Св. Климент Александриски
СВЕТОСТА НА БРАКОТ
Ако некои, како што велат, веќе ја достигнале состојбата на воскресението, та на основа на тоа го отфрлаат бракот, тогаш нека не јадат и не пијат! Оти, Апостолот вели дека во воскресението ќе престанат потребите на стомакот за храна. Зошто тогаш тие сѐ уште чувствуваат глад и жед и патат од телесни слабости и потреби?
...Има некои кои и без двоумење велат дека бракот е блуд и дека е измислен од ѓаволот. Тие гордо говорат дека единствено тие го подражаваат Господа, Кој ниту се женел, ниту било што поседувал во овој свет. Тие се фалат дека го разбираат Евангелието подобро од сите други. Светото писмо за нив вели: „Бог се противи на гордите, а на кротките им дава благодат“. Освен тоа тие не знаат зошто Господ не се женел. Како прво, Он имал Своја Невеста – Црквата; а како второ, Он не бил обичен човек та да Му е потребна жена по тело. Ниту, пак, му било потребно да раѓа деца, оти е Вечен како Единороден Син Божји.
Без оглед на тоа дали некој останува во безбрачност или се врзува во брак поради раѓање на деца, неговата цел е да остане непопустлив кон сѐ што е ниско. Ако може да живее со живот на длабока побожност ќе добие од Бога голема награда, оти воздржувањето е чисто и разумно. Но, доколку претера во подвизувањето кое сам си го избрал, за да добие поголема слава, тогаш е во опасност да ја загуби надежта...
И безбрачноста и бракот имаат свои различни облици на служба и служење на Господа. На ум ја имам грижата за жената и децата. Оти се чини дека посебната намена на брачната состојба е во тоа да му даде на човека, кој посакува совршен брак, можност да преземе одговорност за сѐ во домот кој го дели со својата сопруга.
...Вистинската мажевност не се покажува во изборот на безбрачност. Сосема спротивно, награда во натпреварот добива оној кој се извежбал во должностите на сопруг и татко и во надгледување на семејство, без оглед на уживањето и болката – оној, велам, кој и покрај грижата за своето семејство останува неодвоен од Божјата љубов и може да се издигне над секое искушение кое му доаѓа и преку децата, и преку жената....
Од друга страна оној кој нема семејство, во најголем број на случаи не поминал низ сито и решето. Во секој случај, затоа што треба да мисли само за себе нему му е полесно отколку на оженетиот, кој макар што не стигнува толку лесно до своето сопствено спасение, сепак, барем има предност во начинот на живот затоа што донекаде во себе ја отсликува Божјата промисла (во грижата за другите).
Превод од српски јазик:
Илија Орачки