БЛАГОДАТНО ВРАЌАЊЕ
ВО ПРВОБИТНАТА СОСТОЈБА
Благодатта на Светиот Дух
Благодатта на Светиот Дух е со нас од моментот на Крштевањето и Миропомазанието. Црковните и домашните молитви, како и трудот околу подвижништвото и правењето добри дела, го развиваат тој дар и му даваат простор да делува во нас. Најдобро средство за тоа е – срдечната молитва, која треба да ја сметаш за плод на Духот и воедно за онаа која го привлекува Духот. Во таа смисла Духот го привлекува и црковната молитва на Светиот Дух.
Делото на обраќање во верата го совршува благодатта, а како? – тоа е тајна. Таа има многу орудија.
Благодатта делува двострано: однадвор, кога повикува – и тоа е сеопшта благодат, од која никој не е исклучен: зашто Господ сите сака да се спасат и да дојдат во познание на вистината; кога некој ќе го прифати призивот и ќе се обрати, тогаш благодатта преку Светата Тајна Крштение или покајание се вселува внатре и таму го остварува спасението; од силите на доброто, кои на човекот му се природни, благодатта создава нов човек, наследник на вечното Царство Небесно,и тоа не како господар, туку како раководител и помагател укажувајќи на доброто и помагајќи тоа да се оствари.
Благодатта Божја не гледа на тоа кој каков бил додека не ја посакал, туку само ја чека таа желба. И тогаш истиот час го започнува своето дело – како кај чистата великомаченица Екатерина, така и кај Марија Египетска, која дотогаш била неисправна.
Ѓаволот лукавото и гревољубиво срце секогаш го влече на своја страна. Благодатта Божја му помага на оној кој се чува, а кој сам се фрла во оган, го остава да изгори.
Одредете си себеси да живеете во сеќавање на Бога и одете во присуство Божјо, и самото тоа ќе ве доведе до добар крај. Сè ова е од благодатта Божја. Без благодатта Божја ни на кој друг начин не може да се задобие ништо духовно.
Добрата состојба која сте ја доживеале, е плод на благодатта Божја која ве осенила. Таа се дава секому кој искрено Му се обраќа на Господа. Така за ова говори свети Макариј Египетски. Таа се дава на почетокот, а потоа се сокрива. Господ со ова само дава до знаење дека човекот има за што да се труди и да оди по Него. Таа состојба не може да се определи со никакво природно одушевување. Тоа е исклучително и се доживува само кога Господ ќе ја допре душата. Дали сте го забележале местото каде што се почувствувало... Во срцето. Не е во ваша власт таа состојба да јапродолжите, но со трезвеност да произведите некоја нему слична состојба – тоа е возможно.
Во некои таа (благодатта) пребива скриено, не покажувајќи се; кај други се покажува преку за себе својствени дејства на нив, но не се покажува непрестајно, туку со прекини; некои, конечно, ги осенува во потполност, непрестајно покажувајќи го своето дејство на начин забележлив и за нив самите и за другите.
Тоа што говори свети Симеон, дека благодатта го тера човекот да заборави и презре сè земно и небесно, минливо и вечно – под тоа се подразбира сè створено, секое создание. Зашто, кога ќе се распламти благодатта, тогаш срцето се исполнува со љубов кон Бога, а вистинската љубов кон Бога прави за душата да не постои ништо друго, освен таа и Бог. Ете што зборува свети Симеон.
Потсетете се на приказната за десетте девојки. Петте луди не влегле на свадбата затоа што немале оган во светилките. Тоа значи дека тие, примајќи ја благодатта како и сите други, не се потрудиле да ја распламтат во себеси, не се потрудиле над себеси, да би ù дале простор на благодатта во потполност да дејствува во нив. Ја угасиле благодатта и светлост немало: зашто од каде светлост би се појавила во нас, ако не од благодатта.
Ако сè би зависело од Бога, тогаш за миг сите би станале свети. За еден миг Божји сè би се изменило. Но законот е таков, човекот да треба сам да посака и побара и тогаш благодатта веќе нема да го напушта, само ако тој би ù останал верен.
„Доброто треба да се задобива... без благодатта тоа е невозможно... а благодатта е дел на избраните“. Тука е грешката. Благодатта никој не ја присвојува; таа се дава на сите кои му пристапуваат на Господа; и Спасителот вели дека дошол да ги спаси грешниците, а не праведниците... Благодатта на сите им е заедничка, само земи ја... на сите им е отворен пристапот до неа и сите можат да бидат спасени, ако посакаат... Вината за неспасувањето не е на благодатта, туку на недостатокот на нашето сакање.
... Благодатта се спушта на слободната желба и барање, и дури во нивното меѓусебно соединување се зачнува, во склад со благодатта и својството на слободното создание се создава, нов благодатен живот.
Сам човекот некакво добро во себе не може да постигне ако не дојде благодатта; и благодатта на човекот ништо не му дава, ако тој сам не се потруди...
Својата верност на благодатта или на Господа човекот ја сведочи со тоа што ни во мислите, ни во чувствата, ни во делата, ни во зборовите не допуштна ништо што го смета за противно на Господа, туку напротив: никакво делои подфат не пропушта да изврши, штом увиди дека тоа е по волјата Божја, судејќи според текот на околностите и укажувањето на внатрешните стремежи... тоа понекогаш бара многу труд, тешко самоприморување и противење на себеси...
Благодатта е како извор на сите духовни добра, мирот е – како нејзин плод. Спуштајќи се внатре и сè таму претворајќи и преобразувајќи, благодатта помирува и соединува со Бога, донесува духовно спокојство и сè сврзува со братски сојуз.
... Како се добива благодатта и како благгодатта се пројавува во сила? Се добива преку Светите Тајни, не поинаку, а очигледна станува кај оние кои ги умртвуваат страстите со познатите подвизи (видете во „Добротољубието“ извадоци од св. Марко Подвижник). Оваа очигледност се состои во посебно разбирање на верата, во мирното устројство на срцето, во вдлабочени молитви, во самопожртвуваност за доброто на другите, во непоматеното трпение... така да оние кои гледаат не можат да се начудат. Карактеристична црта на осенетост со Духот е – длабок мир и одреченост од сè видливо: внатре се стои пред Бога. Тука се пресекува секое телесно движење и престанува чувството на потреба...
Благодатта... на Духот Свет, која дошла и се вселила во срцето, станува извор на духовниот живот, кој води во животот вечен.
(Продолжува)
Подготви: З. Д.
- Св. Теофан Затворник - „Речник на христијанскиот практичен живот“ (1дел)
- Св. Теофан Затворник - „Речник на христијанскиот практичен живот“ (4 дел)
- Св. Теофан Затворник - „Речник на христијанскиот практичен живот“ (5 дел)
- Св. Теофан Затворник - „Речник на христијанскиот практичен живот“ (6)
- Св. Теофан Затворник - „Речник на христијанскиот практичен живот“ (7)
- Св. Теофан Затворник - „Речник на христијанскиот практичен живот“ (8)
- Св. Теофан Затворник - „Речник на христијанскиот практичен живот“ (9)
- Св. Теофан Затворник - „Речник на христијанскиот практичен живот“ (10)
- Св. Теофан Затворник - „Речник на христијанскиот практичен живот“ (11)
- Св. Теофан Затворник - „Речник на христијанскиот практичен живот“ (12)
- Св. Теофан Затворник - „Речник на христијанскиот практичен живот“ (13)
- Св. Теофан Затворник - „Речник на христијанскиот практичен живот“ (14)
- Св. Теофан Затворник - „Речник на христијанскиот практичен живот“ (15)
- Св. Теофан Затворник - „Речник на христијанскиот практичен живот“ (19)
- Св. Теофан Затворник - „Речник на христијанскиот практичен живот“ (20)
- Св. Теофан Затворник - „Речник на христијанскиот практичен живот“ (21)
- Св. Теофан Затворник - „Речник на христијанскиот практичен живот“ (22)
- Св. Теофан Затворник - „Речник на христијанскиот практичен живот“ (23)
- Св. Теофан Затворник - „Речник на христијанскиот практичен живот“ (24)
- Св. Теофан Затворник - „Речник на христијанскиот практичен живот“ (25)
- Св. Теофан Затворник - „Речник на христијанскиот практичен живот“ (26)
- Св. Теофан Затворник - „Речник на христијанскиот практичен живот“ (27)
- Св. Теофан Затворник - „Речник на христијанскиот практичен живот“ (28)
- Св. Теофан Затворник - „Речник на христијанскиот практичен живот“ (29)
Св.Теофан Затворник : 1.Молитвата – дишење на духот (Речник на христијанскиот живот - 69)