и самиот барал – а потоа го зел на небото, давајќи му венец на слава, поради неговото длабоко и искрено покајание.
Третиот човек, оној алчен богаташ што ги изгубил златниците и извршил убиство, ќе отишол во пеколот поради своите два грева – лакомост и скржавост. Но, Бог допупштил да изврши убиство за да може да доживее болка која на крајот ќе го доведе до покајание. Па така, нзвршеното убиство станало причина тој да го напушти светот и да се замонаши.
Значи, каде и во какви околности гледаш дека Бог бил Неправеден, немилосрден и суров? Не треба да ги испитуваш Божјите судови, зашто само тие се секогаш правилни и познати Му се само Нему. Додека, пак, ние судиме неправилно и Божјите судови ни се чинат несправедливи. Треба да знаеш, дека многу нешта се случуваат по Божја волја и од причини кои не ни се познати. Ете зошто треба да кажеме: Праведен си Ти, Господи, и праведни се Твоите пресуди (Псал. 118,137).
Извадок од книгата: Старец Пајсиј Светогорец, Јеромонах Христодолус, 69-71
Извор: Бигорски манастир
12ти февруари 2019 лето Господово