Архимандрид Захариј Захару
РАСПНАТ ЕРОС
Прашање: Ако земниот живот без Христовата љубов е лишен од секакво добро, колку повеќе оваа вистина важи за небесниот живот? Живеењето без оваа љубов ќе биде "крцкање на забите" (Матеј 8, 12), "црв што не умира" (Марко 9, 44).
Архимандрид Захариј: Човек не може да живее без Бог, освен ако не е вљубен во Него. Врвејќи кон своето мачеништво, светиот Игнатиј Богоносец исполнет со љубовта кон Бог, вели: "Мојата љубов е распната на крст". Тоа значи дека неговата љубов била духовна, чиста и света, но единствениот начин да се искаже со некоја сличност е преку човечкиот ерос. Кога луѓето се вљубени го имаат тој неодолив ерос; тие не мислат на ништо друго и сакаат да зборуваат со својата сакана и да бидат постојано заедно. Исто е и со Бог. Ние не можеме да сме спасени ако не го возљубиме Христа. Не можеме да смислиме или да најдеме задоволство во било што друго. Постојано воздивнуваме чувствувајќи како нашето срце да е врзано за јаже кое постојано не издигнува нагоре или како што вели апостолот Павле обземени од чувството на "неискажливо воздивнување" (Рим. 8, 26).
Во таквата состојба, мора да се внимава да не се покаже никаков надворешен знак на побожност, бидејќи тоа ќе ја намали благодатта. Ако сакаме да бидеме со Христос, мораме да го постигнеме овој вид на ерос, мораме да почувствуваме дека нашето срце е во постојан крик на чиста, прозрачно-слатка болка, правејќи да биде невозможно да бидеме "одвоени од љубовта кон Христос" (Рим. 8, 35). Тогаш љубовта кон Христос е посилна од смртта.
Од моментот кога покајанието ќе заживее во нашите срца, благодатта заживува во нашите тела, откривајќи му на нашето срце дека "и да умре ќе живее" Јован 11, 25).
Покајанието е толку вредно, затоа што е почеток на спасението, почеток на благодатта која престојува во телото на човекот. Ако почетокот на спасението е покајанието, тогаш крајот е "исполнувањето на законот" (Рим. 10, 4), односно распнатиот ерос за кој зборуваше светиот Игнатиј. Распаниот ерос е силата која ја разгорува заедницата на човечкото срце и Светиот Дух.
Како тогаш можеме да ја стекнеме оваа љубов?
Кога Господ му се јави на апостол Петар после Неговото Воскресение, Тој не го праша ништо друго освен: "Симон, сине Јонин, ме љубиш ли Мене?" И тој одговори: "Да, Господи; Ти знаеш дека те сакам" Оован 21, 15). Светиот Силуан вели дека и ние кога ќе се сретнеме со Христос, Тој нема да не праша ништо друго освен: "Дали ме сакаш?" Нашето срце тогаш ќе го даде тој одговор и ќе бидеме заедно со Него во вечноста или пак ќе бидеме осудени во однос на нашата неспособност да го љубиме Бог со тој Божествен ерос.
Прашање: Зошто беше неопходно св. Силуан да ја доживее пеколната гибел на еден час?
Архимандрид Захариј: За да се научи на понизност. Бог допушта искушенија за да стекнеме смирение и поголема благодат. Добивката ќе биде наша. Не е важно од каде доаѓа искушението, но важно е да го надминеме. "Покорете му се на Бога; а противете се на ѓаволот, и тој ќе побегне од вас. Приближете се кон Бога, и Он ќе се приближи кон вас" Јаков 4, 7-8). Смирувајќи се ние му се спротивставуваме на ѓаволот, а во исто време се приближуваме кон Бога. Не постои друг начин да се соединиме со Христос освен преку љубовта. Само преку неа ќе ја стекнеме победата.
Сум сретнал луѓе кои се каат, но живеат во грев и не ја воочуваат нивната грешка. Но, сепак доаѓа момент кога преку благодатта тие во своите срца го воочуваат контрастот помеѓу нивниот стар начин на живот и даровите на благодатта, па никогаш повеќе не се враќаат на своите стари навики. Ако после оваа искуство тие одново се вратат на гревот, целото нивно битие се разнишува. Ова промена може да биде толку болна од која може дури и да умрат. Ова е она што го среќаваме во "Лествица" кога светителот пишува за затворот.
Очигледно е дека само кога луѓето се допрени од љубовта Христова можат да го надминат гревот и да се соединат со Него на дефинитивен и траен начин.
Светиот Силуан го доживеал тој контраст помеѓу пеколот и љубовта Божја и сите кои го доживуваат целиот опсег на овој контраст стануваат многу решителни и не отстапуваат пред страстите.
Извор:
ПРЕМИН бр 147/148
„Има четири видови на љубов: ерос (заљубеност), storge (семејна љубов), philia (братска или пријателска љубов) и agape (безусловна љубов или љубовта на Бога кон човекот и обратно). Еросот како тип на љубов се среќава во Соломоновата Песна над Песната каде се воспева љубовта на Заљубениот и Заљубената. Светите отци ја толкуваат оваа љубов алегориски како љубовта на Христа кон Црквата и Љубовта на Црквата кон Христос. Секој што влегува во Црквата и е обземен од Божјата благодат воедно и неговиот ерос е обземен и насочен кон таа безусловна Љубов кон Бога.
И од таа причина лесни ни се молитвите, постите, бденијата. На тоа потенцира отецот во текстот дека нашиот ерос, нашата Љубов кон Бога мора да остане до крај распната за да ги достигнеме висините на светоста.“