Кристина Илиевска :МАНАСТИРОТ СВЕТА ПРЕЧИСТА - КРНИНО (КИЧЕВСКО) КНИЖЕВЕН ЦЕНТАР СО НЕПРЕКИНАТ КОНТИНУИТЕТ НА СЛОВЕНСКА ПИСМЕНОСТ
Еден од најзначајните манастири во Западна Македонија кој векови на ред играл многу значајна улога како во животот на населението така и, уште повеќе, во религиозниот и културен живот во целата област, е манастирот Св. Богородица Пречиста во Крнино.
Покрај сите карактеристични одлики на македонските манастири, Света Пречиста се одликува и со две специфични својства: прво, што култот на св. Богородица овде, означена само со епитетот Пречиста, е на многу висока почит. Жителите од Кичевско го сметаат својот манастир за нешто најсвето и најскапо што го имаат. Второ, што е тој еден од ретките македонски манастири каде словенската писменост, насадена со мисионерската дејност на свв. Климент и Наум Охридски не престанала да се практикува дури и во најтешките периоди на ропството. Тоа ми послужи како повод и за избор на темата за овој напис.
Посебно значење за чувањето и за развојот на словенската духовна просвета, култура и книжнина, не само во овој крај, туку и во цела Западна Македонија има токму манастирот Св. Пречиста, Крнино. Активноста на овој манастир е особено забележителна во периодот на долгото ропство под иноверната османлиска доминација. Наши луѓе, главно од кичевскиот крај, во Пречиста се здобивале со образование и се оспособувале за културно-просветна дејност, преку која ја буделе и ја одржувале народната самосвест на населението од Западна Македонија. Овде престојувале и работеле наши познати преродбеници, како Кирил Пејчиновиќ, можеби и Јоаким Крчовски, високо¬образованиот преродбеник Партениј Зографски (Павел Хаџи - Василков од Галичник), драматургот Васил Икономов од Лазарополе и мнозина други анонимни културни дејци кои оставале свои траги, во рамките на своите можности, во различни области на културното живеење на нашиот народ. Посебно значајно е да се одбележи фактот дека во овој манастир богослужбите и проповедите биле секогаш на словенски, а почнувајќи од крајот на ЏВИИИ век, пак, овде биле преведувани на говорен македонски јазик и делови од црковните служби, особено четива од евангелието и апостолот, а се пишувале и самостојни состави на црковни проповеди во дамаскинарски дух.
Манастирот бил и сеуште е на голема почит, не само кај христијанското население туку и кај голем број муслимани. Многу малку се манастирите на Балканскиот Полуостров кои се така почитувани од припадници и на други вери. Од манастирските поменици на Св. Пречиста се гледа дека овој манастир го потпомагале многубројни поклоници од повеќе околии во Македонија (Кичевско, Охридско, Крушевско, Гостиварско, Тетовско, Скопско, Прилепско, Битолско, па и од подалечни места во Влашко, Србија, Бугарија, Цариград и др.)
Овде имало т.н. келијно училиште с¢ до почетокот на ЏЏ век. Во него се описменувале деца и возрасни и се подготвувал кадар за свештеници за неколку околии. Исто така е познато дека во овој манастир се одвивала и разнообразна книжевна дејност сврзана со конкретни литургиски, црковно-правни, проповеднички и други потреби за непречено одвивање на црковниот живот во Македонија. Овде се пишувале книги, не само за потребите на овој манастир туку и за селските цркви и други манастири од целата околија.
Односот кон книгите и големите грижи за нивно чување, со цел да им го продолжат векот на употреба, се гледа и преку традицијата за нивното подврзување во дрвени капаци, обложени со кожа. Од записите на заштитните листови, во повеќе така подврзани манастирски книги, се гледа дека во Св. Пречиста имало монаси кои добро го усвоиле и го практикувале овој занает.
Не помалку грижи се полагале за организирано просветување и воспитување на подмладокот и народот воопшто. Како што спомнавме, с¢ до почетокот на ЏЏ век, во манастирот Св. Пречиста работело келијно училиште. Во своето Огледало, Кирил Пејчиновиќ кој, по замонашувањето во Света Гора, извесно време бил собрат на овој манастир, покрај другите “духовни поуки'', зборува и за светската просвета и за нејзиното значење.
Покрај описменувањето на населението, основната интенција на манастирските училишта била просветување на непросветените за да се откажат од грешните навики, заблуди и суеверија. Такви поуки за “душевна полза'' содржат и првите објавени книги на говорен македонски јазик од Јоаким Крчовски и Кирил Пејчиновиќ кои, на извесен начин, се поврзани со овој манастир.
Проповедничката дејност на манастирот Св. Пречиста била во дамаскинарски дух. Прогресивните просветителски идеи на Дамаскин Студит за проповед на разбирлив говорен јазик рано проникнале во овој манастир. Доказ за тоа е фактот што овде е најден еден примерок од најстарите преписи од преводот на Дамаскиновиот зборник Тхесаурос (Сокровиште) со 36 опширни слова, што го направил епископ Григориј Пелагониски, во втората половина на ЏВИ век. Во науката тој е познат како Македонски превод на дамаскинот. Ракописот содржи превод на првите дваесет проповеди од Дамаскиновиот зборник, познат како Крнински Дамаскин (порано се чуваше во Институтот за македонски јазик “Крсте Петков Мисирков'', сега - во Народната и Универзитетска библиотека “Св. Климент Охридски'', сп. П. Хр. Илиевски, Крнински дамаскин, Скопје 1972). Останатите 16 слова од преводот се наоѓаат во Киевската Народна Библиотека, пренесени таму во шеесеттите години на ЏИЏ век од архимандрит Антонин, (сп. “Некои лексички особености во Македонскиот превод на Дамаскинот'', Македонски јазик ЏВ, 1-2, 1964, 91-99). И покрај општиот упадок на писменоста во турскиот период, идеите за проповед на народен јазик од овој зборник придонеле да се појават повеќе обиди од познати и анонимни црковно-просветни дејци за воведување и кај нас на говорниот јазик во богослужбата, особено во проповедите.
Преводот на овој зборник од епископ Григориј Пелагониски е на црковнословенски, со многу елементи од народниот говор на западномакедонското наречје. Така, народниот јазик од Македонија, без да го прекине единството со јазикот на Солунските браќа, повторно проникнува во книжевноста, но сега веќе квалитетно изменет во својата граматичка структура. Преведувачот бил под силно влијание од оригиналниот грчки текст. Како што Дамаскин Студит ги дава цитатите од Библијата, на грчки јазик од хеленистичка епоха, а објаснувањата на новогрчки, и преведувачот дава цитати на старословенски, а таму каде што ги толкува тие цитати се служи со друг јазик чиј падежен систем е разрушен, нема осет за партиципи, засилена е употребата на предлози со општата падежна форма итн.
Овој превод дал поттик подоцна, во ЏВИИИ век, да се јават преработки на Дамаскинови слова, како и оригинални состави, на уште почист народен јазик. Таква активност е забележана и во манастирот Св. Пречиста. Од овој манастир потекнува еден зборник со мешана содржина, од ЏИЏ век, сега во Универзитетската библиотека “Светозар Марковиќ'' во Белград (откупен во 1952 год., заедно со уште два други ракописа од истиот манастир, псалтир и евангелие од ЏВ век). Покрај некои црковни служби и поменици, тој содржи девет Дамаскинови слова во слободна парафраза и неколку евангелски четива на чист мијачки дијалект.
Со ширењето на идеите од дамаскинарската литература, манастирот Св. Пречиста одиграл голема историска улога во општествениот живот на целиот наш народ, зашто негови воспитаници работеле не само во Западна, туку и во Источна Македонија. Нивните творби, напишани во дамаскинарски дух, со народен јазик, и упатени на широките народни маси, придонеле многу за постепеното формирање на националната самосвест кај македонскиот народ. Од друга страна, поддржувајќи ја православната вера кај населението, овој духовен центар придонесувал да се зачува и националниот идентитет на нашиот народ. Освен тоа, манастирот Пречиста отсекогаш бил и е народно прибежиште. Во најтешките моменти од животот народот овде наоѓал заштита, како во и по Илинденското Востание, така и за време на Првата и Втората Светска војна. Мнозина болни и отфрлени од општеството овде наоѓале прехрана и утеха.
Но од посебна важност е просветната дејност на манастирот која овде не престанала ни по укинувањето на Охридската архиепископија. Оваа самостојна црковна организација во голема мера ја продолжила активноста на Охридскиот книжевен центар. Со преработките на Дамаскиновите поучни слова на с¢ почист македонски дијалектен јазик, бил трасиран патот и за создавање литературна норма на македонскиот јазик која нашла полн израз кај Крсте Петков Мисирков. Тој бил наполно свесен за постепениот развој на македонскиот писмен јазик. За одржување на националната свест голема улога одиграла уште една активност на манастирите, а тоа се манастирските слави.
Манастирската слава на Св. Пречиста, 21 септември, Мала Богородица, како и на сите други наши манастири (на нивниот патронен празник), е настан од големо значење. За овој празник во Кичевско и соседните околии се правеле и прават подготовки речиси цела година. Тие служеле и како посебен предизвик за натпревар меѓу поклониците. Девојките и невестите гледале да покажат на себе нови и поинтересни везови, плетива, ткаенини и др. а момците пак се натпреварувале во спортски вештини. Надарените за музика пееле нови песни, гајдаџиите свиреле нови ора и по богослужбите на тие денови имало народни веселби. Масовните средби на народот од сите возрасти давале можност да се запознаат луѓе и од подалечни краишта, така што тогаш многу често се случувале и свршувачки на младите.
Од записите во книгите, се гледа дека манастирот бил често напаѓан од разбојнички групи, ограбуван, а потоа опожаруван, понекогаш и со жртви на монаси. Книгите тогаш најчесто страдале. Но и оние што биле спасени, по обновата на манастирот во средината на ЏИЏ век биле нарочно уништувани од патријаршиските владици со цел да збришат секаква постара словенска трага (сп. Крнински Посланија, 11-12). Но народот пак набргу ги обновувал манастирите и изникнувале уште поубави цркви и манастирски конаци. Некои села граделе свои соби со убаво украсени тавани и декорирани прозорци во манастирскиот комплекс на Пречиста, па кога доаѓале за манастирската слава во манастирот си имале свое преноќиште. И до денес има случаи манастири да бидат опожарувани, но народот не чека долго и веднаш ги обновува како што е случајот со Бигорскиот манастир. Така е обновен и манастирскиот комплекс со трпезаријата на Св. Пречиста по пожарот во почетокот на педесеттите години од минатиот век.
Мене лично ми останал незаборавен еден од првите спомени од моето рано детство како се гради или обновува манастир. Тоа беше во деведесеттите години на минатиот век кога како мала присуствував кога се градеше Манастирот Св. Спас над Основното училиште во село Богомила. Ми беше драго да гледам како се натпреваруваат луѓе да помагаат околу градбата. Подоцна околу црквата никна и комплекс на манастирски згради. Објектот сега често е посетуван од поклоници кои доаѓаат од разни места како и од планинари кои тука наоѓаат преноќиште. Посебно се почувствував горда кога разбрав дека овој манастир е изграден на иницијатива од тројца професори (баба ми Лили, дедо ми Петре и тетка Фења (Феодосија Кескинова од Прилеп).
На крајот ќе повториме дека уделот на манастирот Св. Пречиста Кичевска претставува една важна алка и фаза во чувањето на словенската просвета и за обновувањето на писмениот јазик, следствено и во процесот на оформување на македонска национална свест, пред с¢ во Кичевско и во Западна Македонија.
Нивниот ктиторски натпис не е истакнат на видно место и не е напишан со текст кој може секој да го прочита. Тој е просто скриен на левата внатрешна страна од западната влезна врата во црквата. Тој тешко се чита во сцриптио цонтинуа (збо¬ровите се поврзани) со калиграфски црковнословенски букви. Но оние што се професионално подготвени да читаат и такви натписи можат да го прочитаат и да соопштат податоци за историјата на овој манастир.
Користена Литература:
Кичево и Кичевско, издавач општина Кичево, НИП Ѓурѓа, Скопје 1998, 62-73
Крнински Посланија И , Охрид- Кичево 1996, 7-27
Св. Пречиста Кичевска, издавач Дебарско-Кичевска епархија Скопје 1990, 15-39
Иван Снегаров, Манастири, Охридска архиепископија ИИ, 422-500, БАН, Софија, 1995
Д. Ќорнаков, Македонски Манастири, издавач Матица македонска, Скопје 1995