Подвижнички поуки на свети авва Доротеј
29. Премудриот Соломон вели: „Каде што нема советувања народот опаѓа, спасението е во многу советници“ (Изрек. 11, 14). Гледаш ли на што нѐ учи Светото писмо? Тоа нѐ учи да не се надеваме на себеси, да не сметаме дека знаеме сѐ, да не веруваме дека можеме самите да управуваме со себеси, зашто, навистина, имаме потреба од помош, имаме потреба некој да нѐ води и да нѐ поучува за Бога. Нема понесреќен и поблиску до пропаста од оние луѓе, кои немаат учител, кој да ги води по Божјиот пат. Зошто, што значат зборовите: оние што немаат водач и управител – паѓаат како лисја? – Листот од почетокот секогаш е зелен, сјаен, убав, а потоа постепено бледнее, се суши, паѓа и бива изгазуван. Така е и со човекот, кој нема духовен учител, од почетокот секогаш има усрдност спрема постот, бдеењето, безмолвието, послушноста и спрема другите добродетели, а потоа неговата усрдност постепено истинува и, бидејќи нема никого, кој да го подучува, да го подржува и да ја разгорува неговата усрдност, - тој почнува да се суши, да паѓа и, најпосле, станува немоќен роб на своите непријатели, кои почнуваат да прават со него сѐ што сакаат.
30. За оние, кои ги откриваат своите помисли и постапки и сѐ што прават го прават по совет на својот духовен учител, премудриот Соломон вели: „Спасението е во многу советници“ (Изрек. 11, 14). Тој не вели: „Во советот на многумина“, за да не се советуваме со секого, туку дека треба да се советуваме за сѐ и, се разбира, со оној, во кого имаме доверба; и да не кажуваме едно, а друго да премолчуваме, туку пред него да се откриваме и да се советуваме за сѐ. Ваквиот ќе може да се спаси.
31. Кога не ги откриваме нашите мисли и намери и не бараме совет од опитните, тогаш се раководиме со својата волја и со она што сметаме дека е правилно. И тогаш, правејќи навидум добро, ние самите си поставуваме мрежи и загинуваме, без да сме свесни за тоа. Зашто, како можеме да ја разбереме Божјата волја и потполно да ѝ се предадеме, ако си веруваме на себеси и ако се раководиме со својата волја? Затоа авва Пимен вели: „Нашата волја е бронзена врата меѓу човекот и Бога.“
32. На оној, кој му верува на својот ум и кој ѝ се предава на својата волја, нашиот непријател, ѓаволот, му го приготвува паѓањето како што сака. Тој не може да му се приближи на оној, кој сѐ што прави – прави по совет. Затоа тој ги мрази и допрашувањата и поученијата, го мрази и самиот глас, самиот звук на тие и такви зборови. И да кажеме ли зошто го прави ова? – Затоа што знае дека неговата злоба се открива веднаш штом ќе се постави прашањето за она што е корисно. А тој од ништо не се плаши толку, колку што се плаши да не биде распознаен, зашто тој тогаш не може подмолно и лукаво да нѐ искушува, како што сака. Кога некој прашува и бара совет од некого, што е искусен, а тој му каже: „Ова прави го, а она не прави го“ или: „Сега не е време за таква работа“, или: „Сега е време да се направи тоа и тоа“; тогаш ѓаволот не наоѓа на кој начин да му нанесе штета и како да го турне, бидејќи тој брат секогаш се советува и од сите страни се заградува, а на овој начин на него се исполнува реченото: „Спасението е во многу советници“ (Изрек. 11, 14).
33. Демонот ги сака оние што имаат доверба во својот разум, затоа што тие самите на тој начин си прават стапици. Јас не знам за друго паѓање на монахот, освен тоа кога тој му верува на своето срце. Некои мислат дека луѓето паѓаат во грев од повеќе причини, а јас не знам друга причина, освен за тоа – кога човекот го прави тоа што го сака, кога ја извршува својата волја. Видиш ли човек, кој паднал во грев, знај дека се раководи со својот ум и со својата волја. Од ова нема ништо поопасно попогубно.
Извор: ДОБРОТОЉУБИЕ, Том II.
Друго:
За Преминпортал
Подготви: Светланка Трајчева
22-ри јуни 2018 лето Господово
Друго:
- Поуки од Светите Отци
- Какo да гo пoбeдимe нeпријатeлствoтo на нашитe нeпријатeли? (17.02.2018)
- Св. Јован Лествичник - За земното небо и воскресението
- Свети Јован Лествичник - За борбата со осумте главни страсти
- Подвижнички поуки од светите преподобни оци Варсануфиј и Јован