логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка

 05.11.2014


ПРОБЛЕМИ НА БИОЕТИКАТА


Според материјалите „Основи на Социјалната Концепција на Руската Православна Црква“

    Бурниот развиток на биомедицинските технологии, кои активно влегуваат во животот на современиот човек од раѓањето до смртта, а и немањето можност да се добие одговор на моралните проблеми што притоа се појавуваат во рамките на медицинската етика, предизвикуваат сериозна загриженост во општеството. Обидите на луѓето да се постават на местото на Бог, своеволно менувајќи го и „подобрувајќи“ го Неговото создание, можат на човештвото да му донесат нови маки и страдања. Развитокот на биомедицинските технологии значително го претекнува осмислувањето на можните духовно-морални и социјални последици од нивната неконтрлирана примена, што не може да не предизвика длабока пастирска загриженост во Црквата. Формирајќи го својот однос кон проблемите на биоетиката, за кои многу се дискутира во современиот свет, пред сè, за оние што се поврзани со непосредното влијание врз човекот, Црквата поаѓа од сфаќањето за животот како бесценет дар Божји, што е втемелено на Божественото Откровение на неодземливата слобода и богоподобното достоинство на човечката личност, која е повикана кон наградата на горното призвание од Бог во Исуса Христа (Филип. 3, 14), кон достигнувањето на совршенството на Небесниот Отец (види: Мат. 5, 48) и кон обожението, односно учеството во Божјата природа (види: 2 Петар 1, 4).
Од дамнешни времиња Црквата го смета намерното прекинување на бременоста (абортусот) за тежок грев. Канонските правила абортусот го изедначуваат со убиство. Во основата на таквата оценка лежи убеденоста во тоа дека зачнувањето на човечкото суштество е дар Божји, па затоа од моментот на зачнувањето секое посегање по животот на идната човечка личност е злосторничко.
Псалмопевецот го опишува развитокот на плодот во мајчината утроба како творечки чин на Бог: Ти си ја создал мојата внатрешност и ме прифати од мајчината ми утроба... Ниедна моја коска не се сокри од Тебе, што Си ја создал тајно, и природата моја во длабините на земјата. Твоите очи го видоа зародишот мој (Псал. 138, 13, 15-16). За тоа сведочи Јов во зборовите со кои Му се обраќа на Бог: Твоите раце ме створија и ме создадоа... Нели Ти ме излеа како млеко, и ме згусти како сирење, со кожа и плот ме облече, со коски и жили ме стегна, живот и милост ми дарува, и Твојата грижа го чуваше духот мој... Ти ме изведе од утробата (Јов 10, 8-12, 18). Јас те створив во утробата... и пред да излезеш од утробата те осветив (Јер. 1, 5-6), – му рече Господ на пророкот Јеремија. „Не убивај дете, правејќи пометнување“ – оваа заповед се наоѓа меѓу најважните Божји заповеди во „Учењето на дванаесетте Апостоли“, еден од најстарите споменици на христијанската писменост. „Жена која има направено пометнување е убиец и ќе одговара пред Бог. Зашто... зачетокот во утробата е живо суштество за кое се грижи Господ“ – пишуваше апологетот од II век Атинагора. „Оној кој ќе биде човек, веќе е човек“ – тврдеше Тертулијан меѓу II и III век. „Онаа која намерно ќе убие плод зачнат во утробата се подложува на осуда како убиец... Оние кои даваат лекови за пометнување на зачнатото во утробата се убијци, исто како и оние што ги земаат отровите за погубување на плодот“ – се кажува во второто и осмото правило на свети Василиј Велики, кои се вклучени во Книгата на правила на Православната Црква и потврдени со 91 правило од VI Вселенски Собор. Притоа, свети Василиј нагласува дека тежината на вината не зависи од периодот на бременоста: „Ние не правиме разлика меѓу плодот кој се формира и оној кој уште не е оформен“. Свети Јован Златоуст оние што прават абортус ги нарекува „полоши од убијците“.
Широката распространетост и оправдување на абортусите во современото општество Црквата ги гледа како закана за иднината на човештвото и очигледен знак на морална деградација. Верноста кон библиското и светоотечкото учење за светоста и непроценливоста на човечкиот живот од самите негови почетоци не е во согласност со признавањето на „слободата на избор“ на жената во одлучувањето за судбината на плодот. Покрај тоа, абортусот е сериозна закана за физичкото и душевното здравје на мајката. Црквата исто така е должна да застане во заштита на најзагрозените и најзависните човечки суштества како што се неродените деца. Православната Црква во никакви околности не може да даде благослов за абортус. Не отфрлајќи ги жените кои имаат направено абортус, Црквата ги повикува на покајание и на надминување на штетните последици на гревот преку молитва и епитимија, а потоа и со учество во спасителните Тајни. Во случаи кога постои директна закана за животот на мајката при продолжувањето на бременоста, особено ако таа има други деца, во пастирската практика се препорачува снисходливост. Жената која ја има прекинато бременоста во такви околности, не се одлачува од евхаристиската заедница со Црквата, но тоа е условено со исполнување на нејзино лично покајно молитвено правило, што го одредува свештеникот кај кого таа се исповеда. Борбата против абортусот, на кој што жените понекогаш се одлучуваат поради крајно лошата материјална ситуација и беспомошност, од Црквата и општеството бара ефикасни мерки за заштита на мајчинството, а и создавање услови за посвојување на деца кои мајката од некои причини не може самостојно да ги воспитува.
Одговорност за гревот на убиството на нероденото дете, покрај мајката, има и таткото, во случај на негова согласност со абортусот. Доколку жената го има направено абортусот без согласноста на мажот, тоа може да биде основа за развод на бракот (види: X.3). Гревот паѓа и на душата на лекарот кој го има направено абортусот. Црквата ја повикува државата да им даде право на медицинските работници да се откажат од извршувањето абортус од причините на совеста. Не смее за нормална да се прифати ситуација во која правната одговорност на лекарот за смрт на мајката е несразмерно поголема од одговорноста за уништување на плодот, што ги поттикнува лекарите, а преку нив и пациентите, на абортус. Лекарот е должен да покаже максимална одговорност за поставувањето дијагноза, што може да ја поттикне жената на прекинување на бременоста; притоа, лекар што е верник треба грижливо да ги восогласува медицинските дијагнози и заповедите на христијанската совест.
Религиозно-моралната оценка е потребна и за проблемот на контрацепција. Некои од контрацептивните средства фактички имаат абортивно дејство, вештачки прекинувајќи го животот на ембрионот во најраните фази, и затоа нивната употреба се третира исто како и абортусот. А другите средства, кои не се поврзани со пресекувањето на веќе постоечкиот живот, не смеат никако да се изедначуваат со абортусот. Определувајќи го односот кон неабортивните средства на контрацепција, христијанските сопружници треба да знаат дека продолжувањето на човечкиот род е една од основните цели на богоустановената брачна заедница (види: Х. 4). Свесното откажување од раѓањето деца од егоистични побуди го обезвреднува бракот и, секако, е грев.
Покрај тоа сопружниците имаат одговорност пред Бог за полновредно воспитување на децата. Еден од начините на реализација на одговорeн однос кон раѓањето е воздржувањето од полови односи на одредено време. Впрочем, треба да се сеќаваме на зборовите на Aпостолот Павле кон христијанските сопружници: Не одделувајте се еден од друг, освен по договор, за некое време, за да постите и да Му се молите на Бога; и пак состанете се за да не ве искуша сатаната, поради вашето невоздржување (1 Кор. 7, 5). Очигледно, одлуките по ова прашање сопружниците треба да ги донесуваат според заедничка согласност, прибегнувајќи кон советот на духовникот. А тој треба со пастирска обѕирност да ги зема предвид конкретните животни услови на сопружничкиот пар, нивната возраст, здравје, степен на духовната зрелост и многу други околности, разликувајќи ги оние кои можат да ги прифатат високите побарувања на воздржанието, од оние на кои тоа не им е дадено (Мат. 19, 11), и грижејќи се пред сè за зачувување и зацврстување на семејството.
Светиот Синод на Руската Православна Црква во одредбата од 28 декември 1998 година им укажа на свештениците, кои се и духовници, дека „ е недозволиво принудување или наговарање на парохијаните, противно на нивната волја, да... се откажуваат од сопружничкиот живот во бракот“, а исто така им напомна на пастирите за неопходноста на „чување на посебна целомудреност и посебна пастирска внимателност во дискусиите со парохијаните на прашањата поврзани со овие или оние аспекти на нивниот семеен живот“.
Примената на нови биомедицински методи во многу случаи помага да се надмине неплодностa. Но, истовремено, распространетото технолошко мешање во процесот на зачнувањето на човечки живот е закана за духовната полнота и физичкото здравје на личноста. Загрозени се и односите меѓу луѓето кои од дамнина лежат во основата на општеството. Со развитокот на споменатите технологии исто така е поврзано распространувањето на идеологијата на таканаречените репродуктивни права, која денес се пропагира на национално и меѓународно ниво. Дадениот систем на гледишта подразбира приоритет на половата и социјалната реализација на личноста пред грижата за иднината на детето, за духовното и физичкото здравје на општеството, за неговата морална стабилност. Во светот постепено се изградува однос кон човечкиот живот како кон производ кој може да се избира согласно сопствените склоности и со кој може да се располага како со материјални вредности.
Во молитвите на чинот на венчание Православната Црква изразува вера во тоа дека раѓањето деца е посакуваниот плод на законското сопружништво, но не и неговата единствена цел. Покрај тоа „плодот на утробата да биде на полза“, за сопружниците се измолуваат дарови на неминлива заемна љубов, целомудрие, „едномислие на душите и телата“. Затоа начините на раѓање деца што не се согласни со замислата на Творецот на животот, Црквата не може да ги смета за морално оправдани. Доколку мажот или жената не се способни да зачнат дете, а терапевтските и хируршките методи на лекувањето на неплодноста не им помагаат на сопружниците, тие треба со смирение да ја прифатат нивната неплодност како посебен животен повик. Пастирските препораки во слични случаи треба да ja земат предвид можностa за посвојување дете, според заемната согласност на сопружниците. Дозволиво средство на медицинска помош може да биде вештачкото оплодување со половите клетки на мажот, бидејќи тоа не ја нарушува полнотата на брачната заедница, во принцип не се разликува од природното зачнување и се случува во контекстот на сопружничките односи.
А манипулациите што се поврзани со донаторство на полови клетки ја нарушуваат полнотата на личноста и специфичностa на брачните односи, дозволувајќи влегување на трета страна во нив. Освен тоа, таквата практика го охрабрува неодговорното татковство или мајчинство, однапред ослободено од сите обврски во однос на она што се појавува како „тело од телото“ на анонимните донатори. Искористувањето донаторски материјал ги поткопува основите на семејните меѓусебни врски, бидејќи се подразбира дека детето, освен „социјални“,  ќе има и биолошки  родители. „Заменското мајчинство“, односно носењето на оплодената јајце клетка од страна на жена која после породувањето го враќа детето на „нарачателите“, е противприродно и морално недозволиво дури и во тие случаи кога се остварува на некомерцијална основа. Овој метод претпоставува разрушување на длабоката емоционална и духовна блискост, која се создава меѓу мајката и детето уште за време на бременоста. „Заменското мајчинство“ ја траумира и жената која носи, чии мајчински чувства се повредуваат, и детето, кое подоцна може да има криза на самосвесноста. Морално недозволиви од православна гледна точка се и сите разновидности на екстракорпоралното (вонтелесното) оплодување, кое вклучува подготовка, конзервација и намерно уништување на „вишокот“ ембриони. Токму на признавањето на човечкото достоинство дури и во ембрионот е основана моралната оценка на абортусот, кој е осуден од Црквата (види: XII. 2).
Оплодувањето на жени-самици со користење на донаторски полови клетки или реализација на „репродуктивните права“ на мажите-самци, а и на лицата со таканаречената нестандардна сексуална ориентација, го лишуваат идното дете од правото да имаат мајка и татко. Користењето на репродуктивните методи надвор од контекстот на од Бог благословеното семејство е форма на богоборство, кое се остварува под маската на заштита на автономноста на човекот и погрешно разбраната слобода на личноста.
Голем дел од општата бројка на човечките болести ја чинат наследните болести. Развитокот на медицинско-генетските методи на дијагностика и лекување може да помогне да се спречуваат таквите болести и да се олеснат страдањата на многу луѓе. Меѓутоа, важно е да знаеме дека генетските нарушувања често се последица на заборавање на моралните начела, резултат на порочниот начин на живот, а поради тоа страдаат потомците. Гревовната повреденост на човечката природа се победува со духовен напор; а ако од генерација во генерација порокот владее во животот на потомството со засилување, се остваруваат зборовите на Светото Писмо: Страшен е крајот на грешниот род (Мудр. Сол. 3, 19). И обратно: Блажен е оној човек, кој се бои од Господа и кому се мили Неговите заповеди. Неговото потомство ќе биде силно на земјата; родот на праведните ќе биде благословен (Псал. 111, 1-2). Така, истражувањата во областа на генетиката само ги потврдуваат духовните законитости, кои многу векови наназад му се откриени на човештвото во словото Божјо.
Свртувајќи го вниманието на луѓето кон духовните причини на болестите, Црквата, покрај тоа, ги поздравува напорите на лекарите што се насочени на лекување на наследните болести. Меѓутоа, целта на генетското интервенирање не треба да биде вештачко „восовршување“ на човечкиот род и насилно влегување во Божјиот план за човекот. Затоа, генска терапија може да се спроведува само со согласност на пациентот или неговите законски претставници и само според медицински индикации. Генската терапија на половите клетки е крајно опасна, затоа што е поврзана со менување на генот (севкупност на наследните особини) во низa генерации, што може да предизвика непредвидливи последици во вид на нови мутации и дестабилизација на рамнотежата меѓу човечкото општество и околината.
Успесите во дешифрирањето на генетскиот код создаваат реални предуслови за широко генетско тестирање со цел да се добијат информации за природната уникатност на секој човек, а и на неговата предиспозиција за одредени болести. Создавање на „генетскиот пасош“ при разумно користење на добиените податоци може да помогне навремено да се корегира развитокот на можните за конкретниот човек болести. Меѓутоа, постои реална опасност од злоупотреба на генетските податоци, при што тие можат да послужат за разни форми на дискриминација. Освен тоа, поседувањето информација за некаква генетската предиспозиција за тешки заболувања може да биде прекумерен душевен товар. Затоа генетската идентификација и генетското тестирање можат да се остваруваат само на основа на почитување на слободата на личноста.
Двојствен карактер имаат и методите на пренаталната (претпородилна) дијагностика, кои овозможуваат да се открие наследна болест во раните фази на утробниот развој. Некои од овие методи можат да бидат закана за животот и целосноста на ембрионот или плодот кои се тестираат. Откривањето на неизлечива или тешко излечива генетска болест често станува поттик за прекинување на зачнатиот живот; познати се случаи кога врз родителите бил извршуван таков притисок. Пренаталната дијагностика може да се смета за морално оправдана ако е насочена кон лекување на откриените болести, што е возможно во рани фази на болеста, а и на подготовка на родителите за посебна грижа за болното дете. Секој човек има право на живот, љубов и грижа, независно дали има вакви или такви болести. Согласно Светото Писмо, Самиот Бог е заштитник на немоќните (Јудита 9, 11). Апостол Павле учи да им се помага на немоќните (Дела 20, 35; 1 Ефес. 5, 14); споредувајќи ја Црквата со човечкото тело, тој укажува дека оние органи... кои изгледаат послаби, се попотребни, а оние помалку совршените имаат потреба од повеќе чест (1 Кор. 12, 22; 24). Сосема е недозволиво да се применуваат методите на пренаталната дијагностика со цел родителите да изберат каков пол сакаат за идното дете.
Спроведеното од научниците клонирање (добивање генетски копии) на животните поставува прашање за дозволивоста и можните последици на клонирањето човек. Реализацијата на оваа идеја, која наидува на протест од страна на многу луѓе во целиот свет, може да биде уништувачка за општеството. Клонирањето уште повеќе од другите репродуктивни технологии открива можност за манипулација со генетски составената личност и помага во нејзиното понатамошно обезвреднување. Човекот нема право да претендира на улогата на творец на суштества слични на него или да избира генетски прототипови за нив, одредувајќи ги нивните личносни карактеристики онака како што нему му одговара. Замислата за клонирање е несомнен предизвик за самата природа на човекот, за образот Божји во него, чиј неодземлив дел се слободата и единственоста на личноста. „Тиражирање“ на луѓето со зададени параметри може да биде пожелно само за приврзаниците на тоталитарните идеологии.
Клонирањето на човекот може да ги изопачи природните основи на раѓањето деца, крвното сродство, мајчинството и татковството. Детето може да биде сестра на неговата мајка, брат на таткото или ќерка на дедото. Крајно опасни се и психолошките последици на клонирањето. Човекот кој доаѓа на свет како резултат на таквата процедура, може да се чувствува не како самостојна личност, туку само како „копија“ на некој од живите или веќе умрените луѓе. Неопходно е исто така да се има предвид дека „споредните резултати“ на експериментите со клонирањето на човекот неизбежно би станале многубројните неостварени животи и, најверојатно, раѓањето на голем број потомството неспособно за живот. Покрај тоа, клонирањето на изолираните клетки и ткива на организмот не се смета за посегање по достоинството на личноста и во низа случаи може да се покаже полезно во биолошката и медицинската практика.
Современата трансплантологија (теорија и практика на пресадување органи и ткива) овозможува да се укаже вистинска помош на многу болни, кои порано ќе беа осудени на неизбежна смрт или тешка инвалидност. Покрај тоа, развитокот на медицината во оваа област, зголемувајќи ја потребата по неопходните органи, раѓа одредени морални проблеми и може да претставува опасност за општеството. Значи, несовесната пропаганда за донаторство и комерцијализација на трансплантациска дејност создаваат услови за трговија со делови на човечкото тело, загрозувајќи го животот и здравјето на луѓето. Црквата смета дека органите на човекот не можат да се гледаат како објект за купување или продавање. Пресадување на органи од жив донатор може да биде основано само на доброволното самопожртвување заради спасување на животот на другиот човек. Во тој случај согласноста на експлантација (вадење на орган) е пројава на љубов и сострадание. Меѓутоа, потенцијалниот донатор треба да биде потполно информиран за можните последици од експлантацијата на органот по неговото здравје. Морално недозволива е експлантацијата која директно го загрозува животот на донаторот. Најраспространета е практиката на вадење органи од луѓе кои само што починале. Во таквите случаи треба да биде исклучена несигурноста во одредувањето на моментот на смртта. Неприфатливо е скратување на животот на еден човек, вклучувајќи и откажување од процедури што го одржуваат животот, со цел да се продолжи животот на другиот.
Врз основа на Божественото Откровение Црквата ја исповеда верата во телесното воскресение од мртвите (види: Иса. 26, 19; Рим. 8, 11, 1 Кор. 15, 42-44, 52-54; Филип. 3, 21). Во обредот на христијанското погребение Црквата искажува почит, достојна на телото на починатиот човек. Меѓутоа, посмртното донаторство на органите и ткивата може да биде пројавување љубов која продолжува и од другата страна на смртта. Такво дарување или тестамент не може да се смета за обврска на човекот. Затоа доброволната согласност за време на животот на донаторот е услов за законитоста и моралната прифатливост на експлантацијата. Во случајот кога волјата на потенцијалниот донатор не им е позната на лекарите, тие се должни да ја разјаснат волјата на човекот кој умира или е умрен, обраќајќи се кон неговите роднини ако е потребно. Таканаречената пресумпција на согласност на потенцијалниот донатор за вадење на органите и ткивата од неговото тело, потврдена во законите на разни земји, Црквата ја смета за недозволиво нарушување на слободата на човекот.

  • Донаторските органи и ткива се прифаќаат од оној што ги прима (реципиентот), вклучувајќи се во сферата на неговото личносно душевно-телесно единство. Затоа во никакви услови не може да биде морално оправдана трансплантација која може како последица да го загрози идентитетот на реципиентот нарушувајќи ја неговата единственост како личност и како претставник на родот. За овој услов особено е важно да се знае при решавањето на прашањата поврзани со пресадувањето ткива и органи од животинско потекло.

Црквата смета дека е апсолутнo недозволиво користење на методите на таканаречената фетална терапија, во чија основа лежат вадење и користење ткива и органи на човечките ембриони, абортирани во различни фази на развитокот, во обиди на лекување на разни болести и за „подмладување на организмот“. Осудувајќи го абортусот како смртен грев, Црквата не може да го оправда ни во тој случај кога од уништувањето на зачнатиот човечки живот некој, можеби, би имал полза за здравјето. Неизбежно поттикнувајќи ги уште повеќе ширењето и комерцијализацијата на абортусите, таквата практика (дури и кога нејзината ефикасност, денес хипотетичка, би била научно докажана) е пример на фрапантна неморалност и има злосторнички карактер.
Практиката на вадење човечки органи кои се погодни за трансплантација, а и развитокот на реанимацијата го раѓаат проблемот на правилна констатација на моментот на смртта. Порано критериум за нејзиното одредување беше неповратното прекинување на дишењето и крвотокот. Меѓутоа, благодарение на восовршувањето на реанимациските технологии овие животно важни функции можат вештачки да се одржуваат во текот на долго време. Чинот на смртта на овој начин се претвора во процес на умирање, кој зависи од одлуката на лекарот, што на современтата медицина й наложува квалитетно нова одговорност.
Во Светото Писмо смртта се прикажува како разделување на душата од телото (види: Псал. 145, 4; Лука 12, 20). Така, може да се зборува за продолжување на животот сè додека се остварува дејноста на организмот како целина. Продолжување на животот со вештачки средства, при што фактички функционираат само некои органи, не може да се смета како задолжителна и во сите случаи пожелна задача на медицината. Одложувањето на смртниот час понекогаш само ги продолжува маките на болниот, лишувајќи го човекот од право на достоен, „непостиден и мирен“ крај, што православните христијани го молат од Господ за време на службите. Кога активната терапија ќе стане невозможна, нејзиното место треба да го заземе палијативната помош (намалување на болката, негата, социјалната и психолошка поддршка), а исто и пастирската грижа. Сето тоа има за цел да се обезбеди вистински човечки завршеток на животот, стоплен со милосрдие и љубов.

  • Православното поимање на непостидниот крај на животот вклучува подготовка за смртниот исход, кој се смета за духовно важна етапа во животот на човекот. Болниот, опкружен со христијанска грижа, во последните денови од земниот живот е способен да доживее благодатна промена, поврзана со ново осмислување на поминатиот пат и со покајно стоење пред вечноста. А за роднините и медицинските работници трпеливата нега на болниот станува можност за служење на Самиот Господ, според зборовите на Спасителот: ...доколку сте го направиле тоа на еден од овие Мои најмали браќа, Мене сте ми го направиле (Мат. 25, 40). Криење на информацијата од пациентот за неговата тешка состоја, заради божемно сочувување на неговиот душевен комфор, често го лишува оној кој умира од можноста свесно да се подготви за смртта и од духовната утеха која се добива преку учеството во Тајните на Црквата, а и ги обвива со недоверба неговите односи со ближните и со лекарите.

Претсмртните физички страдања не секогаш ефикасно се отстрануваат со средствата против болки. Знаејќи го ова, Црквата во таквите случаи се моли на Бог: „Ослободи го Твоето чедо од оваа неподнослива болест и од оковите на немоќта и успокој го таму каде што почиваат душите на праведните“ (Требник. Молитва за оној кој долго се мачи). Единствениот Господ е Владика на животот и на смртта (види: 1 Цар. 2, 6). Во Неговата рака е душата на сè што е живо и духот на секоја човечка плот (Јов 12, 10). Затоа Црквата, останувајќи верна на заповедта Божја не убиј (2 Мој. 20, 13), не може за морално прифатливо да ги признае популарните денес во светското општество обиди за легализацијата на таканаречената „евтаназија“, односно намерното умртвување на безнадежно болните (дури и по нивна желба). Молбата на болниот за забрзување на смртта понекогаш е условена од состојба на депресија која го лишува од можноста правилно да ја оцени својата положба. Признавање на законитоста на евтаназијата би довело до намалување на достоинството и до искривување на професионалниот долг на лекарот, кој е повикан да го зачува, а не да го прекине животот. „Правото на смрт“ лесно може да стане закана за животот на пациентите на кои им недостасуваат парични средства за лекување.
Така, евтаназија е форма на убиство или самоубиство, зависно од тоа дали пациентот зема учество во
неа или не. Во последниот случај кон евтаназијата се применуваат соодветни канонски правила, според кои намерното самоубиство, како и помагање во неговото извршување, се сметаат за тежок грев. Самоубиец кој намерно „го направил тоа поради човечка навреда или поради друго нешто од малодушност“, не е достоен за христијанско погребение и спомнување на литургија (Тимотеј Александриски, правило 14). Ако самоубиецот несвесно си го одзел животот „без ум“, односно во напад на душевна болест, молитвата на Црквата за него е дозволена откако работата ќе ја испита надлежниот архиереј. Освен тоа, треба да се знае дека вината на самоубиецот често ја споделуваат и луѓето што го опкружуваат, кои се покажале неспособни за вистинско сочувство и милосрдие. Заедно со Апостол Павле, Црквата повикува: Носете го бремето еден на друг и исполнувајте го така законот Христов (Гал. 6, 2).
Светото Писмо и учењето на Црквата јасно ги осудуваат хомосексуалните полови врски, гледајќи во нив порочна изопаченост на богосоздадената природа на човекот.
Ако некој легне со маж, како со жена, обајцата извршиле гнасно дело (3 Мој. 20, 13). Библијата зборува за тешка казна на која Бог ги предал жителите на Содом (види: 1 Мој. 19, 1-29), според толкувањето на светите Отци, токму поради гревот на мажеложништво. Апостол Павле, опишувајќи ја моралната состојба на незнабожечкиот свет, хомосексуалните односи ги спомнува како „најсрамни страсти“ и „разврат“, кои го осквернуваат човековото тело: Жените нивни ги заменија природните потреби со противприродни; и мажите исто така; оставајќи го природното зближување со женскиот пол. Се распалија со желби еден кон друг, и вршеа срамни работи мажи со мажи, добивајќи отплата каква што одговараше на нивната заблуда (Рим. 1, 26-27). Не лажете се... ни ракоблудците, ни мажеложниците... нема да го наследат Царството Божјо – им пишуваше Апостолот на жителите на развратениот Коринт (1 Кор. 6, 9-10). Светоотечкото предание исто толку јасно и категорично ги осудува сите пројави на хомосексуализмот. „Учењето на дванаесетте апостоли“, делата на свети Василиј Велики, Јован Златоуст, Григориј Ниски, блажени Августин, каноните на свети Јован Постник го искажуваат непроменливото учење на Црквата: хомосексуалните врски се гревовни и се подвргнуваат на осуда. Луѓето кои се вовлечени во нив немаат право да бидат во црковниот клир (Василиј Велики, правило 7, Григориј Ниски, правило 4, Јован Постник, правило 30). Обраќајќи се кон оние што паднале во содомски грев, преподобниот Максим Грк извикал: „Освестете се, грешници, на каква скверна наслада се предадовте!... Погрижете се побрзо да се откажете од вашата најскверна и најсмрдлива наслада, замразете ја, а оној кој тврди дека е тоа безгрешно, предадете го на вечна анатема, како противник на Евангелието на Христос Спасителот и како оној кој го изопачува Неговото учење. Очистете се со искрено покајание, со топли солзи и милостиња според силите и со чиста молитва... Од сета ваша душа замразете ја оваа нечестивост за да не бидете синови на проклетството и вечната погибел“.

  • Дискусиите за позицијата на таканаречените „сексуални малцинства“ во современото општество склони се хомосексуализмот да го прифатат не како полова изопаченост, туку само како една од „сексуалните ориентации“, кои имаат полно право на јавно пројавување и почитување. Исто така се тврди дека хомосексуалните склоности се условени со индивидуална природна предиспозиција. Православната Црква поаѓа од непроменливото убедување дека боговостановената брачна заедница меѓу мажот и жената не може да се изедначува со изопачените пројави на сексуалноста. Таа хомосексуализмот го смета за гревовна повреденост на човечката природа, која се надминува со духовен напор што води кон исцеление и личносно растење на човекот. Хомосексуалните стремежи, како и другите страсти што го измачуваат паднатиот човек, се исцелуваат со Светите Тајни, молитвата, постот, покајанието, читањето Свето Писмо и светоотечки дела, а и преку христијанското дружење со верници кои се подготвени да укажат духовна поддршка.

Однесувајќи се со пастирска одговорност кон луѓето кои имаат хомосексуални склоности, Црквата истовремено одлучно им се спротивставува на обидите оваа гревовна тенденција да се прикаже како „норма“, а уште повеќе како предмет за гордеење и пример за подражавање. Токму затоа Црквата ја осудува секоја пропаганда на хомосексуализмот. Не скратувајќи ги никому основните права на живот, почитувајќи го личното достоинство и учество во општествените работи, Црквата смета дека на лицата кои го пропагираат хомосексуалниот начин на живот, не треба да им се дозволува образовна, воспитувачка и друга работа со децата и младите, а и тоа да се наоѓаат на началничка позиција во војската и во поправните установи.
Понекогаш изопаченоста на човечката сексуалност се пројавува во форма на нездраво чувство на припадност кон спротивниот пол, чиј резултат е обидот да се промени полот (транссексуализам). Желбата на некој да се откаже од припадноста на полот, кој на човекот му е даден од Создателот, може да има само штетни последици за понатамошниот развој на личноста. „Промена на полот“ со посредство на хормонално влијание и со хируршка операција во многу случаи доведува не до разрешување на психолошките проблеми, туку до нивно зголемување, раѓајќи длабока внатрешна криза. Црквата не може да одобри таков начин на „бунт против Творецот“ и да ја признае за вистинска вештачки променетата полова припадност. Ако „замената на полот“ му се случи на човекот пред Крштението, тогаш може да му се дозволи оваа света Тајна, како и на секој грешник, но Црквата ќе го крсти како припадник на полот со кој е роден. Ракополагањето на таков човек во свештенички чин и неговото стапување во црковен брак се недозволиви.
Од транссексуализмот треба да се разликува неправилната идентификација на половата припадност во раното детство како резултат на лекарска грешка што е поврзана со патологијата на развитокот на половите обележја. Хируршката корекција во таков случај нема карактер на промена на полот.

д-р Дмитриј Авдеев, „Пастирска грижа за душатa



dobrotoljubie

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Октомври 20, 2024
TviTER281

Монашки и свештенички семинар во митрополијата на Киншаса (06.09.2024 21:29)

Со Божја благодат и благослов на Неговата Светост Папата и Патријарх Александриски и на цела Африка г. Теодор II, во Митрополијата на Киншаса, во Конго, се одржаа семинари за монасите и свештениците.
Јуни 30, 2024
Avraamovo.GOSTOLJUBIE

Света Троица во Стариот Завет

„Секоја енергија која од Бога се простира на творевината и се именува со многу имиња, од Отецот излегува, низ Синот се протега, а во Духот Свет се совршува“ (Свети Григориј Ниски, „За тоа дека не смее да се говори за три Бога“). Вистината за постоењето на…

За нафората

HRISTOS.nafora
Нафората е осветен леб,кој бил принесен на жртвеникот и чија средина е извадена и…

Проскомидија

TVIT602
·Што е Проскомидија? Еретиците немаат Проскомидија. Проскомидијата е уводниот дел на…

Јован Дебарски Архиепископ Охридски (30 август/12 септември)

Сеп 13, 2021 Житија 3213
Овој свет и богоносен отец наш Јован Дебранин, Архиепископ Охридски и прв ктитор на…

Свети свештеномаченик Харалампиј

Фев 23, 2020 Житија 7697
ih3387
Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот…

Најново од духовност

Православен календар (2)

 

22/12/2024 - недела

Божикен пост (на риба)

Зачнувањето на Света Ана; Св. Ана, мајката на Пророкот Самуил; Преп. Стефан Новосјаен; Св. Софрониј, архиепископ Кипарски;
Правила и одредби на Православната Црква за постот
Православен календар за овој месец - МПЦ

Кожувчанка

Молитви кон Пресвета Богородица за секој ден во седмицата

 Радувај се, Ти Која од ангелот ја прими радоста на добрата вест дека Бог Слово ќе прими тело од Тебе! Радувај се оти го носеше Создателот во Твојата утроба! Радувај се Ти Која го роди Бога во тело, Спасителот на светот! Повеќе...

Тропар

Тропар на светата Господова пророчица Ана мајка на Пророк Самоил 9 декември / 22 декември 2024

Тропар на светата Господова пророчица Ана мајка на Пророк Самоил 9 декември / 22 декември 2024

Се зарадува душата твоја во Господа,а таа радост по твоите молитви Христос ја пренесе на верните свои,о Ано смирена слугинко...

Тропар на светиот апостол Андреј Првоповикан 30 ноември / 13 декември 2024

Тропар на светиот апостол Андреј Првоповикан 30 ноември / 13 декември 2024

Како првоповикан меѓу апостолите,и брат на врховниот апостол,Андрее, моли го Владиката на сите,мир да ѝ подари на вселената,и на душите...

Тропар на светиот Христов маченик Парамон и другите 370 маченици 29 ноември / 12 декември 2024

Тропар на светиот Христов маченик Парамон и другите 370 маченици 29 ноември / 12 декември 2024

Исповедниче на вистината, сведоку на благодатта, проповедниче на слободата, Парамоне свети мачениче, трубо Божја за сведоштво,оправдание на твоите триста и седумдесет

Духовната убавина на Богородица се пројавува и во моментот на Распнувањето на Нејзиниот Син

Тебе, Богородице поборнице – војвотко, ние слугите Твои, откако се избавивме од зло, Ти пееме победни и благодарствени песни. Ти имаш сила непобедна, од секакви опасности ослободи не за да Ти пееме : Радуј се, Невесто Неневесна! Повеќе...

Болестите според светоотечкото учење

Значи, не се надевај на лекарска вештина без благодат и не ја отфрлај своеволно, туку моли Го Бога да ја спознаеш причината за казната, а потоа моли за избавување од немоќта, трпејќи сечење, горење, горчливи лекови и сите лекарски казни Повеќе...

Свети Лука Симтерополски: Архиепископ и хирург

Едноставно е да се претпостави дека професорот – епископ, соединувајќи го во своите раце крстот и скалпелот, ги порази современиците токму со тоа необично соединување на двете разновидни сфери на активност.  Повеќе...

Духовни поуки: „Помоли се за мене“

Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш - ќе успееш и во едното и во другото. Повеќе...

Живот без стрес

Ако разбереме што се крие зад стресот, ако ја видиме лагата, која што се крие зад него, на крајот ќе увидиме дека не постои причина за да бидеме во стрес.. Повеќе...

Митрополит Струмички Наум - Да пораснеме барем до Стариот Завет

И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака. Повеќе...

Епископ Тихон Шевкунов: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“

Несвети, а свети. Луѓе, кои навидум живееле во нашето секојдневие, се соочувале со проблемите со кои ние се судираме, боледувале од болести од кои ние боледуваме, често осудувани од околината, а сепак, не биле секојдневни. Луѓе, кои не се на иконите, но го предавале животот од иконите во сите нивни дела, зборови, мисли. Луѓе, за кои тишината прозборила дека се свети.  Повеќе...

ГОЛЕМАТА ТАЈНА НА ДИВЕЕВО - Кој ќе доживее, ќе види

Како дополнување на оваа тајна, еве што слушнав од устата на 84-годишната игуманија на манастирот Дивеево, Марија. Бев кај неа во почетокот на 1903 година веднаш по канонизирањето на преподобниот Серафим и заминувањето на царското семејство од Дивеево. Повеќе...

Арх. Калиник Мавролеон: Монологот БОЖЈИ

 

Те гледав кога се разбуди угрово. Чекав да ми кажеш два-три збора, да се заблагодариш за се што ти се случува, да побараш мое мислење за се што треба да правиш денес. Повеќе...

За Моето име

Поуки на грузискиот Старец Гаврил Ургебадзе за последните времиња

 

„Ѓаволот има 666 мрежи. Во времето на антихристот луѓето ќе очекуваат спасение од космосот. Тоа ќе биде и најголемата замка на ѓаволот: човештвот ќе бара помош од вонземјаните, не знаејќи дека тоа се, всушност. – демони.“ Повеќе...

Взбранной Воеводе победительная